29 Септември, 2024
0.7142

Депозитите во банките пораснале 222 милиони евра за една година!

Објавено во: Анализа 16 Октомври, 2014

Добивај вести на Viber

Официјалните податоци на Народната банка на Македонија покажуваат дека орочените штедни и девизни депозити во нашите банки во август годинава достигнале 219,89 милијарди денари (3,57 милијарди евра). Во споредба со истиот период лани тие се поголеми за 222 милиони евра Од август лани до август годинава нашите банки просечно дневно примале по 608.220 евра нови орочени штедни и девизни депозити. Ова е податок што го објави централната банка, единствена овластена државна институција која води статистика за финансиски показатели, на нејзината веб страница деновиве. Во „прегледот на депозитни институции“ во ставката „останати депозити“ е впишано дека износот на орочени, штедни и девизни депозити е зголемен за 222 милиони евра за период од една година. Лани во август салдото било 206,2 милијарди денари односно 3,347 милијарди евра. Една година подоцна во август годинава вредноста на орочените штедни и девизни депозити на коминтентите се зголемила за 222 милиони евра и достигнала вредност од 219,886 милијарди денари односно 3,57 милијарди денари. Ова се средства кои од граѓаните, фирмите и други клиенти ги апсорбирале македонските деловни банки во период од една година.Во однос на јули годинава, на месечно ниво растот на орочени штедни и девизни депозити исто така бележи раст. Тој изнесува 63,12 милиони евра односно 3,89 милијарди денари. Простата математика покажува дека просечно дневно во екот на летните одмори, во август, Македонците и фирмите во земјава секојдневно депонирале по 2 милиони евра во штедни влогови. Споредбата на достапните податоци по месеци од почетокот на годинава до сега покажува изразит скок на влоговите во периодот јули-август наспроти другите месечни интервали. Растот како што напишавме во последниот период изнесува речиси 3,9 милијарди денари. Од јануари до март имало период на мали растови на орочените штедни и девизни депозити од тоа од 212,2 милијарди денари во јануари на 213,75 милијарди денари во февруари и 214,34 милијарди денари на крајот на март. Во април и мај следува пад на вредноста и тоа прво на 214,03 милијарди денари па на 213,48 милијарди денари. По тоа се менува тенденцијата и следува раст, а нивото во јуни е 214,79 милијарди денари, па јули е безмалку 216 милијарди денари. По тоа следи најголемиот раст од безмалку 4 милијарди денари за само еден месец и состојба од 219,89 милијарди денари на крајот на август. Р.Ф.