28 Септември, 2024
0.0280

Директна авиоконекција до Брисел и Рим, ништо од најавените летови кон САД, Индонезија, Бразил!

Објавено во: Анализа 31 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Иако во јули минатата година Агенцијата за цивилно воздухопловство оптимистички најави дека за многу скоро македонските граѓани ќе можат да летаат до Јужна Америка, Азија и до уште неколку други метрополи, се уште нема конкретни воспоставени летови од најавените Чиле, Тајланд, Азербејџан, Индонезија, САД, Бразил, Индија... Со летниот ред на летање Агенцијата за цивилно воздухопловство одобри 141 лет, кои ќе се реализираат неделно на двата македонски аеродроми. За прв пат, од мај годинава италијанската авиокомпанија Ал Италија ќе лета на релација Скопје - Рим и обратно, седум пати неделно. Како што објавија од Агенцијата (АЦВ), од скопскиот аеродром Александар Велики и од охридскиот Св.Апостол Павле, во редовниот сообраќај ќе бидат вклучени 14 авиопревозници со директни авио врски до 25 дестинации како што се Виена, Белград, Загреб, Истанбул, Љубљана, Цирих, Лондон, Малме, Гетенбург, Ајнховен, Дортмунд, Мимингем, Базел, Венеција, Стокхолм, Брисел, Париз, Келн, Милано, Франкфурт, Рим, Берлин, Цирих и Дубаи. Најголем пораст, за 18 лета повеќе, во однос на минатата летна сезона, бележи унгарската компанија Визер, која за прв пат оваа сезона во редовниот воздушен сообраќај ќе се вклучи и со операции на релациите Скопје - Брисел, два пати неделно. Исто толку пати ќе лета и до Париз, Келн и Франкфурт. Пет пати неделно пак, оваа авиокомпанија ќе оперира од Скопје до Милано и обратно. Во летниот ред на летање, веќе од денеска, 31 март, авиокомпанијата Германија Флугелшафт ќе лета од Брисел до Скопје, но и до Охрид. Иако кон крајот на минатата година во јавноста одекна информацијата дека албанскиот авиопревозник Белер оди во стечај, на интернет страницата на Агенцијата за цивилно воздухопловство, стои дека во периодот април – октомври годинава Белер Ерлајнс шест пати неделно ќе сообраќа на релација Скопје - Цирих и обратно. “Од досега издадените решенија, од 10 јуни до 25 октомври, предвидени се и седум дневни летови на релација Скопје - Анталија. Од 27 јуни до 10 октомври, патниците ќе можат два пати неделно да летаат и од Скопје до Бодрум. Од 2 април до 25 октомври ќе се лета и до Дизелдорф и до Амстердам“, велат од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Се уште се чека на најавените летови до Чиле, Тајланд, Азербејџан, Индонезија... Иако во јули минатата година Агенцијата за цивилно воздухопловство оптимистички најави дека за многу скоро македонските граѓани ќе можат да летаат до Јужна Америка, Азија и до уште неколку други метрополи, се уште нема договорени летови врз основа на потпишани билатерални договори до најавените Чиле, Тајланд, Азербејџан, Индонезија, САД, Индија... “Со воздухопловните власти на споменатите држави се оди на потпишување спогодби на либерален концепт, кој опфаќа слобода на сообраќање на која било авиокомпанија меѓу нашата и другата држава. Притоа, нема регулирање на цените и ограничувања на летачките капацитети, односно сето тоа да зависи од пазарот“, изјави за Фактор во јули минатата година директорот на Агенцијата, Дејан Мојсовски. Мојсовски уште од почетокот на 2013 година најави дека ќе се отвори  авионска врска меѓу Македонија и Бразил, како еден од приоритетите за минатата година. Но, се уште македонските патници немаат можност од Скопје директно да летаат до Бразил. “Бразил допрва ќе стане атрактивна туристичка дестинација за македонците. Ако се земе предвид и дека Бразил во 2014 година ќе биде домаќин на Светското фудбалско првенство, а во 2016 година таму ќе се одржуваат Олимписките игри, за нас ќе биде голем предизвик да воспоставима авионска линија до Бразил. Се уште не можам да прецизирам дали тоа ќе биде директна линија или можеби ќе ја искористиме конекцијата од Скопје до Дубаи“, изјави неодамна за Фактор, Мојсовски. Ништо и од редовна авиолинија меѓу Македонија и Катар?! Неколку пати во изминатите две години воздухопловните власти од земјава најавуваа дека ќе воспостават и редовна авионска линија на релација Скопје - Доха.Тоа беше и причината поради која што во февруари лани се сретнаа претставници на Kатарската националана авиокомпанија Катар Ервејс и од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Но, детали за можната нова директна линија до Доха сè уште нема. Се најавуваше дека воведувањето на редовната линија ќе биде во насока на зајакнување на економската соработка меѓу двете земји. Македонија воопшто не е непозната за Катар Ервејс ако се земе предвид дека во последните четири години компанијата интензивно регрутира македонци кои во Доха веќе работат како стјуарди и стјуардеси. Но, додека Македонските власти цела година се обидуваат да ја воспостават редованата линија меѓу Скопје и Доха, тоа веќе го направија властите во Хрватска, Србија и Грција. К.П