Димитриев и Борисов се заложија за економска соработка
Објавено во: Македонија 05 Ноември, 2016
За продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Бугарија се заложиле во сабота, претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на избори, Емил Димитриев со бугарскиот колега Бојко Борисов..
Двете страни се обврзале да придонесат со заедничка заложба за унапредување на економската соработка, трговската размена и реализација на инфраструктурни проекти што се од значење за двете држави, со акцент на изградба на железничката и патна инфраструктура на коридорот осум.
Истакната е значајноста и потребата од членство на Република Македонија во НАТО и почеток на пристапни преговори за македонско членство во Европската унија. Од двете страни била нагласена одлучноста за натамошно продлабочување на добрососедските односи.
Премиерите се согласиле дека тежиштето мора да биде ставено на големиот потенцијал за размена во области што се од најголемо значење на граѓаните на двете земји, како економијата, туризмот и културата. Заедничка намера е добрите практики на соработка, преку академиите за науки да се пресликаат и во другите области на соработка.
На средбата, според кабинетот на македонскиот премиер, станало збор и за менаџирање на ефектите од мигрантската криза што ја погоди Европа, но и посебно Македонија и Бугарија кои се најдоа на главниот пат на мигрантите.
Оваа средба се одржа пред почетокот на Петтиот состанока на 16 европски земји од Средна и Источна Европа со Народна Република Кина во Рига.