25 Април, 2024
0.0319

Дали ДУИ има успешен прв круг на изборите?

Објавено во: Анализа 16 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

ДУИ го имаше досега најголемиот партиски предизвик на локалните избори каде се соочи со силна конкуренција од повеќе партии со претежно албански гласачи, па така води тешка битка со БЕСА во повеќе општини, а ниту Алијансата за Албанците со која е во владина коалиција не им ги олесни условите на терен во трката за градоначалници.

ДУИ е сигурно дека во првиот круг досега победува само во две општини. Во Кичево нивниот кандидат Дехари повторно ќе ја води градската администрација со освоени 60,36% од гласачкото тело или вкупно 17.116 гласови. Во Кичево на ДУИ му беше најлесно бидејќи Дехари беше единствен кандидат Алабанец, па така поразот на Влатко Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ со 9.563 гласови и не е изненадување. СДСМ иако не изрази директна поддршка за Дехари беше сосема јасно дека ќе застане зад својот коалициски партнер бидејќи немаше свој кандидат, ниту пак останатите албански партии не истрчаа со свој адут во Кичево. Листата на советници на ДУИ исто така води во Кичево со 34,96% од гласовите, пред ВМРО-ДПМНЕ со 26,34% и СДСМ со 15,11% од гласачите. Алијансата за Албанците се очекува исто така да освои советничко место во Кичево со 11,95% од гласовите. 

ДУИ победи во првиот круг и во Пласница каде Исмаил Јахоски освои 1.149 гласови и речиси 60% од гласачкото тело. Во општина Пласница поразен е Шпресим Ајроски од СДСМ кој освои само 945 гласови. Во оваа општина влез во советот ќе обезбеди и Демократската партија на Турците, но потребно е уште малку да ги сочекаме финалните и официјални податоци од ДИК.

Во општина Чаир која е една од најважните за партијата на Ахмети се води многу тесна и изедначена трка. Таму е сигурно дека ДУИ ќе има предност во Советот со освоени 27,69% од гласовите. Што се однесува до СДСМ кои им се коалициони партнери на советничката листа 4.149 гласови или 14,23% од вкупниот број гласови. БЕСА со 26,33% од гласовите исто така цели кон повеќе мандати во општинскиот совет на Чаир. Трката за градоначалник е нешто поразлична со тоа што СДСМ го поддржа Висар Ганиу кандидатот на ДУИ кој по првиот круг е во водство со 11.508 гласови или поддршка од 39,05% од избирачите. Во вториот круг дефинитивно оди Зеќирија Ибрахими од БЕСА со освоени 9,957 гласови или учество во гласачкото тело од 33,79%. Нермин Теловска од ВМРО-ДПМНЕ има 3.247 гласови па можеби доколку се постигне партиски договор тие ќе преминат на контото на БЕСА во вториот круг.

ДУИ има нешто подобар резултат во Тетово каде актуелната градоначалничка Теута Арифи има освоено 13.265 гласови со тоа што и тука СДСМ нема свој градоначалник туку пружа поддршка на коалициониот партнер. Во вториот круг таа ќе се соочи со Биљал Касами кој инаку е лидер на БЕСА но, заостанува со 8.767 гласови. Тој како и останатите кандидати на БЕСА ќе мора да се надева на поддршката од ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг бидејќи нивниот кандидат на своето конто има 6.459 гласови. Кандидатите на АА и ДПА освоија по околу 12% од гласачкото тело во Тетово па така и нивните гласови во вториот круг може да бидат многу значајни. 

Во Гостивар и ДУИ и Алијансата вчера прогласија победа, но според последните обработени и неконечни информации на ДУК на прво место е актуелниот градоначалник Невзат Бејта од интегративците со 12.095 гласови. Зад него е Арбен Таравари, актуелен министер за здравство кој тврдеше дека ќе победи во прв круг, но освои 11.600 гласови. Тие двајца ќе се тркаат во вториот круг каде од гласачката маса преостануваат 10,41% за ВМРО-ДПМНЕ, 9,12% за БЕСА, 4,57% за НДП и 2,07% за ДПА. 

Струга е единствената општина во која предност има Алијансата за Албанците што е и очекувано со оглед дека кандидат повторно е Зијадин Села кој е и нејзин лидер. Тој во првиот круг освои 9.289 гласови и во вториот круг ќе мора да го порази Рамис Мерко од ДУИ кој има 7.916 гласови и исто како села веќе беше градоначалник на Струга. ДУИ во вториот круг ќе се надева на поддршка од СДСМ која реши да лансира свој кандидат наместо да коалицира. Васил Ашталкоски освои дури 7.140 гласови па за малку не успеа да влезе во вториот круг, но секако неговите поддржувачи ќе можат да го решат победникот за две недели. ВМРО-ДПМНЕ и Сејад Солаковски со освоени 4.149 гласови исто така ќе бидат мета за потенцијална коалиција.

ДУИ води во Боговиње со 33,99 проценти, во Сарај со 48,24, Врапчиште со 35,06 проценти, во Дебар со 39,93, во Долнени со 34,06 проценти, во Желино со 43,90 проценти, во Липково со 48,97 и во Теарце со 29,86.

Автор: Христијан Станоевиќ