29 Септември, 2024
0.0245

Добивката на „Европа“ преполовена во споредба со лани

Објавено во: Анализа 11 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Најстарата и една од најголемите кондиторски компании во земјава за првото полугодие има профит од 100.000 евра, a по акција добивката изнесува 24 денари Познатиот македонски кондитoрски бренд прави профит од 555 евра просечно дневно во првите шест месеци годинава, покажуваат официјалните податоци од неревидираниот биланс на успех на скопска „Европа“, најстарата македонска кондиторска компанија. Во споредба со истиот период лани добивката сега е преполовена и изнесува вкупно 100.000 евра. Дали „Европа“ по нивото на остварена добивка паѓа на ниво на ланец од слаткарници? Одговорот треба да го даде менаџментот на компанијата, а да го побараат акционерите. Приходите од продажба кај оваа компанија за првото полугодие паднале за 427.000 евра односно за 8 отсто во споредба со истиот период лани. Тие изнесуваат 312,4 милиони денари односно околу 5 милиони евра. Во нивната структура може да се забележи дека „Европа“ изгубила дел од домашниот пазар на кондиторски производи. Во првото полугодие продажбите дома изнесуваат 155,8 милиони денари и се пониски за 9 отсто во споредба со истиот период лани. Продажбите во странство исто така бележат пад од 4 отсто и изнесуваат 156,6 милиони денари. И двата параметри секако дека се сериозна загрижувачка индикација за менаџментот, но и за акционерите на оваа компанија со најголема традиција во Македонија. Дополнителен индикатор за загриженост кај менаџментот и за незадоволство кај големите акционери е тоа што при пад на приходите од продажба за 26,3 милиони денари, менаџментот во истиот период успеал трошоците да ги снижи само за помалку од 5 милиони денари! Ова значи дека менаџментот немал стратегија за раст на продажбите или таа била неуспешна заради тоа што резултат е значаен пад на приходите од продажба. Дали тоа значи неконкурентност на „Европа“ или значи дека не работат на освојување нови сегменти на постоечки пазари или на освојување нови пазари, може само да се претпоставува. Но фактите говорат дека „Европа“ го губи своето место на македонскиот пазар, но и на надворешните пазари. Расходната страна на билансот покажува дека менаџментот ги зголемил трошоците за суровини и други материјали (најголема расходна ставка) за 14 милиони денари односно за 8 отсто. Значајно кастрење на расходи има само кај услугите за 30,6 милиони денари и кај набавната вредност на трговски стоки за 16 милиони денари. Акционерската структура на „Европа“ е консолидирана во голема мерка, но составот на големи акционери е многу интересен и „шарен“. Најголем акционер е „Фершпед“ со посед над 21,8 отсто од акциите со право на глас. „Фершпед“ влезе уште во 2007 година во периодот кога и излезе во пресрет на долгогодишната директорка Сава Димитрова (актуелен претседател на бордот) да се одбрани од сериозниот обид за непријателско преземање од Јовица Стефановиќ – Нини. „Макошпед“ поседува 19 отсто од акциите со право на глас, а најновиот акционер – кичевската фирма АС Сењак, која купи кон крајот на 2012 година, поседува 18 отсто од капиталот. Надворешен акционер е Мила Левентиќ, хрватска државјанка и ќерка на поранешен акционер од кој доби во наследство 8,7 отсто од „Европа“. Друг странец е косовскиот бизнисмен и деловен партнер на „Европа“ Есамедин Хасани од Косово кој поседува 8,2 отсто од акциите. „Европа“ во сопствен откуп чува 10 отсто од акциите со право на глас. Р.Ф.