28 Септември, 2024
0.0241

Чудесната Куба со чудесни закони

Објавено во: Анализа 02 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Автомобилските дилери во Куба продале само 50 автомобили и четири моторцикли од почетокот на 2014 година, кога престана да дејствува ограничувањето за поседување на моторни возила, досега. Цените сепак таму се толку високи што малкумина успеале да си ги дозволат. Измачените Кубанци го поздравија новиот закон, кој стапи во сила во јануари, но брзо беа разочарани, откако беа сведоци на исклучително зголемените цени - до 400% поскапи од нормалните. Големите семејни автомобили се тргуваат по цени, колку што и европските спортски модели. Куба соопшти дека ќе инвестира 75% од приходите од продажбата на нови автомобили во својот слабо развиен систем на јавен превоз. Но вкупната продажба на 11 национални дилери во земјата достигнува само 1,280 милиони долари во првите шест месеци од годинава, соопшти официјалниот сајт Cubadebate.com, повикувајќи се на Исет Васкез, потпретседател на државното претпријатие Corporacion CIMEX. Пред 1 јануари 2014 година Кубанците требаше да имаат дозвола од властите, за да купат автомобил од државната компанија која продава нови и користени автомобили. Повеќето од продажбите оваа година изгледа се на половни автомобили, со оглед на просечната продажна цена од 23 759 долари за возило, вклучувајќи ја и таа за моторџиите. Застапништвото на Peugeot во Хавана го проценува моделот Peugeot 206 од 2013 година на 91 000 долари по влегувањето на новите правила во сила, и бара 262 000 долари за Peugeot 508. Овие цени се незамисливи за повеќето луѓе во Куба, каде што повеќето државни службеници добиваат 20 долари месечно, и предизвикаа силни протести. Високите цени предизвикаа исто и незадоволство кај странските компании и потенцијалните инвеститори, кои имаат потреба од одобрение од државата за увоз на нови или користени автомобили без голема маржа. Во моментов Куба одвива фазна либерализација на трговијата со автомобили. Прво во 2011 година државата им дозволи на граѓаните да продаваат и купуваат користени автомобили еден од друг. Пред тоа во слободна продажба беа само автомобили, кои биле во земјата пред револуцијата од 1959 година, кога на власт доаѓа Фидел Кастро. Тоа е и причината во Куба да има толку многу американски ретро автомобили од 50-тите години од типот на Chevy и Buick. Вообичаени се и советските лади, кои биле многу популарни пред 1991 година. K.K.