19 Декември, 2025
0.0655

Дали штрајкот во „АКТОР“ ќе открие злоупотреба на европски пари?

Објавено во: Економија 05 Мај, 2016 09:24

Добивај вести на Viber

Изградбата на најамбициозниот инфраструктурен проект во земјава, автопатот Демир Капија – Смоквица, не престануваат да ја „тресат“ афери и скандали. Пет месеци пред завршувањето на 28-километарската делница, стотина работници ангажирани од грчкиот изведувач „Актор“, од денеска започнуваат штрајк заради нередовната исплата на плати во периодот по Нова Година. Незадоволствто кај градежните работници од Македонија ексалираше откако иако им било ветено, не ги добиле заостанатите плати пред велигденските празници. Од друга страна, тие сведочат дека на нивните колеги од Грција, кои работат на автопатот, им се исплаќаат пари во плик. АФЕРАТА „АКТОР“ ЈА ИМА ВО „БОМБИТЕ“, А ДВЕ ГОДИНИ Е ВО ФИОКИТЕ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО Парите во плик ја враќаат приказната две години наназад односно во 2014, кога опозициската СДСМ објави документи, според кои, во 2013 и 2014 година од банкарски сметки на „Актор“ во македонски банки незаконски била извлечена готовина во висина од над 3,5 милиони евра. Партијата тогаш објави дека станува збор за добро разработена шема. Имено, секој месец големи групи грчки државјани со автобуси биле носени во Неготино, каде од локалната филијала на Стопанска банка Скопје ваделе пари, кои претходно градежната компанија им ги префрлала на име хонорари. Обвинувањата беа дека станува збор за лица кои на никаков начин не биле ангажирани на автопатот Демир Капија – Смоквица и дека парите воопшто не ги изнесувале од Македонија туку ги предавале веднаш откако ќе ги изваделе од банката. Во март минатата година, лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека дел од прислушуваните материјали се однесуваат токму на аферата „Актор“. Тогаш го повика јавниот обвинител Марко Зврлевски да се произнесе за случајот, а во спротивно се закани дека ќе ги објави т.н. „бомби“. Сепак, подоцна овие материјали завршија во Специјалното јавно обвинителство, кое за сега го нема спомнато овој случај. Иако аферата предизвика голем интерес во јавноста, не беше доволно провокативен за Јавното обвинителство да открие во чии џебови завршувале овие пари. Тоа, во април 2014, одлучи да не отвори истрага. Само најави дека и натаму ќе продолжи да прибира доказен материјал, со што не ја исклучи можноста во иднина да биде отворен случај за аферата „Актор“. Како дел од истрагата, по барање на Управта за финансиско разузнавање, беа блокирани сметките на две фирми, но за кусо време истите беа одблокирани. Сепак, иако од тогаш поминаа повеќе од две години, единствена информација што може да се добие во врска со случајот е штуриот одговор дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција презема предистражни дејствија, но не може да открива детали за да не се наруши тајноста на постапката. ЕУ СЕ СОМНЕВА ДЕКА ЕВРОПСКИТЕ ПАРИ ЗА АВТОПАТОТ СЕ ЗЛОУПОТРЕБЕНИ Не е тајна дека и Европската Унија се заинтересира за тоа како се трошат парите за изградба на делницата, која треба целосно со автопат да ги поврзе северната и јужната граница на Македонија, долж Коридорот 10. Европската канцеларија за истраги на измами со европските фондови ОЛАФ минатиот месец потврди дека се води истрага во Македонија, а сите сомнежи укажуваат дека се работи токму за аферата „Актор“. Тоа е апсолутно логично ако се има предвид дека од 257 милиони евра, колку што чини изградбата на автопатот, 45 милиони се грант од европските ИПА фондови. Уште 200 милиони евра се заем од Европската банка за обнова и развој (EBRD) и Европската инвестициска банка (EIB), додека од државниот буџет директно се одвоени само шест милиони евра. ОЛАФ во земјава побарала соработка со повеќе институции, а според информациите во дел од медиумите, и биле доставени документи од Финансиската полиција. Тогаш европскиот посредник во преговорите за политичката криза, Питер Ванхауте посочи дека има „свиркачи“ кои се подготвени во Брисел да сведочат дека 40 отсто од ИПА фондовите во Македонија се злоупотребуваат. ИСТРАГА И ВО ГРЦИЈА, ГАЗДАТА НА АКТОР БЕШЕ УАПСЕН Пред една година грчките медиуми објавија дека во таа земја се води истрага против „Актор“, која се сомничи дека понудила поткуп на официјални претставници од земјава за да го добие милионскиот тендер. Извор на информацијата беше извештај на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД за борбата против корупцијата во Грција. Во извештајот на ОЕЦД, меѓу другото, се вели и дека надлежните органи од земјава не соработувале со грчкото обвинителство за овој случај, по што Атина побарала посредништво од „Eurojust“. Еден месец подоцна, во април 2015, грчките власти го упасија сопственикот на „Актор“, Леонидас Боболас, но не стануваше збор за случајот со автопатот во Македонија туку бидејќи префрлал пари во швајцарски банки, спротивно на законот. Боболас беше ослободен уште истиот ден откако плати 1,8 милиони од вкупниот долг кон државата од 2 милиони евра за затајување данок. Леонидас е син на основачот на Актор, Јоргос Боболас. Станува збор за еден од најбогатите луѓе во Грција, кој е вклучен и во медиумскиот бизнис, а неговото богатство се проценува на над две милијарди долари. АКТОР НЕМАШЕ НАЈНИСКА ПОНУДА ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ Грчката градежна фирма, која е ангажирана на милионски инфраструктурни проекти и во Србија, Албанија и Романија, го доби тендерот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица иако немаше најниска финансиска понуда. На јавниот повик за избор на изведувач на градежните работи се пријавија дури 15 странски компании и конзорциуми. Како главен фаворит се наметнуваше италијанската компанија „Тото“, чија понуда, како што беше подоцна објавено, најверојатно била најниска и изнесувала 160 милиони евра. Сепак, „Тото“ беше дисквалифкувана отакако во подоцнежната фаза на постапката одеднаш беа сменети дел од критериумите кои треба да ги исполнат фирмите кои конкурираа. По таквиот расплет на настаните, работата ја доби „Актор“. Ова е забележано и во извештајот на ОЕЦД, во кој се потенцира дека понудата на грчката компанија била за 40 милиони евра повисока од понудите на дел од останатите конкуренти на тендерот. Останува да видиме дали штрајкот на градежните работници, кој започна денеска, ќе го отплетка или дополнително ќе го замрси клопчето околу изградбата на трасата на која до крајот на годината возачите ќе треба да минуваат под два километарски тунела и по најдолгиот мост во Македонија. Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд