Добивај вести на Viber
Цената на продажба на Алфа Банка остави многумина зачудени. Дали Банка која што е на македонскиот пазар може да вреди колку десет просечни станови во Скопје, или колку три поголеми куќи во метрополата.
Освен тоа Алфа е на пазарот повеќе од десет години и остави впечаток на мобилна и модерна банка која ги следи трендовите, располага со добар кадар, па не би можело да се каже дека била неуспешна, или рецидив на некое минато на која морало да му се прави свадба по секоја цена.
Преку Македонската берза за 1,2 милиони евра беа продадени 100% од капиталот. Се работи за блок трансакција преку која за 7 183 денари по акција, беа истргувани 10 305 акции.
Сегашната Алфа банка Скопје е формирана во 1993 година, како една од првите приватни банки во земјата, под името Кредитна банка Скопје. Во 2000 година Алфа банка – Атина го откупи управувачкиот пакет акции и стана доминантен акционер во банката а две години подоцна грчката банка стана 100 % сопственик.
И опозицијата остро ја критикуваше сумата по која се продаде банката, прашувајќи ја НБМ дали станува збор за сомнителна трансакција.
Сепак според она што го велат во НБМ за цената исклучива надлежност имаат двете странки продавач и купувач а улогата на НБМ е само да дозволи или да не дозволи купување.
„НБРМ нема надлежност да коментира околу цената, уште помалку да се меша или влијае врз истата. Сумата на трансакцијата е договорена меѓу продавачот и купувачот и е резултат на пазарните прилики. Алфа банка АД Скопје не котира на берзата, но цената на македонските банки кои котираат на берзата се движат меѓу 30% и 50% од книговодствената цена. Колку за ориентација слични цени како сооднос на пазарната и книговодствената цена на акциите се постигнати на сите трансакции за купопродажба на банки во Европа во последните неколку години. Тука некаде е и пазарната цена на акциите на Алфа банка во Грција“,
се вели во писмениот став од НБРМ.
Според НБРМ купувачот е инвеститор со висок кредибилитет со триесетгодишно искуство во финансискиот сектор во Швајцарија и во централна и југоисточна Европа.
Денеска на прес конференција новиот сопственик ќе ги обелодени своте следни чекори во Алфа Банка.