ДИГИТАЛНА ПЛАТФОРМА „МАКЕДОНСКО НАЈДОБРО“ ЗА ПРИСТАП ДО ДОМАШНО ПРОИЗВОДСТВО - нова кампања за јакнење на земјоделството
Објавено во: Економија 18 Јули, 2025 11:57
„Македонско најдобро“ е новата кампања преку која Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се обиде да го зајакне и зголеми производството на домашни земјоделски производи, да ја подигне свеста за квалитетот и автентичноста на овие производи и да обезбеди полесен пристап на граѓаните до овие производи.
Кампањата започнува со видео запис којшто денеска беше промовиран од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
- Овој видео запис не е само реклама, туку вистинска приказана за нашата земја, а за вредните раце на нашите земјоделци и преработувачи и за богатата традиција која со љубов ја негуваме. Низ секоја сцена од златните полиња до трпезата прикажано е нашето домашно. Кампањата „Македонско најдобро“ ќе биде препознатлива по специфично лого кое преку Сонцето и почвата не потсетува дека ги имаме сите предуслови за да имаме домашни квалитетни земјоделски производи - рече Трипуновски.
Додаде дека кога се избира домашен производ, не се избира само храна или продукт, туку директно се инвестира во домашната економија и во отворањето на нови работни места.
Во рамки на кампањата ќе бидат претставени активности и алатки за полесен пристап до домашните земјоделски производи. Кампањата ќе биде присутна преку сите релевантни канали како билборди, постери, флаери и преку социјални медиуми.
Изработена е и дигитална платформа Македонсконајдобро.мк на која сите македонски змејоделци, македонски задруги, преработувачи и продажни центри ќе можат да се регистрираат и секој еден граѓанин ќе може лесно да го пронајде и да се информира за домашните производи.
- Оваа платформа е дизајнирана како централно место за поддршка и промоција на домашното производство овозможувајќи три основни типа на регистрација. Првата регистрација е за земјоделците каде ќе можат лесно да ги прикачат и промовираат своите земјоделски производи. Втората регистрација е за преработувачите каде ќе можат да ги претстават своите автентични македонски преработки. Третата регистрација е за продажните центри каде ќе ги регистрираат своите геолокации на продажни места низ нашата држава со што македонските производи ќе станат повидливи за потрошувачите - појасни Трипуновски.
Платформата ќе има и мапа преку која секој граѓанин ќе може многу лесно да најде каде да ги купи производите што му се потребни, односно преку автоматска геолокација, платформата ќе ги прикаже најблиските продажни места каде ќе може да се набават домашните земјоделски производи.
Има и опција за филтрирање по категорија или специфичен производ преку кои секој граѓанин ќе може на брз начин да дојде до посакуваниот производ.
Во скоро време, како што најави Трипуновски, ќе биде ставена во функција и посебна мобилна апликација, преку која граѓаните ќе може лесно да ги пронајдат и да се информираат за домашните земјоделски производи и преработки од нив.
Министерот исто така посочи дека според статистички податоци за извозот на земјоделски производи, земјоделските политики се движат во вистинска насока.
- Споредувајќи ги првите пет месеци од 2024 година со првите пет месеци од 2025 година во делот на извозот бележиме раст над 50 проценти. Во апсолутна бројка тоа е околу 57 милиони евра што е сериозен раст.
Овој раст значи дека успеваме домашните земјоделски производи да ги промовираме и надвор од границите на државата што во иднина ќе значи враќање на тоа што Македонија некогаш била да ги задоволува домашните потреби, но и да извезува - подвлече Трипуновски на промоцијата на новата кампања „Македонско најдобро“.
Посочи дека е формирана работна група која прави анализа за ефектите на субвенциите и дека првичните анализи покажуваат дека причините за падот на земјоделското производство не се само субвенциите, но дека ќе се направи мала модификација во овој дел во 2026 година со цел да се зголеми домашното производство.
- Првичните анализи покажуваат дека причините за падот на производството не се само во субвенциите, напротив тие се момент на одржување на земјоделците, меѓутоа изминатите години бевме сведоци на тоа дека Владата и Министерството не го ставаа земјоделското производство како приоритет.
Ги наследивме субвенциите кои беа со сериозно задоцнување и ги исплативме, а тековно ги сервисираме сите субвенции кои што се по календарот на исплата со што градиме доверба на земјоделците кон институциите што во минатото не беше случај поради што дел од земјоделската популација го напушташе земјоделското производство - нагласи Трипуновски.
Фото: Министерство за земјоделство
Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




