Дали Скопје остана без нов Луна парк?
Објавено во: Македонија 24 Јуни, 2014
Градот Скопје на денешната седница ќе ја поништи постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, дизајнирање, изградба, работа и одржување на забавен парк во Скопје. Дали ова значи дека градските власти после неколку неуспешни обиди, ќе се откажат од долгонајавуваниот проект за изградба на нов и модерен забавен парк?
Во образложението од Градот Скопје стои дека ваквата одлука ја донела Комисијата формирана од градоначалникот Коце Трајановски, а која беше задолжена да ја спроведе постапката за доделување на договорот за јавно приватно партнерство. Причината за поништување на постапката е што досега ниту еден од заинтересираните инвеститори што подигнале тендерски документации, не доставиле понуди.
„Комисијата, по спроведувањето на постапката до Градоначалникот поднесе предлог за поништување на истата, со образложение дека на огласот за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, дизајнирање, изградба, работа и одржување на забавен парк во Скопје, ниту еден од економските оператори што подигнале тендерска документација не доставил понуда. Имајќи го во предвид сето наведено, се предлага Советот да ја донесе Одлуката за поништување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, дизајнирање, изградба, работа и одржување на забавен парк во Скопје“, стои во образложението од Градот Скопје.
Според критериумите предвидени во јавниот оглас, Градот Скопје бараше приватен партнер за со кој ќе изгради модерен и забавен Луна-парк што ќе ги задоволи највисоките светски стандарди за ваков тип објекти. Инвеститорот би го добил забавниот парк под концесија во траење од 35 години.
Инвестицијата првично беше проценета на 12 милиони евра, а потоа на 8 милиони евра. Новиот забавен парк беше предвидено да биде сместен на локацијата на сегашниот Луна Парк, на површина од 26.563 м2, со можност површината на локацијата на постоечкиот забавен парк да се зголеми и до 40.000 м2.
Според планот на оваа површина требаше да има влез со соодветни придружни објекти, административни објекти, нови забавни реквизити за возење во согласност со европските стандарди за безбедност, објекти за служење храна и пијалоци, дел за продажба на сувенири, затворен дел за играње, паркинг простор, соодветна техничка инфраструктура, тематизација на паркот.
Изградбата на новиот Луна парк требаше според проценките на градските власти требаше да генерира зголемени приходи од работењето на забавниот парк со годишна посетеност од 200 илјади посетители. И во годинешниот Буџет на Градот Скопје беа предвидени 81.300 евра за изградба на приклучоци и трафостаници за Луна Парк. Новиот Луна Парк и скијачката патека на Водно, беа дел од проектите во програмата на скопскиот градоначалник Коце Трајановски на последните локални избори.
Ј.С.