05 Мај, 2024
0.0232

Дали Македонија неповратно ги загуби авторитетните учители и професори?

Објавено во: Анализа 04 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Само авторитетниот професор е достоен за почит! Просветен работник на годината! Успех или неповратен влог? Ова е сторија за Раско Лозановски, учител, кој сега е во пензија, а целиот работен век го посветил на едуцирање на младината, на нивно запознавање со мајчиниот јазик, корените и традицијата. Зброува за професијата некогаш и сега. Денеска е светскиот ден на учителите. Професијата наставник е благородна и хумана работа, која бара целосна посветеност, енергија, љубов и креативност. Да се работи со деца е лесно, но за оние просветни работници кои знаат да го почитуваат детето како личност, која во својот наставник ќе го пронајде грижливиот родител, ближниот. Вака својата професија –наставник ја опишува професорот Раско Лозановски-пензиониран професор по македонски јазик кој повеќе од четириесет години професионално се посветил на работата. За него, училишната клупа и децата значеле завет. Тој целиот работен век го посветил на едуцирање на младината, на нивно запознавање со мајчиниот јазик, корените и традицијата. Вели, дека од кога знае за себе, спомените го врзуваат со научната дејност, генерации ученици и студенти кои тргнале по неговите стапки и го оправдале и продолжиле неговиот труд. „Целиот мој работен век од 41 година ми беше во образованието.Работев како професор по македонски јазик и литература, од кои еден мандат и како директор на основно училиште во Прилеп. Работата со ученици е хуманитарен и благороден позив кој низ професионалното време поминато со учениците треба да се негува и облагородува. Во работата со ученици порано и сега постојат разлики во повеќе сфери. Транзицијата и реформите живеење,времето и условите во кои живееме, и брзото навлегување на технологијата си го земаа цехот. Има и добри и негативни работи кои го одбележуваат образовниот процес. Има две вистини-порано беше поинаку, во мојот работен век класното раководство не се плаќаше, ние се боревме да се цени и плати вложениот труд, но за жал не ја затекнавме, таа бенефиција која сега повеќе се ужива.Во поглед на условите во кои се работи, технологијата отиде напред. Јас почнав да работам во далечната 1964 година . Тогаш беа други времиња. Авторитетот на просветниот работник, ако се направи компарација со тогашната ситуацијата, може да се каже дека беше сосема поинаков. Се почитуваше зборот на наставникот како светост, се почитуваше неговото мислење и знаење. Но, според мене и тогаш и денес, зависи од самиот наставник како ќе се постави пред родителите, учениците, средината. Од него, и само од него сам, зависи како треба да го гради авторитетот, без притоа да размислува колку пари зема, примањата се втори, во спротивно, ако мисли малку земам плата, и колку музика толку оро-ништо не сторил!„-додава Лозановски. Должност на наставникот и мислата која треба да го води, е на учениците да им даде знаење, совет, пример и само на тој начин да се изгради како професионалец, а од своите ученици да создаде личности за пример. Родителите да делуваат на децата, вистински да се почитува наставникот! Времето поминато во училиште, велат наставниците, ги прави децата зрели личности, кои го градат својот карактер, осознаваат нови видици. Наставниците рамо до рамо со нив ги преживуваат секојдневно и проблемите и родендените и семејните радости, кавгите на родителите и многу нешта кои децата знаат да ги пренесат и во училишните клупи. Затоа, често велат наставникот е вториот родител. Но, според професорот Лозановски, родителите не треба секогаш премногу заштитнички и емотивно да ги примаат критиките за своето дете. Порано наставникот и да го искара ученикот, тоа и од детето и од семејството ќе биде порака за подобро однесување и подобри оценки. Денес, вели Лозановски, работите се сменија. Од тука почнува и градењето на односот наставник-родител-ученик. „Треба некако на ова поле да се дејствува, да се даде поттик на наставникот, а помалку да се заштитува детето. Мнозинството родители денес си ги штитат децата, а наставникот иако е во право, тоа поинаку се разбира. Треба родителите да се покритични кон своите деца.“ Статусот и платите на просветните работници не го задоволуваат вложениот труд!   Професорот Раско Лозановски, дваесет и шест години бил ментор на студентите од Филолошкиот факултет Блаже Коневски во Скопје, а пред тоа и на Педагошката академија Св Климент Охридски на групата македонски и српско -хрватски јазик. Низ својот работен век многу студенти поминале на неговите предавања, учеле од неговите лекции и совети но неговиот труд бил само морална сатисфакција за знаењето и можноста истото да се пренесе на новите генерации. „ Јас немав никаква бенифиција за првите 14 години, последните години пред да заминам во пензија земав симболични финансиски средства. Примањата денес се подобрени, но отежната е администрацијата за колегите, но затоа постојат обуки кои ќе им помогнат да им се олесни работата. Образовниот процес е таков, мора да се вметнуваат нови форми и идеи, но истите да бидат и соодветно платени“. Уреден наставник-пример за учениците! Наставникот е пример за своите ученици, огледало во кое во иднина ќе се препознаат себе си. Она, позитивното кое го научиле од својот ментор, од личноста која им помогнала да се описменат да ја изградат професионалната кариера. Според професорот Лозановски, порано наставниците служеле за пример и преку начинот на облекувањее и изразување. Денес, за жал, вели, многу колеги особено од помладата генерација немаат поставено граница што навистина треба да ги двои од учениците и како тие треба да изгледаат на часот. „Наставникот треба да внимава на својата облека, бидејќи преку неа дава пример на своите ученици. Тој треба да е уреден, педантен, онака како што доликува неговиот позив. За да укажете нешто на својот ученик треба од себе да тргнете. Онака како што ќе ве прифатат вашите ученици, такво име и дигнитет ќе ве следи и во иднина. Изградениот и професионалниот просветен работник секогаш треба да биде пример полн со одговорност, разбирање и посвететност на работата„. Наградите за вложениот труд не изостануваат! Оној што си ја сака професијата, никогаш нема да рече дека му било тешко. Има и моменти на притисоци и проблеми, но со посветеност и љубов кон работата се надминува се. Наградите се многубројни, но најголемата награда, барем за оние кои работат во просвета, без исклучок се нивните успешни ученици. Оние кои ја продолжиле работата на своите професори, оние кои научиле и нешто повеќе, за еден ден и тие да бидат од другата страна на катедрата. „Признание за просветник работник на годината добив во 2001-та , а паметам во 1998 година добив награда за постигнати посебни резултати во образованието.Тоа се само дел од наградите кои само го потврдуваат вложениот труд, но најголеми и најубави се добриот збор разменет со моите ученици, нивниот успех и радост дека стигнале едно скалило погоре во животот. Тоа е најголемата награда за мене„ Професорот Раско Лозановски, веќе седум години е во пензија. И денес, неуморно работи во Сојузот на здруженија на просветните работници, комуницира со колегите, учениците од основното училиште „Вера Циривири-Трена„ во кое го поминал најголемиот дел од работниот вел .Зад него стојат многу напишани дела, членува и во Комисијата која секоја година во октомври, го доделува признанието „Просветен работник на годината„. И Македонија, денес го одбележува светскиот ден на учителите, ден кој уште еднаш треба да ја потврди потребата, оправданоста и влогот на оние кои на своите плеќи ја имаат најголемата одговорност –да ги учат и советуваат децата, најголемиот влог и богатство на семејството и државата. Професијата, која со сета своја енергија и знаење вложено во неа треба да биде достојна за почит. С.Б,

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад