24 Ноември, 2024
0.0287

Дали порастот на потрошувачката е лек за рецесијата?

Објавено во: Колумни 08 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Престојот и настапите на носителот на Нобеловата награда за економија (2008) Пол Кругман  во Србија и Хрватска  предизвика големо внимание кај економската стручна јавност. Неспорно е дека неговиот став со задоволство е прифатен од поголема група на бизнисмени, економисти  и политичари кои се согласуваат со тезата дека зголемувањето на потрошувачката е рецепт за излез од кризата. И тој став, како Кензијанист, Кругман го брани во многу дебати кои се однесуваат за начините за излез од рецесијата во кои се наоѓаат САД и Европската унија. Меѓутоа, Кругман никојпат не рекол дека потрошувачката е рецептот за рецесиите во сите земји. Овој лек не делува и неможе да делува подеднакво  за   сите , посебно не за малите, отворени и неразвиени економии од една страна и за земјите,  чии валути вршат функции на светска валута и јавниот долг можат да го намалуваат со печатење на пари, од друга страна . Но, проблемот е што приврзениците на тезите на Кругман во малите и недоволно развиени економии се повикуваат на нобеловецот и вршат притисоци за поширока примена на моделот за излез од рецесијата преку зголемувањето на јавната потрошувачка. Имено , сите што имаат интерес од пораст на потрошувачката не прашуваат дали е тоа вистинското средство за излез од рецесијата во конкретната земја и колку чини, односно, дали бенефитите ги надминуваат трошоците (материјалните последици од порастот на јавната потрошувачка), бидејќи тоа што им е допуштено на земјите со резервни валути не важи за малите и отворени економии. Теоретски е јасно  дека во земји со голем број на невработени луѓе, со недоволно искористени капацитети во стопанството, недоволно искористени природни ресурси и уплашени инвеститори, зголемувањето на јавната потрошувачка може да го поттикне растот и вработувањето. Но, се разбира само  доколку дополнително обезбедените средства за јавна потрошувачка (со кредити од странство или со печатење на пари) се вложат во нови инвестиции, а не во директна лична потрошувачка (преку пораст на плати, пензии, социјални трансфери и индиректно, преку непродуктивни инвестиции). Во спротивно, ефектот од зголемената протрошувачка  за овие мали и отворени економии ќе биде, раст на долговите и зголемување на инфалцијата, во  зависност од обемот на печатените пари во однос на потребните за нормално одвивање на репродукцијата. И сега зошто „лекот“ на Кругман одредени субјекти од помалку развиените економии го прифаќаат ан блок? Политичарите, без поголеми напори да обезбедат одржување на социјалниот мир и поголема поддршка од граѓаните (на следните избори), а  бизнисмените- особено во увозно зависните економии, да продолжат со растот на сопствение бизниси базирани единствено на зголемување на увозот на стоки , притоа не водејќи сметка што со таквиот потег се зголемува јавниот долг, а товарот на отплатата се пренесува на идните генерации. Доколку повнимателно се скенира понудениот „лек“ може да се утврди дека дури ниту меѓу експертите од развиените економии истиот не наидува на едногласно прифаќање. Оправданоста во резервираноста кон употребата на зголемувањето на јавната потрошувачка преку неограниченото печатење на долари и евра за заздравување на нивните економии има свое објаснување и меѓу американските, европските и посебно германските економски експери. Дел од Американците се плашат за иднината на доларот, со  настојување да ја задржат привилегираната позиција во меѓународните економски односи, а Германците стравуваат  од распламтување на инфлацијата во Унијата и од слабеење на еврото. А ние во Македонија? И ние се определивме за зголемена потрошувачка. За годинава и вгодина се предвидува буџетски дефицит во обем од  3,5%  од БДП. Многу е важно за што ќе се употреби зголемениот обем на средства во буџетот. Имено, ако пораснат производните инвестиции и тие се изведат ефикасно, истите можат да бидат во функција на излегување од рецесијата, особено ако се извозно ориентирани или вршат супституција на увозот. Меѓутоа, ако се употребат за други видови потрошувачка, со зголемување на долгот, се зголемува неизвесноста за негова отплата. Во суштина и неинвестиционото задолжување може да ја зголеми потрошувачката. Но тука треба да бидеме внимателни , пред се  поради евентуалното зголемувањето на инфлаторните притисоци во глобалната економија и неизбежниот пораст на каматите на долговите во странски валути, посебно по надминувањето на кризата во развиените економии. Крсте Шајноски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.