Деновиве ќе имаме обилни врнежи, наместа до 60 литри на квадрат
Објавено во: Македонија 07 Ноември, 2016
Во вторник и среда ќе имаме врнежливо време.
Македонија од денеска ќе потпадне под влијание на засилено јужно воздушно струење и на топла и влажна воздушна маса, кои во наредните денови ќе условат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет.
Во текот на денот ќе дува умерен до засилен јужен ветер, кој во северозападните делови на моменти ќе достигнува брзина над 60 километри на час. Во вечерните и ноќните часови во западните и во северните делови ќе има повремени врнежи од дожд со услови за појава на грмежи. Сепак, денеска ќе имаме невообичаено топло време за овој период од годината
Пооблачно со обилни врнежи од дожд ќе биде во вторник и среда, кога на повеќе места се очекува да наврнат околу 50, а локално и над 60 л/м2 дожд. На места врнежите ќе бидат поројни проследени со грмежи и засилен ветер, во форма на невреме. Во овие два дена ќе дува засилен повремено и силен јужен ветер чија брзина на моменти ќе достигнува и над 70 км/ч.
Во среда кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен и ќе предизвика значително опаѓање на температурите на воздухот, поради што на планините врнежите ќе преминат во снег.