Добивај вести на Viber
Архитектот Жарко Чаушевски, автор на неколку барокни решенија во центарот на Скопје и на новата фасада на владината зграда, е освои две втори награди во износ од 600.000 денари за своите идејни решенија за новите објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Според жири – комисијата основана од Министерството за образование и наука, овие две решенија се прогласени за најиздржани и најквалитетни концепти за просторот спроти трговскиот центар „Мавровка“, во чии рамки се наоѓа комплексот факултети на скопскиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“.
Архитектите доставиле вкупно 17 идејни решенија на распишаниот Конкурс кон средината на септември годинава - 7 за ФИНКИ и 10 за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Засега не се објавени визуелизации од проектите за двата нови факултети.
Според порталот
Билд.мк, дел од учесниците на конкурсот се револтирани затоа што предлагале решенија во согласност со актуелниот архитектонски стил на универзитетскиот комплекс, а нивните дела отпаднале.
Авторот Дејан Ивановски истакнува дека при конципирањето на својот архитектонски труд ја почитувал изворната идеја на оригиналниот архитектонски труд за комплексот факултети на УКИМ. Тој укажува дека современата зграда со своите карактеристики треба да одговара на местото, контекстот во кој е поставена. Креатор на некогашната идеја за изведба на универзитетскиот кампус спроти трговскиот центар „Мавровка“ е словенечкиот архитект Марко Мушич.