Досие: Андреа Јосифовски – еден од најбогатите Македонци во канџите на МВР или политиката
Објавено во: 14 Август, 2015
МВР поднесе кривична пријава против Андреа Јосифовски, прв човек на нафтениот гигнат во земјава Макпетрол. Тој и уште двеаесет други лица од компанијата, од централниот депозитар за хартии од вредност и комисијата за хартии од вредност според македонската полиција се товарат за незаконско прелевање на капитал од акционерското друштво Макпетрол во Командитното друштво со акции Оилко. Андреа Јосифовски редовно е вбројуван помеѓу петте најбогати Македонци. Компанијата Макпетрол каде е тој претседател на УО, во своја сопственост ја има телевизијата Телма. Дел од јавноста кривичната пријава против Јосифовски, ја толкува како притисок врз домашниот нафтен магнат поради често критичкиот тон на телевизијата кон актуелната владеачка политичка гарнитура.
Андреа Јосифовски - сопственик на телевизија, иако ретко присутен во јавноста
Претседателот на УО на Макпетрол, Андреа Јосифовски нафтениот бизнис го води поприлично повлечено, иако оваа нафтена компанија ја поседува Телма Телевизија. Јосифовски втора година по ред според листата на „Форбс“ е сместен во петте најбогати Македонци.
„Неколку години по ред ги чувствува последиците од кризата во нафтениот бизнис. Поради тоа, тројно му се смалила и месечната плата што ја зема како претседател на Управниот одбор. Ако порано земал по 35.000 евра, сега прима само 11.000 евра месечно“, пишува „Форбс“, дополнувајќи дека „Макпетрол“ е единствената македонска фирма која годишно ги објавува платите на раководните луѓе. Инаку, мнозински акционер во нафтената компанија „Mакпетрол“ е командитното акционерско друштво „ОИЛКО“, кое, пак, е основано од самата „Макпетрол“ со цел да ги обавува сите транспортни потреби на друштвото. Според податоците 15,4 отсто од акциите во „Оилко“ се во сопственост на акционерот и претседател на управниот одбор на „Макпетрол“ Андреја Јосифовски.
Јосифовски - (не)омилен за актиелната владеачка гарнитура
Јавноста долго време шпекулираше со ваквиот епилог во однос на Макпетрол и нивната ќерка фирма Оилко. Дел од упатените пак коментираат дека кривичната пријава против Јосифовски не е ништо друго туку обид за заплашување на Јосифовски пред се поради се почестиот критички тон на Телма телевизија кон актуелните владини политики. Сепак, од компанијата Макпетрол кривичната пријва ја оценија како тенденциозна, бидејќи УЈП морала со судска пресуда да им врати на Макпетрол пари кои биле незаконски оданочени.
За што МВР го сомничи Јосифовски
Според досега прибавените докази, осомничените се товарат дека во својство на службени лица, заради стекнување со противправна имотна корист, искористувајќи ја службената положба и овластување нанеле штета на акционерите на Макпетрол Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени деривати АД Скопје во износ од скоро 6,1 милион евра. „Притоа овозможувајќи им на комплементарите да се стекнат со право да располагаат и одлучуваат за акционерски капитал и права на глас во Макпетрол АД во износ од 19.95%, а пак на командиторите да се стекнат со капитална добивка во износ од скоро пет милиони евра“, се вели во соопшението на МВР.
Макпетрол: Тенденциозна кривична пријава
Од Макпетрол известуваат дека се работи за чист случај во кој што не е оштетен ниту еден акционер.
„Целата постапка е извршена според законските прописи и легално и нема ниту една повреда на законот. Претпоставка е дека актуелната кривична пријава на МВР е тенденциозна и дека е поднесена заради загубен судски спор во кој се утврди незаконско оданочување на водечките луѓе од Макепетрол. Со последната судска пресуда УЈП е должна да ги врати парите за незаконско оданочување“, реагираа од Макпетрол.
Приказната за „Оилко“
По формирањето на „Оилко“, меѓу фирмата мајка „Макпетрол“ и фирмата ќерка „Оилко“ се склучени поголем број договори од кои според годишните биласни, целиот профит оди на страната на Оилко, додека Макпетрол бележи загуби. При извршената анализа утврдено е дека во периодот од 2002 до 2007 година Макпетрол АД, Скопје работи со добивка, а остварена е нето добивка во вкупен износ од 1.128.185.175 денари, а пак за период од 2007 до 2014 година Макпетрол АД-Скопје остварува нето загуба во вкупен износ од 446.626.307 денари. ОИЛКО КДА-Скопје, во овој период работи со добивка и остварува нето добивка во вкупен износ од 230.408.250 денари што претставува сомнеж дека средствата од Макпетрол АД-Скопје се слеваат на сметка на ОИЛКО КДА-Скопје.
Јосифовски и Владата во „клинч“ и за гасификацијта
Владата и Макпетрол редовно се во судир и поради компанијата за пренос на природен гас „Гама“. Имено, во „Гама“ по 50 отсто имаат удел државата и Макпетрол. Овие две институции постојано се во судки спор. Спорот меѓу државата и нафтената компанија е стар повеќе од една деценија и се уште нема разрешница. Гасификацијата многу одамна декларативно е приоритет во многу енергетски планови на сите досегашни влади. Но, една од кочниците за реализација на овој проект е токму долгогодишниот судски спор меѓу државата и „Макпетрол“ околу сопственоста на гасоводот.
Р.Ф