ЦРВЕНИТЕ ПИПЕРКИ ЈА ТРЕСАТ МАКЕДОНИЈА: Државниот инспекторат за земјоделство врши контроли кај извозникот, откупувачите и земјоделците
Објавено во: Економија 07 Октомври, 2025 14:29
Се вршат контроли и надзори кај извозникот, откупувачите и индивидуалните земјоделски производители по нотификациите од RASFF системот и официјалното известување од Хрватска за утврдено присуство на пестицидот метомил во свежа црвена пиперка увезена од Македонија, информира Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ).
Станува збор за пратка од околу 15 000 килограм пипер. Извозникот не е производител, пиперот го купил од други правни субјекти кои вршат откуп од индивидуалните производители.
- Извозникот има извршено повеќе лабораториски анализи за присуство на пестициди во црвена пиперка од почетокот на берба на годинашната реколта при извоз и продажба, и тоа во акредитирани лаборатории во земјата и во други држави и до овој момент нема добиено резултати за зголемено количество на резидуи од фитофармацевтски производи или присуство на недозволени фитофармацевтски производи, наведува ДЗИ.
Според официјалното известување добиено од Хрватска, во земениот примерок е утврдено присуство на активна материја метомил во количина од 0,049 mg/kg – ppm. Пратката со свежа црвена пиперка e извезена на 09.09.2025 година, а по извршената контрола на граничниот премин при влез во Хрватска не е запрена и дозволен и е влез во Хрватска. Примерокот за анализа е земен на 23.09.2025 година од малопродажната мрежа, а информацијата од RASFF системот е добиена на 03.10.2025.
-Пиперките не се вратени во Македонија, но немаме информација за постапувањето на хрватските инспекциски служби - дали пиперките се повлечени од продажба или се уништени, потенцираат од Инспекторатот.
Оттаму напоменуваат и дека согласно овластувањата од Законот за Фитофармација, државните фитосанитарни инспектори вршат редовни и вонредни надзори во делот на увозот, дистрибуцијата и употребата на фитофармацевтските средства, односно надзорот се врши при увоз, на граничните премини, во складиштата и во земјоделските аптеки, како и кај крајните корисници – индивидуалните земјоделски производители.
-Фитофармацевтски производи кои содржат активна материја метомил се забранети за увоз, продажба и употреба, а доколку се затекнат вакви производи кај спомнатите субјекти, се преземаат соодветни санкции. Исто така се вршат контроли и кај индивидуалните производители за видот на фитофармацевтските производи кои ги користат, како и за начинот на апликација, за што секој производител согласно законските прописи е должен да води соодветна евиденција, објаснуваат од ДЗИ.
Контролите кои се во тек се вршат заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство. По завршувањето на инспекцискиот надзор, ќе ДЗИ, како што подвлекува, ќе има повеќе информации.
Можеби ќе ве интересира
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?




