Добивај вести на Viber
Проруски песни, црвени знамиња и портрети на Владимир Путин можеа да се видат неодамна во Бугарија, членка на Европската унија.
Традиционалната годишна свеченост на русофили која се одржува кај езерото Копринка, во централниот дел на земјата, годинава привлече 7.000 луѓе и тоа во моменти кога во земјата во тек е предизборен период.
Бугарија е земја членка на ЕУ и на НАТО, но многумина Бугари срцето ги влече на Исток. Речиси 40% се спротивставуваат на санкциите што и се наметнати на Русија заради кризата во Украина, додека само 13% ги поддржуваат, покажа испитувањето на институтот Медијана.
Во порака на собирот, рускиот амбасадор во Софија Јуриј Исаков изрази задоволство што овој традиционален настан е „толку добро всаден во срцата на Бугарите, и покрај променливата политичка ситуација“.
За време на комунистичката диктатура, Бугарија беше еден од најверните сојузници на Москва. „Обидот на Западот да ги скара нашите братски народи е осуден на неуспех“, вели професорот по историја Данаил Димитров.
Носталгијата за рускиот „голем брат“ е поизразена кај некои Бугари, бидејќи по четврт век демократија, нивната земја од 7,4 милиони жители и натаму е најсиромашна во ЕУ. Во пресрет на бугарските предвремени избори, напнатоста меѓу Москва и Брисел и дава шанси на ултранационалистичката партија Атака, која навестува дека „ќе направи се за Бугарија да не стане полигон за пукање врз Русија“.
Социјалистите се поумерени и се залагаат за врамнотежена политика меѓу Истокот и Западот заради заштита на „националните интереси“, десницата на Бојко Борисов, кому анкетите му предвидуваат враќање на власт, сака да се води од моделот на Германија во односите кон Москва, додека реформаторскиот блок (антикомунистичката десница) оди и чекор понатаму и бара отстранување на споменикот на советската војска во Софија за да се потврди припадноста на земјата кон Европа.
Новата бугарска влада, сметаат аналитичарите, ќе мора да балансира меѓу ЕУ и Русија. „Бугарија е во парадоксална позиција. Таа е членка на ЕУ и НАТО, но Москва во целост ги контролира нејзините извори на енергија, а бугарската олигархија ги брани руските економски и стратешки интереси“, вели Огњан Минчев од Центарот за меѓународни студии.
И левицата и десницата во Бугарија, на пример, се согласуваат околу потребата да се изгради гасоводот Јужен тек, проект кој сега е стопиран заради спротивставувањето на Брисел.
Бугарското балансирање во Европа се гледа со недоверба. „Дер Шпигел“, повикувајќи се на германски разузнавачки извори, пролетоска објави дека Берлин и другите европски сојузници се загрижени дека Москва би можела да го искористи своето влијание врз Бугарија за да предизвика раздор во ЕУ.
„На оваа земја гледаат како „тројански коњ“ во ЕУ“, признава политологот Даниел Смилов, додавајќи дека „идната влада ќе мора да го реши проблемот со ваквата репутација“.