Досие Хазби Лика: Командант, градоначалник, бунтовник, вицепремиер
Објавено во: Анализа 29 Мај, 2017
Името на Хазби Лика е меѓу најголемите изненадувањa од владините кадри кои ДУИ ги предложи за новата кабинетот предводен од Зоран Заев. Хазби Лика од еден од најголемите бунтовници на ДУИ кој се сметаше за дел од лобито на поранешни команданти неочекувано повторно ја доби довербата од страна на лидерот Али Ахмети, а одлуката беше поддржана и од Централното претседателство.
Хазби Лика за прв пат во јавноста се профилира како командант на УЧК и тој беше задолжен за герилските операции на територија на Тетово со 112-та бригада. Лика исто така се споменува како еден од командантите кој стои зад масакрот во Вејце по воена линија на УЧК, но овој случај никогаш не беше расветлен и по потпишувањето на мировниот договор речиси и да немаше политичка волја да се изведе правна постапка што дополнително беше цементирано со амнестијата на сите учесници во воениот конфликт.
Годинава на одбележување на годишнина од првите истрели во Селце со што започна воениот конфликт Лика изјави: „Сите знаеме дека Охридскиот рамковен договор не е спроведен. Но вината за ваквата состојба не треба да ја бараме во другите, туку во нас самите. За постигнување на некоја цел, повеќе не ни се потребни војни, сега е потребен дијалог и мирно решавање на проблемите“.
По формирањето на ДУИ како партија која произлезе од УЧК Хазби Лика беше и заменик министер за внатрешни работи. Највисока политичка функција извршуваше како градоначалник на Тетово со мандат од 2005 до 2009 кога ДУИ сеуште беше во владина коалиција со СДСМ. Тогаш медиумите пишуваа дека постојат сомнежи за криминални активности во општина Тетово но, и тие никогаш не беа докажани ниту изведени пред судските инстанци.
Откако ДУИ „смени дрес“ и коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ Хазби Лика прерасна во еден од најжестоките критичари на раководството во Мала Речица. Тој постојано негодуваше зошто Охридскиот рамковен договор не се спроведува целосно и сметаше дека ДУИ не ги исполнила основните цели за кои всушност и била формирана.
Чашата во 2015-та ја прелеа објавата на бомбите од страна на СДСМ но, и тоа што тогаш Ахмети и неговите функционери не направија сериозни обиди да се дистанцираат од Груевски. Затоа Хазби Лика си поднесе оставка на местото организационен секретар на ДУИ, речиси неколку дена откако тоа го стори Арбен Лабеништа инаку тогашен заменик министер за одбрана. Тој исто така беше на жестока линија против генералниот секретар на ДУИ Абдилаќим Адеми кој важеше за поблизок со структурите на ВМРО-ДПМНЕ.
Биографијата на Хазби Лика е далеку од совршена и сосема јасно е дека неговиот избор е повеќе тактички и политички отколку што се базира на неговите квалификации. Лика поприродно би функционирал во влада на СДСМ токму поради согласувањето со објавата на прислушкуваните разговори кои многу Албанци ги прифатија и целосно се разочараа од власта на Груевски.
Лика во новиот владин состав ќе ја врши функцијата вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците што популарно се нарекува и ресор за спроведување на Рамковниот договор и на овој начин Ахмети може да изгаси многу огнови во сопствената партија, повторно подавајќи му рака на речиси одметнатото лоби кое популарно се нарекува крило на УЧК.
Х.С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.