Дали гласањето на дијаспората виси на конец?
Објавено во: Македонија 05 Ноември, 2016
Македонските државјани во странство да ја искористат можноста за пријавување за гласање за предвремените парламентарни избори до 11 ноември, апелираа денеска од Државната изборна комисија.
Заклучно со денеска до 13 часот за гласање во странство се пријавиле 6.639 граѓани, а прифатени се 6.059, 134 се одбиени, а 446 се во обработка. Најмногу пријавени за гласање во дијаспората има во Дипломатското конзуларно петставништво во Детроит, САД.
Од ДИК објаснуваат дека во согласност со одредбите од Изборниот законик, еден пратеник во седмата изборна единица ќе биде избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила најмалку онолкав број на гласови со којшто е избран пратеник со најмалку број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори.
Според резултатите од последните парламентарни избори од 2014 година тој број на гласови изнесува 6.478.
„Тоа би значело и дека избори во седмата изборна единица ќе се организираат доколку ДИК заклучно со 11 ноември прифати најмалку 6.478 од поднесените пријави“ - изјави Љупка Гугучевска, советник во ДИК.
Синоќа до 19 часот во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК низ државата јавен увид во Избирачкиот список извршиле 3.891 граѓани. Ова можат да го направат избирачите до 11 неомври.
До денеска пак до 13 часот преку веб апликацијата пријавување за запишување во избирачкиот список извршиле вкупно 407 граѓани од 29.858 чии записи по извршените вкрстени и теренски проверки останале некозистентни во Избирачкиот список.
Триста и шеесет пријави се прифатени од ДИК, две се во обработка, а 45 во фаза на разгледување.
ДИК се обратила и со лични писма на домашна адреса до сите овие граѓани поединечно и во соработка со медиумите ја води кампањата „Провери и пријави се“.