ДА НЕМА НЕПОТИЗАМ, КЛИЕНТЕЛИЗАМ И КРОНИЗАМ - законите се „скроени“, ќе го департизираат ли јавниот сектор
Објавено во: Македонија 23 Септември, 2021
Законите кои треба да ја направат департизирана и деполитизирана јавната администрација, но и да ги избегнат во неа појавите на непотизам, клиентелизам и кронизам, се веќе подготвени во форма на нацрти на законски решенија.
На ЕНЕР е објавено дека пред неколку дена завршил рокот за консултации за законите за вработени во јавниот сектор и за административни службеници, кои во својата нацрт верзија се веќе и поставени на оваа платформа.
Пред неколку дена, министерот за информатичко општество и администрацијаЈетон Шаќири, заедно со вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, одржале средба со претседателката на ДКСК, Биљана Ивановска, токму со цел да се претстават пред оваa комисија новите закони за вработени во јавниот сектор и за административни службеници. Ова, како што нагласуваат, е една од мерките од владиниот План за борба против корупцијата. Министерот Шаќири на средбата изјавил дека сите препораки се имплементирани во новите нацрт закони.
„Овие закони директно влијаат на целосната деполитизација на државната администрација и ги поставуваат темелите на вредностите и меритократијата за да се стигне до работното место или унапредувањето. Ние сме решени да ги завршиме овие реформи“, рекол тогаш Шаќири.
Инаку, како што е познато, овие два закони се донесени во 2014 година, а почнаа да се применуваат во 2015. Оттогаш досега Законот за вработените во јавниот сектор претрпе неколку измени, поради проблеми со кои институциите се соочува при неговото спроведување во пракса. Од друга страна, многу од одредбите од законот, поради нивната комплексност, останаа неприменливи. МИОА пред две години сакаше да се направат измени на овие закони, но потоа се сфати дека е најдобро да се донесат нови законски решенија.
За Законот за вработените во јавниот сектор, чии клучни задачи се да се регулираат постапките за вработување и унапредување, дисциплинската постапка и постапката за управување со ефектот на овие вработени, како што велат од Владата, во изминатите години не биле исклучени заобиколувања и злоупотреби на постапките за вработување, кои во последно време се констатирани и од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Клучни проблеми што се јавиле биле недостиг на јасно дефинирани цели и надлежности на Мрежата за управување со човечки ресурси, особено на ограничувањето на делување само на административните службеници, и бавното „заживување“ на нејзината функција, потоа, дел од поимите во законот се недоволно јасни и прецизни и отсуствуваат дефиниции за одредени поими, дел од начелата не се регулирани, недостигаат јасно наведени права, должности, забрани и обврски за вработените во јавниот сектор, отсуство на етички кодекс за сите вработени во јавен сектор, ограничувања на бројот на систематизирани места во актите за систематизација, честа промена на актите за внатрешна организација, особено на актот за систематизација на работни места, премногу сложена и комплексна постапката за донесување на годишни планови, без да го даде очекуваниот ефект; но и можност за многу измени во текот на годината.
Како недостиг се забележал и фактот што нема никакви ограничувања ниту пак пропишана постапка за вработувања на определено време преку Агенции за привремени вработувања, a притоа оваа можност често се користи како замена за вработувањата на службеници на неопределено време, како и за раководни позиции, при што се заобиколува законската процедура.
И пандемијата покажа некои слабости на законот, а тоа е дека во услови на пандемија, нема соодветно уредување на начинот и постапката на работа од далечина, односно од дома. Се забележало и дека нема утврдена постапка за унапредување.
Исто така, во јавниот оглас за вработување не е наведено кои сертификати и дипломи се неопходни и предмет на бодување при административна селекцијата при вработување. Има и отсуство на соодветна регулација на правата, обврските и правната заштита на вработените во јавниот сектор, што со практичната примена на законот предизвикува дел од одлуките да бидат на штета на вработените, но и отсуство на постапка за следење и оценување на резултатите на вработените во јавниот сектор.
Како негативност досега се забележало и неусогласеност на правата и обврските на кабинетските службеници и посебните советници, кои во пракса вршат исти или слични работни задачи. Има правна празнина во однос на статусот на посебните и кабинетските советници односно отсуството на опис на работни обврски и задачи, непрецизно утврдено место во структурата на институцијата, што ја отежнува координацијата и соработката со секретарите и вработените во институцијата.
Од Владата во негативностите навеле и дека во сегашниот закон е дадена широка можност за задолжување на вработените со дополнителни работни обврски, надвор од задачите кои произлегуваат од нивното работно место, со што им се делегираат обрски кои може да не соодветствуваат со нивните компетенции, како и повисоки раководни овластувања, без временски рок за извршување на овие задолженија и без дополнителен надомест.
Од тие причини од Владата велат дека основни цели на новиот Закон за вработени во јавниот сектор ќе бидат зголемување на ефикасноста и ефективноста на постапките за управување со човечките ресурси, јасна регулација на мерит постапка за вработување со избор на најдобриот кандидат, поедноставување на постапката за донесување на актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работни места, поедноставување на постапката за годишните планови за вработување, воведување на унапреден концепт за планирање и следење на вработувањата, унапредување на правата и обврските на вработените во јавниот сектор, унапредување на постапките на мобилност и унапредување на инспекцискиот надзор.
По објавувањето на предлог законското решение, МИОА, во септември и во октомври оваа година ќе организира јавни расправи со сите засегнати страни.
Ќе се носи и нов закон за администртивни службеници. Во спроведување на сегашниот закон се нотирани неколку проблеми, а еден од нив е дефинирањето на поимот работно искуство во струката односно „работен стаж“. Имено, во пракса има лица кои не можат да аплицираат на јавни огласи за работни места на административни службеници бидејќи биле ангажирани на проекти или консултантски услуги и слично, со неевидентиран придонес за пензиско и инвалидско осигурување.
Исто така, дел од поимите во законот се недоволно јасни и прецизни и отсуствуваат дефиниции за одредени поими.
„Основни цели на Предлог Законот за административни службеници е унапредување на моделот на вработување и оценувањето, темелено врз компетенции, поедноставување и доуредување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, нов систем на пресметка на плата, дополнително мотивирање на вработените и унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата“, се вели во нацрт верзијата.
„Некои од целите кои треба да се постигнат со новото законско решение се: намалување на стапката на напуштање на дефицитарен кадар од администрација за 20 отсто до 2024 година, зголемување на бројот на кандидати за административни службеници за раководни места за 10 отсто до 2024, зголемување на бројот на обучени административни службеници за 50 отсто до 2023 година, намалување на бројот на дисциплински постапки за 10 отсто до 2023, како и започнување на менторство, односно бројот на ментори до 2023 да биде најмалку 100“, се вели во забелешките кои се однесуваат на овој нацрт закон.
Н.Н.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.