ДА УЧИМЕ ОД УСПЕШНИТЕ: Во Словенија расте бројот на доброволни пожарникари, ни објаснија како ги обучуваат и мотивираат луѓето
Објавено во: Македонија 08 Август, 2024
Словенија ова лето ни помогна за справување со пожарите, но и пред неколку години го стори истото. Оваа држава може да се пофали со голем број на пожарникари доброволци кои се обучени да реагираат во случај на појава на пожар. Од Сојузот на пожарникари на Словенија за Фактор ни објаснија дека со години работат на тоа да бидат спремни за борба со пожарите.
Велат дека организираното доброволно гаснење пожари во Словенија има долга традиција од 1869 година, кога е основано првото доброволно противпожарно здружение. Оттогаш, организацијата на словенечката противпожарна служба се базира на доброволни пожарникари. Така, сега има повеќе од 174.000 членови во 1.336 противпожарни здруженија во Словенија, од кои повеќе од 36.000 се доброволни оперативни пожарникари (21 отсто од целото членство).
„Ние сме најдоверливата организација меѓу луѓето многу години. И покрај многуте фактори во последните години, кои би можеле да имаат негативно влијание врз нашата активност, можеме да се пофалиме дека бројот на членови постепено се зголемува од година во година. Интересот кај младите за противпожарната служба не е сам по себе, па затоа имаме намера со различни активности да ги привлекуваме младите во нашите редови, а во тоа и досега бевме доста успешни. За ова придонесуваат голем број активности кои привлекуваат млади луѓе и квалификуван менторски кадар за млади. Се разбира, при регрутирање на нови млади членови, семејната традиција е од големо значење. Повеќекратните членства овозможуваат и повеќе оперативни пожарникари“, велат од Сојузот на пожарникари на Словенија.
Во градовите и селата дејствуваат доброволни противпожарни бригади. Во противпожарните станици се чуваат заштитна и спасувачка опрема на пожарникарите, лична и заедничка, како и противпожарни алатки и возила.
„За интервенцијата се информирани од Регионалните информативни центри на Република Словенија на лични пејџери, а воедно можат да користат и специјални апликации на личните мобилни телефони. Учеството во интервенцијата е една од должностите на доброволниот оперативен пожарникар, но не е задолжително, бидејќи може да има објективни причини за неучество (отсуство од дома, работа, годишен одмор, болест и слично). Секој кој се приклучува на доброволно противпожарно здружение може да стане пожарникар волонтер или член на противпожарна организација. Волонтер оперативен пожарникар кој може да интервенира е полнолетно лице кое ги извршува оперативните задачи на противпожарната единица и е стручно квалификувано за овие задачи, ги исполнува пропишаните психофизички и медицински услови и други услови, има потпишана изјава за пристапување и има пожарникарска книшка. Мора да има завршено обука за пожарникар приправник (34 часа), а потоа и како оперативен пожарникар (149 часа: 57 часа теоретски предавања и 92 часа практични вежби). Потоа следи дополнителна основна обука и дополнителна обука (опасни материи, носење самостоен апарат за дишење...)“, додаваат од сојузот.
Велат дека доброволните оперативни пожарникари со брза реакција и професионално делување успешно работат на интервенциите, а со превентивно делување и зголемување на свесност на населението се трудат што повеќе да ги намалат пожарите.
Додаваат дека во Словенија годинава веќе забележале еден голем пожар во природа, за кој беше активиран Националниот план за заштита и спасување. Пожарот, кој избувна утрото на 18 јули 2024 година, беше изгаснат од бројни противпожарни единици со брза реакција и воздушна поддршка (2 авиони трактори и 2 хеликоптери на словенечката армија) до 20 јули 2024 година. И оперативните доброволни пожарникари веќе интервенирале на неколку мали пожари во природна средина.
Сања Атанасовскафото Фејсбук/Сојуз на пожарникари Словенија
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.