Дали Македонија ја очекува уште една условена препорака?
Објавено во: Македонија 04 Ноември, 2016
Македонија и годинава ќе добие препорака од Европската комисија за почнување на преговори со ЕУ, но таа ќе биде условена.
Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања, Арбр Адеми. Вели дека многу важни за евроинтегративните процеси ќе бидат претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 11 декември кои треба да бидат фер и демократски.
„Верувам дека првичните реакции ќе бидат во таа насока дека сме постигнале позитивен чекор со фактот што Македонија вторпат по ред добива условена препорака. Но, имајќи ги предвид сите околности задржувањето на препораката е многу важно. Тоа ќе биде потврда за нашата европска перспектива“- вели Адеми.
Адеми очекува во делот на политичките критериуми да има забелешки, особено во областите кои се опфатени со итните реформски приоритети. Во овој правец според него, треба уште повеќе фокусот да се стави на имплементација на предвиденото во идните реформски приоритети.
Извештајот на Европската Комисија кој ќе биде објавен на 9 ноември.