ЧИСТИОТ ПРОФИТ Е „ЧЕПНАТ“ ВО ОДНОС НА ЛАНИ, НО ИМАШЕ И ДОБРИ ПРИЧИНИ - „Макстил“ продолжува со стабилен бизнис и најавува подобри резултати
Објавено во: Економија 05 Август, 2024
Профитот можеби е малку „чепнат“ во однос на истиот период од минатата година, ама тоа не треба никого да вознемири. Напротив, финансискиот резултат на челичарскиот гигант во земјава „Макстил“, е бројка која е сосема солидна, особено ако се има предвид во какви услови е остварена, но и поради фактот што во голем дел се дожи на нови инвестиции, кои треба да обезбедат стабилен бизнис во иднина.
„Макстил“ во првите шест месеци од годинава оствари чиста добивка од 2,5 милиони евра, што покажува намалување за 17 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Од компанијата во пошироко образложение и објаснуваат на инвеститорската јавност зошто дојде до ова намалување на профитабилноста.
Имено, како што велат, глобалниот економски развој во текот на првата половина од годинава почна да бележи многу мали знаци на подобрување, но тој и натаму останува кревок под влијание на високата инфлација, високите трошоци, како и зголемените геополитички несигурности и силно монетарно затегнување. Под влијание на овие фактори и растот на глобалната побарувачка на челик останува слаб. Состојбата на пазарот во ЕУ е стабилна, нивото на нарачки е високо, а од почетокот на годината е забележан благ пад на цените на лимовите. На овој пазар јавните проекти и натаму се најзастапени, со значително променета дисперзија по земји во одност на минатата година. Пласманот на лимови во Германија бележи намалување заради рецесијата, во Италија е стабилен, а во земјите на Источна Европа бележи зголемување. Во Турција заради инфлаторните проблеми наплатата на побарувањата се одвива отежнато, но индустријата работи стабилно, особено делот на бродоградбата. Пласманот во земјите на ЦЕФТА постојано се зголемува, особено во Србија, во делот на јавните проекти.
„Макстил“, како многу значаен регионален производител на топловалани дебели лимови, за првите шест месеци од годинава оствари приходи од работењето од 66 милиони евра, и тоа главно се должи, односно со 99 отсто, на приходите од продажбата. Или, приходите се намалени за 5 отсто, а тоа главно се должи на количинско намалување на продажбите по договор за преработка.
Во првите шест месеци од работењето остварените расходи изнесувале безмалку 59 милиони евра, и од нив трошоците за производство се носечка ставка и во структурата на вкупните расходи учествуваат со 91 отсто. Споредено со истиот период во 2023 година расходитесе пониски исто така за 5 отсто.
Добивката пред оданочување во извештајниот период е 2,75 милиони евра, што е за 17 отсто намалување во споредба со остварената во првото полугодие од 2023, додека нето добивката е 2,5 милиони евра.
„Намалувањето на добивката главно се должи на намалената реализација кај продажбите по договор за преработка и зголемените трошоци за амортизација заради активираните инвестиции во изминатиот период“, се вели во образложението. .
Над два милиони евра исплатила компанијата во првото полугодие за инвестиции, со цел одржување во кондиционата спремност на инсталираната опрема, подобрување на безбедноста при работа како и модернизација на сегмент од постројка за подобрување на процесот на леење слабови.
„Обврските по кредити изнесуваат 32 милиони евра милиони денари и се намалени во однос на декември 2023 година за 12 отсто како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии, велат од компанијата.
Производниот погон Челичарница во наредниот период ќе работи континуирано, бидејќи снабдувањето со увозни слабови и понатаму е отежнато заради руско-украинскиот конфликт. Во погонот Валавница производството се одвива стабилно, пред сѐ заради високото ниво на нарачки. За третиот квартал, се предвидува благ пораст на цените на лимовите, кој се очекува да продолжи и во четвртиот квартал од годинава. Транспортот, особено камионскиот се одвива непречено, додека кај железничкиот повремено има застои кои воглавно произлегуваат од недостатокот на локомотиви. Цената на транспортот е стабилна, поради надолниот тренд на цената на нафтата. Во погонот Валавница планирани се поголеми инвестиции во функција на надминување на тесните грла како и прилагодување на барањата на коминтентите“, ги кажуваат од компанијата очекувањата за следниот период.
„Макстил“ има и многу убава вест, а таа е дека покрај обезбедување на приватно здравствено осигурување, направиле нагорна корекција на платите, а исплатиле и регрес за годишен одмор.
Н.Н.Ф.