Дали укинувањето на пресудата за Шешељ е приоритет за Хаг?
Објавено во: Балкан 16 Мај, 2016
Главниот хашки обвинител, Серж Брамерц вели декa укинувањето на првостепената пресуда, со која лидерот на српските радикали, Воислав Шешељ е ослободен од обвиненијата за воени злосторства, е приоритет.
Тој беше во посета на Сaраево минатата недела каде во интервју за весникот „Дневни аваз“ истакна дека обвинителството во Хаг, силно се ангажира за укинување на ослободителната пресуда на Шешељ.
„Сакам да бидам целосно јасен: не сме задоволни и знаеме дека пред себе имаме важна работа. Премногу често се слават воените злосторници, а никој не се сеќава и не зборува за вистинските херои кои за време на конфликтот беа против поделбите на национална основа“ - вели Брамерц.
Додава дека многумина се незадоволни и разочарани од пресудата на Радован Караџиќ, затоа што иако е осуден, сепак со пресудата не е потврдено извршување на геноцид, освен во Сребреница.
Брамерц изјави и дека очекува провостепената пресуда за Ратко Младиќ да биде изречена до крајот на 2017 година.