24 Април, 2024
0.0271

Деспотовски: Наскоро ќе ги видиме првите македонски стартап милионери

Објавено во: Економија, Интервјуа 12 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Првите македонски иновациски милионери ќе ги видиме наскоро. Прилично е самоуверен кога зборува за овој впечаток првиот човек на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски. Фондот веќе работи на анализа на ефектите од поддршката кај компаниите, но и врз самата економија. Ексклузивно за Фактор открива дека истражувањето покажало дека на пример, просечно годишно зголемување на приходите од работењето на компанијата која имала поддршка е 50 проценти, а во исто време пораснал и бројот на вработени и платите. Во разговорот Деспотовски открива и други детали во однос на критериумите, заштитата од поврзаност на апликаните со носители на јавни функции, но и како ќе се менуваат критериумите. Инаку, влезот на Фондот за иновации и технолошки развој уште во прв момент не дава впечаток дека сте во некоја државна институција. Го прашав прво како функционираат таму, какви идеи продуцираат самите, дали иновираат.


Деспотовски: Иновацијата по дефиниција внесува значителна промена во постојниот систем. Она што ни е нам важно е на сите да има ја пренесеме пораката дека сме отворена институција, достапна секому, во секое време. Не случајно и нашите канцеларии не се класични, просторот е уреден така да отсликува една помалку формална атмосфера со пријатен амбиент. Едноставно, тргнавме прво од нас, воведовме нов пристап во работењето, кај нас е постојано раздвижено и секој може да дојде без посебна најава. Со ова сакаме да ги урнеме стереотипите за тоа како може да изгледа и да функционира една државна институција. Кај нас секој е добредојден и според повратните реакции се чини сме успеале во тоа.

До сега ФИТР објави неколку повици за поддршка на домашни компании преку повеќе програми. Што покажа искуството од овие повици?

Деспотовски: Со отвореност и транспарентност, поагресивна комуникација на можностите како и со таргетирана поддршка за апликантите успеавме да го разбудиме креативниот потенцијал на домашните компании и да поттикнеме забрзан развој. За споредба, во периодот од 2014 до 2017 година во Фондот аплицирале околу 200 компании, а се склучени 35 договори. Во само 18 месеци потоа имаме над 600 апликации од различни субјекти и над 235 склучени или одобрени договори за кофинансирање. Ова говори за зголемен интерес кај домашните компании за реализација на инвестиции, но и нивна доверба во процесите на аплицирање и доделување на финансиски средства. Истовремено ова е јасен индикатор дека македонските компании се повеќе воведуваат иновации во сопственото работење или  нудат иновативни производи или услуги, што пак силно укажува на фактот дека економскиот екосистем во државата се консолидира и дека станува поефикасен и поефективен. Очекуваме ваквиот позитивен тренд да продолжи, бидејќи целта ни е да се движиме напред, наместо да се занимаваме со историја.


Колку од одoбрените проекти се успешни колку пропаѓаат?

Деспотовски: Светските искуства од овој начин на инвестирање во растот, кон кои Македонија сега фаќа целосен приклучок, укажуваат дека не сите проекти можат да го донесат планираниот ефект. Но, она што е важно е дека оние што се успешни, а такви лично очекувам да бидат големо мнозинство од проектите, креираат резултати што се доволни и за неуспешните, но и за повеќе следни циклуси на финансирање.

Како пример, ќе споменам дека од 35 проекти што досега се завршени или при крај, околу дваесетина веќе уплаќаат ројалти кон Фондот односно остваруваат приходи од инвестициите. Кон ова ќе споменам дека моделот на ројалти, развиен на инструментите финансирани од Светската банка, сега го воведуваме и кај Планот за економски раст, со што очекуваме дека на среден рок ќе бидеме во можност, како современ инвестициски фонд, целосно или во добар дел да е финансираме преку учеството во успешноста на нашите проекти. 


 Искуствено каков е ефектот од други земји од ваков тип поддршка и вакви институции?

Деспотовски: Светските искуства говорат дека вложување во иновации е ризична категорија и често овие бизнис проекти не доживуваат успех. Но, на пример, Израел - трета земја во свет која вложува во истражување и развој е најдобар пример за тоа дека кога само еден од иновативните проекти во кои сте вложиле средства, се продал десеткратно повеќе, ги покрива трошоците за инвестиции во сите останати компании. Неодамна, во разговор со амбасадорот на Израел, инаку мој многу драг пријател, научив дека со трпение и верба во она што го работиме резултатите нема да изостанат. Кај нив, првите ефекти биле видливи по години вложување, но се исплатиле буквално со само еден проект – старт ап компанија продадена во САД за неколку милијарди долари. Вложувањата и продажбите на останатите бројни успешни примери се само плус кон оваа бројка.

Првите впечатоци од групата израелски инвестициски фондови пред кои неодамна презентиравме 30 проекти што ги финансира Фондот се навистина позитивни и лично очекувам дека првите македонски иновациски милионери ќе ги видиме наскоро.


Колку пари до сега се одобрени и колку се планирани во следниот период?

Деспотовски: Моментното финансиско портфолио на Фондот е околу 40 милиони евра инвестиции во 235 домашни микро, мали, средни и големи компании. Токму толкав обем на инвестиции се поттикнати во домашната економија во изминатите 18 месеци. Околу 23 милиони се учество на Фондот преку средства на Буџетот и Светската банка, останатите околу 17 милиони се сопствено учество на компаниите, кои се реализираат преку наменски проектни сметки.

Според годишната програма и годинава продолжуваме со инвестицискиот план за што на располагање имаме нови 12,5 милиони евра. Во моментов е отворен јавен повик за комерцијализиција на иновации со вкупен фонд од 5 милиони евра. Од нив 2 милиони обезбедува Светската банка, со што оваа организација станува станува финансиски партнер на ФИТР и Владата во реализација на Планот за економски раст.  Она што особено не радува е дека една реномирана финансиска институција како Светската банка ги прифати условите од владиниот План за економски раст што резултираше во овој заеднички инструмент.

Дали ќе се оди на подигнување на критериумите? Како ќе се елиминира можноста лица поврзани со личности кои имаат јавна функција да бидат селектирани? Што ќе се менува?

Деспотовски: Веќе работиме на менување на различни аспекти и критериуми поврзани со процесот поврза со инструментите на ФИТР. Воведовме фаза на предселекција во која домашни експерти од над 20 области ги оценуваат пристигнатите апликации, па потоа одат во фаза на финална селекција. ФИТР стана прва инстутуција која која воведе протокол за проценка на ризик заради поврзаност со лице на јавна функција во сопственичката структура. Ги прошируваме секторите на компании кои може да аплицираат за нашите повици. Како новина сега го воведуваме и механизмот на ројалти. Едноставно се адаптираме на приликите и побарувањата на домашниот екосистем.

Реално, ние заостануваме во овој домен бидејќи овие искуства во светот се граделе во изминатите триесет години. Но, ние континуинуирано се подобруваме и ги земаме в предвид искуствата од секој повик, како и препораките од бизнис заедицата и јавноста. Со овие примени почнавме лани, и убеден сум дека нема да чекаме две децении за да стигнеме до светското ниво, туку ќе одиме со забрзан чекор. Тоа веќе се рефлектира во системот кој е поставен според воведените критериуми, новиот начин на монторинг со реномирана ревизорска компанија, потоа техничка помош што ја нудиме преку разни работилници, советувања со експери,  веќе наликуваме на успешните светски концепти. 


Имате ли анализа кои се всушност директните ефекти од поддршката што ФИТР ја дава на компаниите?

Деспотовски: Фондот веќе работи на анализа на ефектите од вложувањата врз зголемената активност на економијата, а со тоа и ефектите врз јавните финансии. Првичните резултати ќе ги објавиме наскоро, но истите покажуваат дека само по основ на зголемена уплата на придонеси, персонален и данок на добивка, овие компании веќе ги враќаат средствата во Буџетот на РСМ

Во кои сегменти од финансиските показатели ефектот од поддршката е најголем?

Деспотовски: Според анализата, на пример, просечно годишно зголемување на приходите од работењето е зголемен за речиси 50 проценти, исто така е регистриран зголемен број на вработени, и тоа за 27 отсто, а во забележителен е тренд на пораст кај просечните плати и тоа (во просек) за околу 40 проценти. Овие бројки се доволен индикатор за тоа какви резултати можеме да очекуваме во иднина.

Има ли потенцијал за привлекување на капитал за поддршка на домашните коммпании преку фондови од странство?

Деспотовски: Пред да излеземе на меѓународен пазар, мора да направиме соодветна критична маса од успешни проекти кои генерираат резултати. Знаете, меѓународните инвестициски фондови работат со инвестиции од неколку милиони евра па наогоре поради што би било несериозно од наша страна без соодветна поддршка од државата и без развиен концепт, да излегуваат на странските пазари. Она што радува е дека веќе имаме компани кои ги пласираат своите производи и надвор од границите на земјава, не само во Европа туки и во САД. Истовремено имаме и најава за сериозен влез на странски фондови од Израел. Како што напоменав, неодамна во ФИТР веќе организиравме и средба на наши корисници со израелски инвеститори кои најавија и можност за конкретна соработка.


Каква е вашата визија за Фондот, каде го гледате во наредните години?

Сакаме ФИТР да прерасне во модерен фонд кој ќе биде целосно отворен кон приватниот сектор и ќе и носи приходи назад на државта. Целта е државата да стане вистински партнер во економијата, и во делење на резултатите и успесите на компаниите во кои вложува. ФИТР да биде препознаен како прва адреса за домашните компании, особено за стартап заедницата и за младите идни претприемачи кои ќе добиваат финансиска и менторска поддршка. Крајната цел е да покажеме дека кога една институција ќе се вложи со искрени намери во остварување на нејзините стратешки цели, ползата ја имаат не само корисниците туку таа има позитивен домино ефект на целото општество.

Преку нашиот пример на функционирање – отвореност и флексибилност, преку следење на потребите на оние за кои сме формирани – домашните компании, сакаме да дадеме и конкретен придонес и во севкупниот процес на подобрување на услугите и ефикасноста на јавниот сектор, а секако и во промената на општеството.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?