Добивај вести на Viber
Дали ќе се врати дневната евтина струја, ќе се знае најверојатно уште во понеделник за кога е закажана пленарната седница на Собранието. Пратениците ќе треба да одлучат дали ќе за гласаат за или против предлогот на граѓанската иницијатива АМАН, поддржана од 13.169 граѓани. Поранешни регулатори велат дека има услови предлогот да пројде кај пратениците, а од АМАН најавија и можен референдум за нивните барања.
Расправата во собраниските комисии, не наговестува дека пратениците во понеделник ќе дадат зелено светло за враќање на дневната евтина тарифа на струјата. Најверојатно тие ќе гласаат против таквиот предлог на АМАН. Сепак ако пратениците не го изгласаат предлогот за враќање на дневната ефтина тарифа на струјата ќе направат грешка, сметаат поранешни членови на Регулаторната комисија за енергетика.
„Иницијативата на АМАН, за измени и дополнување на законот за енергетика, за враќање на дневната ефитна тарифа на струјата е правилна бидејќи освен пратениците и владата, секако и граѓаните имаат право да предложат закон. Тоа е сторено собранието сега треба да го процесуира тој предлог и да расправа на пленарна седница, вели
Рухи Бакију, поранешен член на РКЕ. Тој додава дека ако не се прифати овој предлог тогаш Собранието, односно пратениците, ќе направат грешка. Во таков случај тие ќе ја скршат демократијата, и тоа во еден легитимен предлог на граѓаните.
Според Бакију, ако пратениците сепак гласаат против и одлучат ова барање да не го прифатат и да не се регулира со закон тогаш посочува дека АМАН треба да поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика, тие да го регулираат ова прашање со подзаконски акти.
„Јас сметам дека треба да се врати дневната евтина тарифа на струјата, особено во овие тешки кризни времиња. Нашиот народ 50 години е навикнат на таа тарифа, и сега не е во ред да се укинува токму во најкризниот период. Грешка беше што Регулаторната комисија за енергетика воопшто го прифати барањето и ја укина дневната евтина тарифа на струјата, вели Бакију.
Радомир Цветковиќ, кој исто така е поранешен член на Регулаторната комисија за енергетика вели дека регулаторите треба да ги побараат дијаграмите за потрошувачката, да се види каква е таа во текот на денот.
„Да се види кога е најмала потрошувачката во текот на денот и да се мотивираат граѓаните тогаш да трошат струја. Секоја земја сака да ја намали потрошувачката, во некои се воведени блок тарифи според кои, се што ќе потрошите до одреден квантум плаќате по една цена, се над тој утврден квантум се плаќа по поскапа цена. Сепак, овде кај нас сега регулаторите треба од енергетските компании да ги побараат дијаграмите, да ја видат каква е потрошувачката и да се види дали постојат реални услови за враќање на евтината струја“, смета Цветковиќ.
Ако пратениците гласаат против – ќе оди на референдум!
Зорица Димовска која е овластениот претставник на граѓанската иницијатива АМАН објасни дека тие добиле покана за присуство на пленарната седница во понеделник.Тие ќе го образложат нивното барање , но сепак Димовска посочува дека ако во понеделник предлогот не помине и пратениците не дадат зелено светло, тогаш можно е да се оди на собирање 150.000 потписи за референдум.
Пред неколку дена Kомисијата за економски прашања го отфрли предлогот на АМАН со образложение дека доколку се врати дневната евтина тарифа, со тоа ќе се оптоварат електраните, дополнително, тоа ќе придонесе до зголемување на увозот на скапа струја, а со самото тоа ќе има и поскапување на електричната енергија. На комисиската расправа во прво читање, пратениците од албанска националност, ја поддржале иницијативата, додека останатите гласале против. Заменик-министерот за економија Христијан Делев, на седницата на комисијата, објасни дека Македонија е потписничка на Договорот за енергетска заедница и не може да преземе еднострани чекори оти во него е одреден начинот на наплата на струјата на заедничкиот европски пазар.
Инаку АМАН има две барања: да се врати дневната евтина тарифа на цената на струјата и граѓаните што се исклучени од системот на топлинска енергија во Скопје да не плаќаат сметки.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.