ДОБРО Е, НО МОЖЕШЕ ДА БИДЕ МНОГУ ПОДОБРО - како огромниот солидарен данок и пониските цени го сведоа „Макстил“ на добивка под седум милиони евра
Објавено во: Економија 04 Март, 2024
Добивка од нецели седум милиони евра. Со таков финансиски резултат минатата година ја заврши нашиот челичарски гигант „Макстил“, што е одлична бројка сама по себе, но е големо намалување во однос на фантастичната 2022 година, која ова акционерско друштво ја заврши со чист профит од 17,5 милиони евра.
Или, како што е објавено во Билансот на успех на компанијата за 2023 година, таа е завршена со добивка по оданочување од 6,55 милиони евра, што е трикратно намалување, или за дури 66 проценти
А, на оваа компанија лани воопшто не и одеше лошо, колку што немаше среќа со солидарниот данок, кој според математиките на државата ја чинеше цели четири милиони евра. Секако, удел во намалениот финансиски резултат имаше и намалената цена за производот на ова акционерско друштво.
Доказ дека „Макстил“ има здрав бизнис се оперативните приходи кои се наплатени минатата година, а кои изнесувале 137,2 милиони евра. Тоа се огромни средства, иако има намалување за 25 проценти во однос на една година претходно, односно 2022 година.
Најголем дел од оперативните приходи се приходи од продажбата, кои тежеле околу 135 милиони евра, при што треба да се има предвид дека опгромниот дел, однпосно дури 120,5 милиони евра се приходи од извоз, односно од продажба во странство. Иако, и тоа е намалување за 26 проценти во однос на истиот период лани.
Од продажбите на домашниот пазар, пак, се слеале приходи од 14 милиони евра.
Од „Макстил“ велат дека минатата 2023била година на закрепнување на глобалната челична индустрија. Побарувачката на челик повторно почнала да бележи раст во Турција, Европа, САД и Бразил. Како главни предизвици, како што велат, и понатаму остануваат регионалните конфликти, инфлацијата, како и финансиските барања за транзицијата кон нискојаглеродната економија. Бидејќи, производителите на челик ќе имаат клучна улога во планот на Европската унија „Fit for 55“ за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 отсто до 2030 година.
„Макстил, како многу значаен регионален производител на толовалани дебели лимови постојано ги следи глобалните текови и во континуитет врши прилагодување на своите деловни функции и успева навремено да одговори на тековната побарувачка на челик“, се вели во образложението на компанијата на финансискиот резултат.
Оствареното производство на дебели лимови во текот на 2023 во производниот погон Валавница изнесува 300.009 тони, што споредено со 303.288 тони во истиот период на 2022 претставува незначително намалување од еден отсто, додека во однос на поставениот производен план за 2023 година е раст за два проценти. Оствареното производство на челичанските слабови во извештајниот период е 296.023 тони, што споредено со 247.166тони во 2022 е зголемување од 19 отсто, додека во однос на планираното производство е повеќе за 18 проценти. Реализацијата на топловаланите дебели лимови во количински показатели за 2023 година изнесува 305.367тони, што претставува зголемување од 9 отсто.
Од „Макстил“ објаснувајќи ја приходната страна велат дека приходите од продажби им се носечка ставка во структурата на вкупните приходи, каде учествуваат со дури 98 отсто. За намалените приходи за 25 отсто велат дека главно се должат на намалувањето на продажните цени на нивниот готов производ, како и соодносот помеѓу директната продажба на Макстил и договорите за преработка.
На расходната страна, пак, остварени се вкупни расходи од 130 милиони евра, што е за 23 отсто помалку во однос на истиот период лани. Во ова помогнале намалените трошоци за струја и гас.
На трошоци за суровини и материјали отпаѓаат 91 милиони евра.
„Трошоците за производство се носечка ставка и во структурата на вкупните расходи учествуваат со 92 отсто. Споредено со 2022 година остварените расходи од работењето се пониски за 22 отсто, што главно се должи на намалувањето на трошоците на енергенсите пред се електричната енергија и природниот гас и влезните материјали во текот на овој период“, се нагласува во образложението.
За плати, пак, на своите вработени, компанијата поделила 17,4 милиони евра, што е раст за 16 проценти во однос на истиот период лани.
И, од „Макстил“ прецизно објаснуваат зошто е намален нивниот профит.
„Намалувањето на добивката во голема мера се должи на извршената задолжителна исплата на солидарниот данок во износ од 257 милиони денари (4,2 милиони евра), кој беше пресметан во септември 2023 и кој не произлегува од оперативното работење на компанијата. Дополнително, намалувањето на добивката во текот на овој пресметковен период во однос на остварената во текот на истиот период од минатата година се должи и на пониските продажни цени на готовиот производ во однос на цените во 2022 година“, нагласуваат од компанијата.
Нагласуваат и дека во минатата година компанијата нема извршена исплата на дивиденди по акција, поради пренесени загуби од претходниот период.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.