12 Мај, 2025
0.0287

Доналд Трамп оствари една цел во Украина

Објавено во: Колумни 05 Мај, 2025 10:33

Добивај вести на Viber

Во четврток во украинскиот парламент(Рада), депутатите ќе треба да гласаат а ратификација на „договорот за украинските недра“ меѓу САД и Украина. Официјално име на документот е „Договор за создавање на американско-украински фонд за обнова“. Страстите околу овој договор во Украина се зовриени, бидејќи депутатите ќе треба да гласаат за него, но не и за „тајните“ делови од него, „техничките“, кои се’ уште не им се дадени на депутатите, а за кои според едни извори се преговара, а според други веќе се потпишани.

Работите околу ратификацијата на Договорот отидоа до таму што украинскиот претседател Владимир Зеленски во саботата, на средба со новинари, рекол дека оние кои нема да го поддржат треба да останат без американски визи. Со други зборови, САД треба да им ги укинат визите на депутатите кои нема да ја поддржат зделката. Според Зеленски ратификацијата на документот за недрата е потребна, „не само заради  иднината, туку поради тоа, за денес да се сочува она што нам ни е потребно“, имајќи ја предвид поддршката од САД. Деновиве во Украина има широка кампања за поддршка на спогодбата меѓу САД и Украина и не треба да се сомнева дека таа ќе биде потврдена и од Парламентот. И покрај што не се знаат содржините на „техничките“ детали, без кои не може да се донесе став за потребата од ратификација и и да се знаат долгорочните последици од договорот за Украина.

Потпишувањето на Договорот на 100-тиот ден од претседателствувањето на Доналд Трамп, беше своевиден подарок за неговиот јубилеј. Трамп настојуваше на што побрзо потпишување на документот. Во Украина приказната околу договорот, која се влечкаше уште од февруари не беше широко прифатена и беше проследена со незадоволство. Пред се’ од жестокиот притисок на САД и неприфатливите предлози, кои беа толкувани како „колонизирање“ на Украина, губење на нејзиниот суверенитет... Документот неколку пати се менуваше, преговорите беа прекинувани, за на крај  да се добие предлог кој треба да е од полза за државата.

 „МИЛОСРДИЕТО“ НА ТРАМП

Приказната за украинските недра не враќа во 2024 година. Најнапред сенаторот Линдзи Грем, голем поддржувач на Украина, неколку пати ги споменуваше украинските недра, како цел кон која треба да се стремат Американците. Тој тоа го препорачуваше на администрацијата на претседателот Џо Бајден. Украинскиот претседател, во меѓувреме подготви план за мир во кој беа вклучени и недрата. И се подготвуваше да го предложи на бајденовата администрација, но намириса дека Бајден ќе замине во историја, и некаде во септември лани, на приватна средба со Трамп, му го образложи и нему својот план.

Сите веќе знаат дека Трамп, пред се’, се води од бизнис идеи, кои носат полза на САД. И не случајно тој почна да настојува  на искористувањето на украинските недра, како „наплата“ на наводните 350 милијарди американска воена и финансиска помош на Украина. Па побара од Зеленски да се согласи на прекин на огнот и на потпишување на зделката за недрата. Зеленски, кога ги доби првите предлози се спротивстави. Прво беше против прекин на огнот, нарекувајќи го тоа „капитулација“. А за зделката за возврат бараше Америка да ја гарантира безбедноста на Украина, како на Израел, на пример, иако знаеше дека тоа е тешко остварливо. Но, Трамп беше упорен и Зеленски конечно се согласи и на прекин на огнот, уште во март, а минатата недела на зделката за недрата. На ова влијаеше скандалот, кога Зеленски беше „избркан“ од Белата куќа и „милосрдието“ на Трамп, искажано во Ватикан, најверојатно на барање на британскиот премиер, Кир Стармер, и францускиот претседател, Емануел Макрон. Зделката по ова беше склучена, се разбира под принуда, а алтернатива на непотпишувањето, а сега и на нератификацијата, ќе беше заладување на односите со САД и блокирање на целата американска помош.

Во САД сметаат дека Договорот меѓу САД и Украина за недрата е целосно економско партнерство, кое ќе му помогне на Трамп да ги води преговорите со Русија на поцврст темел. Така барем мисли министерот за финансии на САД Скот Бесент, кој беше главен американски преговарач за зделката со минералните суровини. Според него докуметнот ќе му покаже на „руското раководство, дека меѓу украинскиот и американскиот народ“ и нивните цели „нема никакви разногласија“. „Американскиот народ нема да заработи пари, ако Украинците не процветаат. Ние сега во целост се совпаѓаме околу економските прашања. Ова е силен сигнал за руското раководство, кој му дава можност на претседателот Трамп да води преговори со Русија на поцврста основа“, изјави Бесент во едно интервју. Тој додава дека склучената зделка не се однесува само на ретките метали, туку и на инфрструктурата и енергетиката. „На тој начин, двете страни имаа можност за добивка“, рече американскиот министер.

ПОТЕМКИНОВИ СЕЛА

Што ќе им донесе постигнатиот договор на Американците? Владимир Зеленски постојано тврдеше дека порано дадената американска помош нема да се смета како долг. Но Трамп вчера во интервју за NBC го повтори она што и порано го кажуваше. „Ние успеавме да добиеме ретки земни елементи. На Европјаните им ги враќаат парите. Тие ги дале на кредит. Бајден им дал 350 милијарди долари. Тој нема појма, каде се парите, што се случило. Во крајна линија ние ќе си го добиеме своето“, изјави Трамп. Зделката за украинските недра ќе им овозможи на Американците да си ги вратат потрошените средства за поддршка на Ураина.

И ако за парите е јасен ставот на Трамп, голема неизвесност има околу тоа колку навистина се вредни украинските недра. Вистински придобивки, според „Вашингтон пост“,  нема да станат очигледни најмалку десет години. Во исто време, Кина ќе остане доминантен играч на пазарот на ретки земни метали во текот на овој период. Во исто време, развојот на наоѓалиштата во Украина во моментов е тежок: недостасуваат современи геолошки податоци, а наоѓалиштата на литиум се наоѓаат на територии окупирани од Русија. Затоа, рударските компании се „претпазливи“ поради високите ризици и потребата од значителни инвестиции во инфраструктура. Ваквите компании „веројатно нема да бидат заинтересирани да влезат во Украина, земја каде што имало малку инвестиции дури и во најосновните истражувачки работи. Фирмите што би можеле да ги разгледаат овие можности се заглавени со застарени геолошки истражувања од советската ера на подземните наоѓалишта“.

Во моментов, западните експерти веруваат дека „Украина не е познат извор на ниту еден од 17-те ретки земни метали што станаа Ахилова пета на американските производители“. Ситуацијата е уште покомплицирана во однос на гасот, кој е вклучен во договорот. „Поголемиот дел од резервите на гас се во конфликтни зони каде што компаниите нема да сакаат да инвестираат, дури и ако има мировен договор“, вели Бен Кахил, енергетски научник на Универзитетот во Тексас во Остин. Во исто време, преработката на минерали се чини дека е уште потешка фаза, бидејќи бара големи ресурси, а Украина не е погодна локација за преработка за американскиот пазар.

„Рафинериите бараат значителна енергетска и транспортна инфраструктура, а голем дел од неа во Украина е тешко оштетена“, се вели во статијата. Весникот го цитира мислењето на новинарите од индустриското издание „Мајнинг џорнал“, кои го споредиле рекламирањето на наоѓалиштата на ретки земји во Украина со Потемкиновите села. „Фалењето на Украина со своите резерви потсетува на легендарните Потемкинови села кои биле изградени во регионот во 1780-тите. Ова биле лажни градови, набрзина изградени за да создадат впечаток на големо богатство за руската царица во посета“, се вели во статијата.

ФОНД ЗА ОБНОВА НА ИРАК

Некои украински медуими се потрудија да најдат одговор за тоа како ќе се реализира „Договорот за создавање на американско-украински фонд за обнова“, договор за недрата меѓу Ураина и САД, споредувајќи со сличен фонд од Ирак, таканаречен „Фонд за развој на Ирак(DFI) , создаден од Американците и привремената ирачка администрација веднаш по завршувањето на војната во Ирак во 2003 година. Концептот на фондот бил многу сличен на она што сега ѝ се нуди на Украина: разни средства што им беа на располагање на новите ирачки власти (првенствено приходи од продажба на нафта, како и средства на ирачката влада и Садам Хусеин запленети во странство) беа префрлени во фондот, а оттаму требаше да се распределат на изведувачи што спроведуваат разни инфраструктурни проекти за повоена обнова на земјата. Активностите на фондот продолжија од 2003 до 2010 година, по што Американците ја префрлија контролата врз него на ирачката влада, која успешно ја ликвидираше организацијата.

Според проценките на ОН, во овој период, околу 150 милијарди долари биле префрлени на располагање на фондот - многу импресивна сума за земја чиј годишен БДП во тие години изнесувал околу 50 милијарди долари. Значителен дел од овие средства беа потрошени за исплата на плати на државните службеници и вработените во јавниот сектор. Сепак, значителен дел од средствата биле наменети за имплементација на инфраструктурни проекти.

Огромното мнозинство од нив им биле доверени на американски компании. На пример, еден од најголемите изведувачи, американската „Келлог Браун и Рут“, добил околу 3,5 милијарди долари од DFI, корпорацијата „Бехтел“ заработила околу 2,5 милијарди долари во Ирак, обновувајќи ги системите за електрична енергија и водоснабдување, „ДајнКорп Интернешнл“ заработила околу 1,5 милијарди долари за обука и снабдување со опрема за ирачката полиција, корпорацијата „Парсонс“ заработи околу половина милијарда долари за изградба на училишта и болници и така натаму.

Многу работи можеле да се направат со овие пари, а плановите на фондацијата биле навистина амбициозни. Но, во пракса, сè се покажало далеку од розово: многу проекти никогаш не биле завршени или биле завршени со одложувања и во ограничени количини. Ревизија открила мноштво прекршоци направени од страна на раководството на фондот, особено таканаречената Коалициска привремена власт, предводена од Американецот Пол Бремер.

Така, инспекциите спроведени од претставници на ММФ и ОН утврдиле дека речиси сите договори биле склучени без конкурс, односно договорите, во суштина, биле издадени на рака. Честопати имало случаи на значително зголемување на цените: на пример, гореспоменатата компанија „Келлог Браун и Рут“ купувала гориво во Кувајт за 1,18 долари за галон и го продавала на Привремената власт за 2,64 долари. Ревизорите од „Ернст и Јанг“ откриле десетици проекти-духови (претежно училишта) кои биле изградени само на хартија, иако средствата за нивна изградба редовно биле издвојувани од фондот. Канцеларијата за одговорност на владата на САД открила дека околу 18 милијарди долари од фондот едноставно исчезнале во воздух.

Вреди да се одбележи дека никој не бил повикан на одговорност за прекршувања или дури и очигледна кражба на средствата на фондот: американските судови одбиле да ги истражат овие случаи, бидејќи средствата на DFI не се пари на американската влада и нивното ракување не може да се истражи и процени според американските закони.

„ТЕХНИЧКИ“ ДОКУМЕНТИ

Во случајот со Украина фондот допрва ќе треба да се конституира. Велат месец, два. Америка брза.  „Техничките“ документи треба да разјаснат како ќе се финансира фондот. Засега се знае дека ќе биде 50 на 50 проценти од обете страни. Со кои пари и како ќе се полни исто не е јасно. Се спомнуваат лиценци за минералните суровини или американско оружје, кое исто ќе се смета како влог во фондот. Не се знае за што ќе се трошат парите. Договорот е за обнова на Украина, но што се’ се подразбира под тоа, ќе треба да се чекаат „техничките“ документи. Кој ќе управува со фондот и како, не е јасно, иако се вели дека ќе биде регистриран во САД, а ќе има сметки во Украина. 

Што значи „поцврста основа“ во натамошните преговори на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин? Како да се оди натаму? За претставниците на администрацијата договорот е голема работа. Но, во Белата куќа нема консензус за тоа што да се очекува понатаму. Договорот би можел да повлече тешки одлуки, вклучително и директен притисок врз Кремљ. Но, Трамп сè уште не е подготвен да го стори тоа. Веќе споменатиот сенатор,Линдзи Грем, предложи нови економски санкции против Москва и царини од 500% за земјите што купуваат руска нафта, гас и алуминиум, доколку Русија не ги прифати предлозите на Трамп.. Сосема друго прашање е дали овие санкции ќе бидат доволни за да се изврши притисок врз Путин. Има предлози, САД да не престанат со давање воена и разузнавачка поддршка на Украина.

А Доналд Трамп и натаму се надева на мировен договор за ставање крај на војната во Украина. Во споменатото интервју за NBC вчера, тој рече дека има големи шанси тоа да се направи. Притоа тој додаде дека сега САД се „поблиску до една од завојуваните страни и можно не така блиски кон другата. Не би сакал да кажам до која од нив сме поблиску“. И нема потреба да каже, кога Украина му ги исполни сите барања. Се’ е јасно. Но Трамп не ја исклучва можноста и да излезе од преговорите за крај на војната. Според него најголема тешкотија во преговорите е во тоа што „станува збор за огромна омраза меѓу два човека“. Веројатно Путин и Зеленски. За нови санкции кон Русија, Трамп вели дека се ќе „зависи од тоа дали таа ќе дејствува во насока на мирот“.

Во Русија договорот  за украинските недра го сметаат како некаква предност на Украина во преговорите со САД околу ставањето крај на војната. И со право. Да, има изјави дека договорот е „уште еден важен чекор кон колонизација на Украина“, но сепак сега се јавува неизвесност околу иднината на преговорите со Трамп.  Веќе се зборува за поделба на „гулаби“ и „јастреби“ околу војната во Украина. Едните се за наоѓање заеднички јазик со САД, а другите за продолжување на војната. Притоа се заборава дека сега Украина и нема некаква напнатост во односите со Америка. Напротив, Трамп за прв пат искажа силно незадоволство од однесувањето на Русија и Путин. Но не се знае што мисли Путин. Тој во моментов е зафатен со организацијата на парадата по повод 80 годишнината од победата над фашизмот и се нема изјаснето јавно за најновите потези на Трамп. Потпретседателот на САД, Џеј ди Венс, неодамна спомна уште 100 дена за решавање на прашањето со војната во Украина.  Со оглед на големиот јаз меѓу она што го бараат Русите и Украинците. Но државниот секретар, Мрко Рубио, вели дека во прашање се недели, а не месеци, Иако и тој пред некој месец зборуваше за период од шест месеци за решавање на украинскиот конфликт.

Русија се изјасни дека е за директни преговори со Украина без поставување претходни услови. И Украина е за преговори, но прво бара примирје. Во таков случај Русија бара гаранции дека  време на примирјето Западот нема да ја снабдува Украина со оружје.  Русија како да престана да зборува дека не го признава легитимитетот на Зеленски. Што е отворање пат кон преговори со него. Русија може и да ги продолжи воените дејства, игнорирајќи го Трамп. Но договорот меѓу Украина и САД не ја намалува веројатноста за испорака на американско оружје на Киев. Па така може да се дојде до ситуација Трамп да ги напушти преговорите и целата состојба околу војната да се врати во времето на Бајден. Со таа разлика што Трамп нема да дава бесплатна воена помош. А доколку Европа има пари, нека и купува оружје на Украина.

Во текстот на договорот за недрата нема гаранции за безбедност што порано ги бараше Зеленски. Не се големи гаранции ниту изјавите дека Русите нема да смеат да ја напаѓаат Украина, бидејќи Американците имаат таму свои интереси. Америка и досега бегаше од директен судир со Русија во Украина. А тоа ќе го прави и во иднина. Трамп барем не е за трета светска војна. Главните напори ќе бидат насочени кон убедување на Путин да го прифати  неговиот план за мир.  Значи продолжување на дипломатијата. Подобро тоа отколку продолжување на војната и во иднина.

Трамп успеа со притисокот врз Украина да оствари една цел, но Русија не е Украина. Тука ќе треба поголем притисок и поголема дипломатска умешност.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Комората испраќа јасни пораки

Комората испраќа јасни пораки