01 Декември, 2024
0.0382

Црвените линии од Западот заминуваат во минатото – каква е иднината во Украина?

Објавено во: Колумни 03 Јуни, 2024

Добивај вести на Viber

Од почетокот на војната во Украина Западот си беше поставил „црвени линии“ во поглед на спротивставувањето на Русија по нејзината инвазија во Украина. Најнапред на Украина и беа давани само нелетални оружја, за постепено тие линии да се бришат. Па дојде бришење на линиите за одбранбени оружја, па оклопни возила, па тенкови, па инструктори, па авиони...Најновото  решение на „колективниот“ Запад избриша уште една „црвена линија“, кој знае која по ред. Овој пат на Украина и се дозволува  да врши удари со западното оружје. Американците ги ограничуваат на територии во Русија блиски до Харков, а некои земји се решија на безграничност во користењето на оружјата.

Не дека и досега Украина не нанесуваше удари во руска територија со западно оружје. Сега тие се официјализираа. Американскиот претседател Џо Бајден „скришно“ донесе одлука. Забраната за користење нивно оружје на руска територија ја потврди државниот секретар, Ентони Блинкен. Ударите врз руска територија сега се можни. И не само на територијата околу Белгород, кој и досега е најнапаѓана руска територија, и како место од каде што се напаѓа Харков, туку и кај делот од Суми. Белгородската област и досега беше напаѓана со беспилотни летала, артилерија и ракети од страна на украинската војска. Но сега ќе можат да се бомбардира и позадината и се што има таму, а беше недостапно за Украинците со нивното оружје.

Поводот за одлуката, како што пренесоа медиумите, беше офанзивата на Русите кон Харков. Во четвртокот, Politico, напиша дека во САД сериозно се разгледува можноста за промена на политиката после почетокот на нападите кон Харков. Во мај имало затворен брифинг во Конгресот и таму од законодавците било побарано претставниците на Пентагон да ги олабават ограничувањата во поглед на користењето американско оружје за удари врз руската територија. Вчера координаторот за стратешки комуникации на Советот за безбедност на САД, Џон Кирби, во интервју за  ABC Newsја коментираше одлуката на Бајден. „Претседателот ги разгледа размислувањата на  тимот од различни институции, се увери дека ги разбрал последиците од нивното барање, а потоа го одобри... Претседателот изјави дека не сака да биде одговорен за започнување на трета светска војна“, рече Кирби. Тој додаде дека цели на ударите на украинските воени сили се позициите на руските сили, огнени позиции и логистички бази. Решението на Бајден за користење американско оружје за удари врз Русија не се однесува на ракетите ATACMS.

МЕЃУНАРОДНО ПРАВО

Прашањето дали да и се дозволи на Украина да нанесува удари врз руска територија со западно оружје, во Европа и во САД поинтензивно се разгледуваше во мај. На 20 мај украинскиот претседател Владимир Зеленски се пожали дека странските партнери не даваат согласност за удари, дека Киев не ја нарушува таа забрана, меѓутоа се труди да ги убеди да ја симнат. Една недела подоцна, во Бугарија, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Украина треба да има можност да го користи добиеното оружје од Западот за удари врз „легитимни цели“ на територијата на Русија, бидејќи без тоа „тешко би се одбранила“. Во САД најнапред не се согласија со ваквиот став на Столтенберг, но набрзо го прифатија. Претходно и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон зборуваше за давање согласност на Киев да користи британско оружје за удари врз Русија, но по руската реакција со контраудари врз Британија, дури и Американците реагираа негативно на намерите на Британија. Инаку на Запад велат дека меѓународното право овозможува земја да се брани и на територијата на земјата која напаѓа. Во случајов Украина би имала право да ја напаѓа територијата на Русија.  

Реакциите на Русија не се чекаа долго. Рускиот претседател Владимир Путин од Ташкент, каде што беше во официјална посета на Узбекистан, пред да се донесе одлуката на САД, и се закани на Европа со „сериозни последици“, доколку на Украина и се дозволи да користи на руска територија, прецизно оружје со долг дострел со кое ја снабдува Западот. Тој ги спомена претставниците на НАТО од Европа, особено од малите земји, веројатни мислејќи на „највоинствените“ од Балтикот и оние кои немаат нуклеарно оружје, дека треба да разберат со што си играат. Затоа што Русија може да презема контрамерки. Путин на средбата со новинарите, укажа на британските крстосувачки ракети Storm Shadow и алудираше на француските ракети SCALP и американските ракети HIMARS, велејќи дека овие модерни системи не се управувани од украински војници, туку од висококвалификувани експерти на НАТО врз основа на податоци од сателитски извидувања. Украинската армија до сега главно го користеше ова оружје за напади врз руски цели на окупираните територии, вклучувајќи го и Крим  Но Русите тврдат дека е користено и врз нејзина територија. Путин порача дека европските земји не треба да заборават дека нивните територии не се големи и дека се густо населени.

Рускиот претседател го спомна и Јенс Столтенберг, и неговите искажувања на  парламентарното собрание на НАТО во Бугарија, кога рече дека верува оти Украина може да гаѓа воени цели на руска територија со западно оружје и дека станува збор за правото на самоодбрана. Путин остро го критикуваше. Според него, таквото одобрување од западните земји би претставувало директна конфронтација меѓу Русија и Западот, при што потсети на руското нуклеарно оружје, „ постојаната ескалација може да доведе до сериозни последици. Ако тие сериозни последици дојдат во Европа, како ќе се однесуваат САД, имајќи го предвид нашиот паритет во сферата на стратешко вооружување? Тешко е да се каже“, рече Путин. Тој ја коментираше и изјавата на врховниот командант на украинската армија Александар Сирски за присуство на официјални француски платеници од Легијата на странците на територијата на Украина. „Русија одамна знае дека тие се таму, меѓутоа, сега сакаат да ги легализираат. Се’ што се случува е ескалација и уште еден чекор кон глобален конфликт“, изјави рускиот претседател.

„ЦРВЕНИ ЛИНИИ“

Откако десетина западни земји дозволија удари со нивно оружје врз руска територија и коментарите и изјавите на Путин, би можело да се зборува и за рускиот одговор или реакција на решението на Западот. Во Русија речиси две години постојано се споменуваа некакви „црвени линии“, но тие беа бришени од Западот, а одговор немаше кои се тие линии? Се разбира ако се исклучат интензивните удари на Русија, како одговор на украинските напади врз Кримскиот мост. „Црвена линија“  е и нападот врз територијата на Русија.  Одговорот за такво нешто би можел да биде и нуклеарен. А токму нуклеарното оружје е она што го спречува Западот и НАТО отворено да се мешаат во војната во Украина. Неодамна во Русија имаше воени вежби за користење на тактичко нуклеарно оружје. Ова како потсетување на Западот дека и таквото оружје може да биде дел од војната во Украина. Се зависи од тоа како ќе се однесува Западот. Користењето на тактичко нуклеарно оружје би бил знак дека Русија губи тло под нозете. И може да доведе до отфрлање на Русија од страна на многу држави, кои сега не ја напаѓаат, за она што се случува во Украина. Но доколку се изврши удар врз земја членка од НАТО, тогаш последиците би биле многу потешки. Се’ до нуклеарен удар врз Русија и светска војна.

На ваквата опасност укажаа и во Ватикан, после носењето решение Украина да може да удира врз руски територии. Државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, смета дека користењето на оружје дадено од НАТО на Украина, врз територијата на Русија, ќе значи „неконтролирана ескалација“. Италијанската агенција ANSA го цитира Паролин кој вели дека можните удари на Украина врз Русија со натовско оружје :„треба да ги беспокои сите оние на кои им е блиска судбината на нашиот свет“. Според Паролин: „Тоа  може да предизвика ескалација, која веќе никој не  може да ја контролира. Тоа е многу тревожна перспектива“. Патем, во средината на месецов во Италија ќе се одржи самит на Г-7, а на кој е најавено присуство и на Папата. Се разбира на Зеленски, но и на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Интересен состав на гости, кој доволно зборува дека таму многу ќе се зборува и за Украина.

Во случај да дојде до голема ескалација со користење на западно оружје врз руска територија, рускиот одговор би зависел од големината на ударите и последиците од нив. Западот сега најверојатно смета дека Русија нема да преземе ништо, имајќи го искуството до сега, кога тој ги газеше „црвените линии“, а Русија не одговараше соодветно на нив. Можеби и немала потреба. Но како и да е, факт е дека Западот во тој поглед е во постојана офанзива. Постојано напаѓа. Сега на Русија и останува да цени дали да ги преземе крајните мерки во борбата со Западот. Досега војната од страна на Западот најмногу беше посредна. Иако тамошни политичари изјавуваа дека војуваат со Русија,. На пример германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок. По што мораше да се „вади“ за дадената изјава. Демек не е Западот во војна со Русија, туку Русија со Украина. А факт е дека во Русија има инструктори( доброволци) од Западот, некои веќе се вратени во ковчези во матичните земји.  

ЧУДО-ОРУЖЈЕ

Крајна варијанта на Русите во случај на ескалација е користење на тактичко нуклеарно оружје во Украина или пак да удри врз некои земји членки на НАТО. Малите, како што ги спомна Путин. Било со нуклеарно, било со класично. Колкава треба да биде ескалацијата, па Русија да презема такви чекори? Се зависи какви се целите на Западот. Таму постојано се вели „до победа на Украина“. Но што е победа на Украина во моментов? Ако се види сегашната ситуација, иницијативата на воен план ја има Русија. Украинските обиди пропаднаа по неуспешната офанзива минатата година. Оттогаш наваму од ред причини, внатрешни и надворешни, Украина е во подредена состојба и постојано губи мали територии. Кавгите во воено-политичкиот врв во Украина си го направија своето.  Немањето доволен број војници и американскиот притисок и начинот на мобилизација, внесоа напнатост кај населението во земјата. Влечкањето со испорака на оружје од Запад и пари од САД, исто така си го направија своето. Се зборува дури и за кавги меѓу САД и Украина. Поточно Зеленски и САД. Украинскиот претседател е постојано незадоволен од односот на Американците. Дури му пречат и оние кои се стационирани во Киев. Велат дека последната посета на Блинкен на Киев минала со кавга. Околу корупцијата, но и некои кадровски смени на луѓе кои биле блиски на Американците. Како и да е, како и порано, Американците не ја забораваат Украина.  Нивните интереси се поголеми од моменталните кавги со украинската власт.

Украина денес не може да освојува територии кои се под руска власт. Дури и оние украински, кои Русија официјално ги присоедини по освојувањето. Па Русија би можела да излезе на крај со западното оружје, односно не би морала да ги бомбардира териториите на соседните земји, сојузници на Украина. Дури и да дојде до официјално испраќање западни инструктори во Украина. На Украина и е потребно чудо-оружје за да направи нешто повеќе. Како што велеше сменетиот главен командант, Валериј Залужњи. А такво оружје денес нема. Залужњи велеше: „Тие не гледаат, ние ги гледаме“, мислејќи на користењето на беспилотни летала, па оттука и тешкотиите за пробив на една или на другата страна. Оттука и оружјето што и е дадено на Украна и дозволата да ги бомбардира руските територии, значи дека Западот ја „дозира“ Украина за одбрана. Да не загуби нови територии. А ако има можност некоја наредна година и да прејде во контраофанзива. Но, до тогаш многу работи ќе се сменат. А може да дојде и до смени во Украина и во НАТО и во ЕУ и во САД. Само смените во Британија и во Балтичките земји и Полска не носат промени кон Русија.

Има мислења дека времето сега работи за Русија. Украина е истоштена од војната. Западните земји, колку и да сакаат да даваат пари за Украина и тие си имаат свои проблеми да ги соберат тие пари. И нивните економии не се баш најдобри. Голем број држави, а и најглавните од „Глобалниот југ“ не воведоа санкции кон Русија, тие нема да дојдат и во Швајцарија на 15 и 16 јуни за да ја поддржат„формулата на Зеленски“ за мир во Украина. Оттука Русија и не ќе мора многу да се напрега околу одбраната од западното оружје. Напротив, таа би можела да преземе офанзиви и на други делови од фронтот.  Се’ до оној момент, ако Западот види дека Украина оди кон пораз и реши да праќа свои  војски на фронтот. Што пак ќе ја сврти светската јавност, не западната и прозападната, во полза на Русија. А со тоа неа ќе и бидат „простени“ и некои поенергични движења. На руската јавност која смета дека Русија води војна со Западот, а не со Украина, ќе и се потврди тој факт. И таа ќе ги поддржи мерките што ќе ги преземе Русија за натамошна ескалација на војната. Да нема заблуда. Војната ја истоштува и Русија. И таму се чувствуваат последиците, економски пред се’, од војната. Но се’ ќе биде заборавено, „ако се победи Западот“.

Работите во Украина сега ќе тргнат по друг тек. Но со неизвесен епилог. Пред некоја година полскиот весник Gazeta Wyborcza излезе со наслов: „Москва е имуна на логиката на расудување, но подложна на логиката на сила“. Парафразирајќи го американскиот дипломат Џорџ Кенан. И неговата „Долга телеграма“ од 1946 година. Западот очигледно се’ уште мисли со наративите од пред речиси 80 години. Кенан зборува за Советскиот Сојуз. Не за Москва, ниту за Русија. Целиот цитат од каде што е земен погорниот наслов во весникот е:„Советската моќ, за разлика од моќта на Хитлерова Германија, не е ниту шематска ниту авантуристичка. Таа не следи строго поставени планови. Таа не презема непотребни ризици. Имуна на логиката на расудувањето, таа е многу подложна на логиката на силата. Поради оваа причина, таа лесно може да се повлече - што обично го прави - во секое време кога ќе наиде на силен отпор. Така, ако противникот е доволно силен и јасно покажува подготвеност да ја употреби својата сила, тој ретко ќе мора да употреби сила“. Засега ова не важи. Која е силата што треба да ја употреби Западот? За Русија да се повлече. И зошто САД досега не ја употребиле? Сите забораваат што кажува Кенан за Русија и Украина. Или пак за односот на САД(западот) кон Русија по падот на Советскиот Сојуз. За ширењето на НАТО. За последиците од нееволуираниот приод кон новата реалност. Но тоа е посебна тема за обработка.

Во меѓувреме да ги почекаме резултатите од средбата на Г-7 и Кенференцијата во Швајцарија посветена на украинскиот „мировен план“.


 


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.