Цвета трговијата со злато во Србија
Објавено во: Балкан 15 Мај, 2013
Со злато се тргува на секој агол, но се чини најмалку во златарите кои треба да се занимаваат со тоа. МОНДО истражуваше колку тој бизнис е легален.
На улиците во Белград има многу менувачници кои покрај најповолен курс во градот, нудат и откуп на злато, а во последно време бодат очи и продавници кои се занимаваат само со откуп на скапоцени метали.
Иако некој би помислил дека во 90-тите години продадовме се што имавме, граѓаните во фиока сепак оставиле по нешто, бидејќи како што ни рекоа неколку менувачници и продавници за откуп на злато, работа има.
Цените на златото во златарите, менувачниците и продавниците за откуп на злато се разликуваат и за 1.000 динари. За грам најевтино 10 каратно злато се плаќа 850 динари, 14 каратното е од 2.000 до 2.500 динари, зависно од откупувачите, додека најскапото злато со највисоки карати е од 3.300 до 3.600 динари. Цената на среброто е 50 динари по грам.
Продавач во една продавница за откуп на злато за МОНДО вели дека доаѓаат и стари и млади, како и дека се продава се и сешто. – Постари госпоѓи продаваат најчесто прстени, синџирче, но и нараквици и обетки, но не е реткост да се продаваат и златници добиени во наследство или при раѓање на дете, што главно ги носат помлади муштерии.
Во тие т.н. златари работниците на самото место проверуваат дали некој накит кој е донесен на продажба е навистина изработен од злато.
- Прво загребуваме дел од накитот на камен предвиден за таа намена, а потоа истураме оцет, во процент кој зависи од каратите. Ако има реакција, значи дека не е злато – објаснува работник во една продавница за откуп на злато.
Истото ова го прават и во златарите кои се занимаваат со продажба и производство на злато со децении, како и во менувачниците.
Златарите ја обвинуваат државата
Меѓутоа, златарите се лути на државата која дозволува на менувачниците и на продавници за откуп да мешетарат со цената и откупот на златото, бидејќи сметаат дека граѓаните се излажани.
Познатиот белградски златар и претседател на Здружението на златари во Белград, Коста Андрејевиќ вели дека тие ново отворени златари и продавници за откуп не ги доживува како конкуренција, бидејќи со својата повеќедецениска работа, стекнал верна клиентела.
- Нивната заработка е околу 10 отсто во однос на нас, а јас ќе го платам златото и по пониска цена, па потоа финален производ ќе продадам по берзанска – вели Андрејевиќ.
Според него најголем проблем е што меѓу откупувачите на злато има измамници. - Слушнав дека некои откупувачи на злато кога ќе им се јавите на телефон и ќе ги прашате за цената даваат многу неточни одговори, па така велат дека за 14 каратно злато плаќаат од 1.600 до 2.300 динари за грам, што во старт делува чудно, бидејќи разликата е голема. Многу златари и не даваат потврди на граѓаните, а тоа е еден од начините да се следат тековите на златото.
- Порано златото беше поевтино. Во последните неколку години цената на златото три пати се зголеми, па сега грам е и до 40 евра, па секако дека тоа е извор на поголема заработка. Прашање е кој се го контролира тоа, дали инспекциите проверуваат дали се издаваат потврди за откуп. Имаат ли печати, каде оди тоа злато – потенцира Андрејевиќ и додава дека не му е јасно на кого му е во интерес златото да излегува од земјата.
Неговото мислење го делат уште неколку белградски златари, кои сметаат дека златото сепак треба да се предаде на Народната банка на Србија и да постојат златни резерви.
Тоа што нив исто така им е трн во око, како што велат тие е тоа што денес речиси секој може да отвори златара, иако ништо не знае за тој занает и сметаат дека многумина ги користат дупките во законот, бидејќи купуваат само една или две машини за преработка и производство на злато, а потоа врз основ на тоа отвараат десетина објекти за откуп.
Законот се почитува
Законот за контрола на скапоцени метали пропишува дека со откуп можат да се занимаваат само тие кои произведуваат предмети од скапоцени метали.
Како што рекоа за МОНДО од Дирекцијата за мерење и проценка на скапоцени метали, откуп на употребувани предмети од истите метали може да врши само производител кој ги исполнува барањата пропишани со Закон, т.е. кој е регистриран за вршење на дејност на производство на предмети од скапоцени метали, кој има знак од производителот и кој во своите простории на видно место има решение за знакот за произодителот.
Во дирекцијата велат дека повеќето регистрирани златари го почитуваат законот и правилниците, но истакнуваат дека токму поради се поголемиот број на регистрирани производители, контролата е зајакната.
- Злато можат да откупуваат само официјално регистрирани златари. Прво во Агенцијата за стопански регистри мора да се заведат дека се занимаваат со таа дејност, а потоа да поднесат барање за определување на знак на производителот. Потоа се добива жиг, форма и иницијали во тој облик, што е карактеристика на секој производител, бидејќи тоа всушност е и потврда дека ги произвел тие предмети. Инаку од 1 мај почнаа да важат нови дополнителни правила кога се работи за условите за добивање на знак на производител на предмети од скапоцени метали – велат во Дирекцијата.
Идните златари според тој правилник треба да набават машини за валање, топење на злато, пресување, но и ситна опрема која подразбира пробен камен, соодветни пробни игли, пробна киселина за проценка на каратите на златото, вага за мерење, лупа, клешта, пинцети, турпии...
Меѓутоа, со законот јасно е прецизирано дека ако продажбата и откупот на златото е во посебна просторија, т.е. посебен објект, тогаш неопходно е регистрираниот производител да ја има само оваа ситна опрема.
Во Дирекцијата велат дека повеќето откупувачи на злато го почитуваат законот, иако некои се занимаваат само со откуп.
Откупеното злато оди за извоз
И додека некои откупувачи златото од граѓаните го откупуваат и го користат за производството на нови предмети, има и такви кај кои златото само поминува низ нивни раце, а завршува некаде во странство.
Како што ни рече еден сопственик на менувачница, тој откупеното злато го продава во Хрватска, но слушнал и дека многу колеги го препродаваат на поголеми трговци кои повторно го извезуваат во некоја странска земја.
А за да се извезе злато треба само дозвола од Министерството за внатрешна и надворешна трговија.
Во министерството за МОНД рекоа дека за увозо и извоз на злато задолжително мора да се има дозвола како и тоа дека според Законот за надворешно трговска дејност во Службен весник мора да се објави список на стоката за чиј увоз или извоз треба дозвола. - Златото може да се извезува необработено или во фомра на полупроизвод или во прав, т.е. немонетарно злато (прав, полупроизводи, необработено, шипки, жици, ленти), како и монетарно злато, наведуваат во министерството и додаваат дека не постојат пропишани услови за занимавање со увоз и извоз на овие производи, како ни квантитативни ограничувања.
- Дозволата се издава на период од шест месеци, а бројот и динамиката на поединечни испораки во рамки на дозволената количина не се ограничени. Барање за извоз на злато се поднесува со потребната документација од Министерството, за за вршење на извоз и увоз на производи од скапоцени метали не постојат никакви посебни ограничувања, дури ни квантитативни.
Во ова министерство потенцираат дека кон крајот на ланската и почетокот на оваа година е зголемен бројот на барања за издавање на дозволи за извоз на злато и дека е забележан зголемен број на барања за извоз во Хрватска и Австрија.
- Од година во година има се повеќе барања. Во 2012 година извезено е 88 отсто повеќе злато од 2011 година, но тоа е показател дека се повеќе луѓе од оваа дејност го почитуваат законот – велат во министерството.
И иако можеби ни изгледаше сомнително што продавници за откуп на злато никнуваат како печурки по дожд, сепак се е легално. Секако, сигурно дека има и такви кои се надвор од државната контрола, т.е. не се регистрирани како златари, а сепак тргуваат со злато.