28 Септември, 2024
0.0334

Економија на СТЕНД-БАЈ!?

Објавено во: Анализа 06 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

И да сака да го стегне ременот за трошење – Владата нема маневарски  простор за тоа. Откако податоците на Министерството за финансии покажаа дека во првите три месеци се потрошени повеќе од две третини од буџетскиот дефицит за целата година, економистите сметаат дека ребалансот на Буџетот ќе биде неопходен. Експертската јавност смета дека реализацијата на економските параметри ќе зависи од разрешницата на вкупната политичка состојба. Има или нема потреба од прекројување на државната каса .... Политичката состојба во земјава ги става под “знак прашалник“ вкупните економски очекувања, а со тоа и реализацијата на проектираните стапки на раст на БДП и планираните буџетски приходи и расходи – сметаат економистите. Се сомневаат дека во услови на политичка незивесност ќе може да се остварат планираните приливи во Буџетот. Универзитетскиот професор Бесник Фетаи смета дека предвидениот раст на БДП ќе биде тешко остварлив, прво поради политичката состојба во земјава и второ поради сеуште присутните ризици во Европа, особено по Руско-украинската криза.
„Политичката состојба не навестува стабилност, одлуката на СДСМ но и на други помали партии,  да не ги прифатат пратеничките мандати е вовед во нова политичка неизвесност. Во ваква состојба економијата е на “сенд бај“. Сметам дека нема да се реализираат планираните стапки на економски раст. Ако пак нема остарување на растот како што е проектиран, тогаш нема да се остварат ниту приходите во Буџетот, што пак значи неминовност од ребаланс на државната каса. Политичката состојба според мене дава индиции дека ќе влијае врз економијата и проекциите“ – вели за “Фактор“ професорот Фетаи.
Буџетските приходи и трошења се во согласност со планот, засега нема потреба од прекројување на буџетската каса нема, смета министерот за финансии Зоран Ставрески.
„Буџетот е во рамки на планираните параметри. Исплатата на субвенции за тутун секогаш повлекува повисоки расходи на Буџетот, меѓутоа во текот на останатиот дел од годината ќе има помали расходи, така што засега бројките не бараат никакви пресметки за ребаланс. Доколку има потреба во иднина, како и секоја година, ќе се пристапи кон ребаланс, но засега и приходната и расходната страна се во рамки на планираното“ – изјави министерот за финансии.
Според економистите, податокот дека во првите три месеци од оваа година се потроши повеќе од две третини од буџетскиот дефицит е сигнал што упатува на непходност од ребаланс на буџетот.
“Со вакво темпо на трошење речиси е невозможно Владата да го оддржи планираниот буџетски дефицит, кој практично значи задолжување. Точно е дека сега се исплаќаат на пример субвенции кои претходно требале да бидат исплатени. По изборите, кога ќе се запре со исплата на субвенции практично се генерира нов долг по овој основ. Токму на ваков начин, со одложување на обврските се “создава скриен“ дефицит кој е поголем. Од друга страна ние, исто како и лани, можеме да се доведеме во состојба во која Владата ќе троши повеќе отколку што е овластена од страна на Собранието. Сметам дека со сегашното темпо на трошење, буџетскиот дефицит и оваа година ќе се продлабочи а со тоа и долговите на земјата, без разлика дали тоа ќе бидат задолжувања од домашни или од странски кредитори“ – изјави неодамна за “Фактор“ еден од поранешните министри за финансии и екс-гувернер Петар Гошев.
Дефицитот нагоре – приходите надоле? Според најновиот пролетен Извeштај на Европската Комисија, буџетскиот дефицит лани достигнал 4,1% а според комисијата се прогнозира натамошен раст. И годинава нема да се оставарт зацртаните проекции од 3,5% буџетски дефицит односно тој ќе достигне 4,2% од БДП. И да сака да посегне по штедење во идниот период – Владата нема простор за тоа. Економистите оценуваат дека новата Владата нема да посегне по кратење на планираните тековни расходи од Буџетот, ососбено оние за плати, пензии, субвенции, социјала. Токму овие расходи имаат и најголем удел во расходната страна на Буџетот. Вообичаено при можни кратења страда ставката за “капитални расходи“, но според дел од економиситите нема да се посегне ниту по неа, особено ако се распишат избори за пополнување на пратеничките мандати што ќе бидат вратени.  Во ваков случај, кога нема да има потег за намалување на трошењата од една страна, и доведување во прашање на реализацијата на приходите од друга страна, продлабочувањето на минусот во државната каса ќе биде неминовно, оценуваат дел од економистите.
„Мислам дека постизборно идната Влада ќе има две опции, првата да скрати од тековните трошоци. Ние ќе имаме одредено намалување во трошењата, што би било вообичаено за периодот по избори, но тоа нема да биде доволно. Од друга страна, ако се распишат избори за пополнување на пратеничките мандати што нема да бидат прифатени, тогаш се сомневам дека воопшто би имало кратење на трошоците“ – вели професорот Фетаи и додава: “Идната влада и да сака, ќе нема простор за штедење. Прво, не може да крати од оние „ригидни“ трошења во кои се вклучени расходите за плати, пензии, социјала, отплата на долгови. Овие расходи ќе мора редовно да се финасираат, односно не можат да се намалат на краток рок. Второ, ако има нов изборен циклус, тоа ќе значи и нова кампања во која секако нема да страдаат ниту капиталните расходи. Решението ќе се бара во продлабочување на буџетскиот дефицит, односно зголемување на задолженоста, особено на внатрешната“.
Дел од експертската јавност потсетува на состојбата од 2013 та година, кога локалните избори стопија поголем дел од буџетскиот дефицит токму во предизборниот период, по што годината заврши со буџетски дефицит од скоро 4%, за разлика од преходно прокетираниот 3,5%. За годинава според буџетските проекции, дефицитот треба да се одржи на ниво од 3,5% од БДП, а економијата треба да испорача раст од 3,2%. Една од клучните пораки на Меѓународниот Монетраен Фонд беше онаа за одржување на сегашните зацртани  буџетски проекции со натамошна финансиска консолидација. Неодамна кредитната агенција “ФИЧ“ која ја задржа оценката  “ББ+стабилен“ за Македонија, посочи дека лани буџетскиот дефицит бил 4% од БДП и дека до 2015 та година не очекува намалување под 3%.
“Дефицитот на централната власт остана непроменет во 2013 година во споредба со 2012 година, на 4% од БДП. Таргетот за дефицитот во 2014 од 3,5 % е веродостоен, и нема да падне до 3% до 2015 година, се додека владата има високи капитални трошоци. “ – пишуваше во неодамнешниот извештај на “ФИЧ“.
Според најавите од Народната Банка, во текот на оваа недела ќе се објават нови ревидирани податоци за македонската економија. А.Д.