Девет европски банки формираат компанија и ќе издаваат сопствена криптовалута
Објавено во: Економија 27 Септември, 2025 07:00
Италијанската „УниКредит“ и австриската „Рајфајзен банк интернешнл“ објавија дека ќе формираат компанија со седум други европски банки за издавање криптовалута „деноминирана во евра“ и поддржана од традиционални финансиски средства.
Покрај „УниКредит“ и „Рајфајзен банк интернешнл“, групата ги вклучува белгиската „КБЦ“, данската „Данске банк“, германската „Декабанк“, шведската „СЕБ“ и шпанската „Каиксабанк“, а може да се приклучат и други банки, се вели во соопштението.
Седиштето на новата компанија ќе биде во Холандија и ќе работи под лиценца и надзор на холандската централна банка како институција за електронски пари.
Воведувањето на криптовалутата поддржана од традиционални средства и „деноминирана во евра“ е планирано за втората половина на 2026 година, и ќе биде во согласност со регулативите на ЕУ за пазарите на крипто средства (MiCA) и ќе овозможи брзи и евтини плаќања 24 часа на ден, изјави портпаролот на германската ДекаБанк.
Издавачите ги врзуваат дигиталните пари за стандардни валути како доларот или еврото, но и за стоки како злато и сребро и за финансиски инструменти за да избегнат ненадејни флуктуации во нивната вредност.
Криптовалутата нуди потенцијал за ефикасни прекугранични трансакции, автоматизирани плаќања и подобрувања во управувањето со синџирот на снабдување и обработката на дигитални средства, се вели во соопштението на банкарската групација.
Потпирањето на блокчејн технологијата ќе обезбеди јавно достапен електронски запис за сите трансакции на плаќање.
Водечките позиции на меѓународниот пазар на криптовалути поврзани со традиционални средства моментално ги заземаат американските Tether, Circle и Ripple.
Дополнителен поттик за емисијата на криптовалути во САД даде претседателот Доналд Трамп кон средината на јули со „GENIUS Act“, кој бара од издавачите да ги покријат 100 проценти од новите криптовалути со ликвидни средства како што се долари или краткорочни државни обврзници и месечни извештаи за составот на резервите.
Законот, според соопштението на Белата куќа, „ќе генерира зголемена побарувачка за американски долг и ќе го зацврсти статусот на доларот како светска резервна валута“.
Еврозоната одлучи да издаде дигитална валута преку својата централна монетарна институција, Европската централна банка.
Сепак, конзорциум од девет европски банки нагласува дека сака да создаде европска алтернатива на пазарите на криптовалути доминирани од САД, со цел да ја зајакне стратешката автономија на Европа во трансакциите на плаќање.
Можеби ќе ве интересира
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?




