Дали стратешката инвестиција „Стипион“ ќе значи крај на купување скапа струја од трговци и снабдувачи?
Објавено во: Економија 15 Март, 2024
Државното електростопанство ЕСМ за прв пат ќе оствари добивка со цената од
56 евра по мегаватчас од фотоволтаичниот парк Стипион, тврди за „Фактор“
консултантот што го застапува стратешкиот инвеститор Акуо Енерџи кој во
околината на Штип ќе го гради соларниот парк Стипион.
Од таму велат дека ќе има толку многу производство на електрична енергија, што државните електрани нема да имаат потреба да прават трошоци како досега и да купуваат увозна струја за да го надополнат производството и за тоа да плаќаат цени и до 100 евра од мегаватчас.
На прашањето на „Фактор“ како е дојдено до оваа цена, кога во моментов таа што ЕСМ му ја испорачува на ЕВН е 57 евра, односно само едно евро повеќе, велат дека позитивната страна е тоа што, ако се спореди со таа на аукциите во регионот е многу пониска.
- ЕСМ за прв пат по подолго време ќе има профит, затоа што ако споредиме со аукциите во регионот - во Косово почетна аукција беше 65 евра, а во Србија достигна 89 евра, така што произлегува дека сите се добитници. Во моментов ЕСМ има производна цена на струја од 120 евра по мегаватчас, а просечната заедно со хидроцентралите е 89 евра по мегаватчас, вели застапникот на стратешкиот инвеститор.
Од таму тврдат дека снабдувачите и трговците повеќе нема да се богатат на грбот на ЕСМ и дека токму кај нив има интерес и натаму зависноста од увозна електрична енергија да остане на ниво од 30 отсто.
Инвестицијата се очекува да биде околу 270 милони евра со капацитет за произвоство од 360 до 400 мегавати, а договорот, кој сеуште не е озаконет, треба да трае 30 години. Според договорот, по неговиот истек, постои можност паркот да биде отстапен на државата.
- Иако фотопанелите имаат ограничен рок на траење, ние треба да ја отстапиме фотоцентралата со 75 отстотен работен капацитет. Но, по 25 години, односно на пет години пред истекот на договорот, двете страни ќе седнат да разговараат дали државата ќе сака да ја задржи инвестицијата за себе, или ќе продолжи сопственикот и понатаму да работи како оператор, тврди претставникот на инвеститорот.
Компанијата тврди дека комуналиите стандардно и законски ќе бидат платени онолку колку што изнесуваат - 2,15 милиони евра и дека веќе е покажана општествена одговорност со платени околу 3 милиони евра за чистење на земјоделските канали на местата каде што ќе бидат инсталирани агроволтаиците. Од таму велат дека инвеститорот свесно се откажал од најплодните 160 хектари земјоделско земјиште од 1 и 2 класа.
- Ќе треба да изградиме 400 киловолтна трафостаница и далековод од 6 километри. Само ова ќе вреди од 30 до 35 милиони евра, што ќе треба да се предаде на МЕПСО по изградбата. Капацитетот ќе биде 1.000 мегавати, а ние ќе приклучиме само 400, што значи дека останатиот капацитет ќе биде утре слободен за други производители, вели консултантот на „Акуо Енерџи“.
Тој појаснува дека договорено е со ЕСМ трошоците за балансирање да се делат 50-50, додека за закупот на земјиштето кое е целосно државно ќе се плаќа според ценовникот во владината уредба. Бидејќи една од дејностите на францускиот инвеститор е и производството на храна, ќе биде направен обид на површината со агроволтаици да се обработува земјиштето.
- Доставен е договор до штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ и се чека потпис, а ќе се обидеме и со локалните земјоделци да склучиме одреден вид на партнерство. Но за ваквиот концепт ќе треба и законски измени, бидејќи земјиштето ќе стане градежно и ќе се изгубат субвенциите, посочува соговорникот.
Законите за четирите стратешки инвестиции се вратени во собраниска процедура која се враќа од почеток. Инаку законите се најдоа во Собранието во јануари. По огласот за стратешки инвеститори, кој траеше неколку години, владата одлучи таков статус да им додели на четири странски компании. Покрај француската „Остро солар“, тука се уште грчката „Митилинеос“, бугарската „ХЕК Солар“ и белгиската „АИМ Греен Тецх“.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пред неколку дена рече дека во моментов, просечната цена на мегават струја купен на берза чини околу 72 евра, додека производствена на ЕСМ, ако е од сопствен јаглен е 110 евра, а со грчки, увозен - 142 евра за мегават.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.