25 Април, 2024
0.0299

Досие Гордана Силјановска Давкова – Натпартиски кандидат или реприза на Иванов?

Објавено во: Македонија 30 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Експертот за уставно право и професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ Гордана Силјановска Давкова е новиот потенцијален кандидат за претстојните претседателски избори, засега поддржана од група на професори, интелектуалци и истакнати јавни личности. Според „методот“ кандидатурата на Силјановска се наметнува слично како во 2009 година кога група на припадници на академската заедница, писатели и експерти застанаа зад претседателот Иванов, кој подоцна ја доби довербата од ВМРО-ДПМНЕ на партиска конвенција. За Силјановска е тешко да се направи поврзаност со било која политичка партија во Македонија бидејќи секогаш била критички настроена кон секоја власт, но доколку реши да се кандидира најверојатно ќе треба најпрво да ја добие партиската номинација од ВМРО-ДПМНЕ. Евентуален нејзин независен настап би бил тешко изводлив бидејќи судејќи според минатите искуства непартиски кандидати тешко успеваат да ги соберат потребните 10.000 потписи на граѓани за да влезат во трка за прв човек на државата. И претходно се очекуваше да се јави некое име од професорската фела кое ќе истрча со дресот на ВМРО-ДПМНЕ, особено во оваа рана предизборна фаза кога се прават партиските пресметки кој кандидат би имал најголеми шанси да ја однесе победата во мај.

Која е Гордана Силјановска Давкова?

Можеби малкумина денес знаат дека Силјановска беше и министер без ресор од 1992 до 1994 година во првата влада која како премиер ја предводеше Бранко Црвенковски. Година претходно била и член на Уставната комисија на Собранието на Република Македонија во 1991 година која презеде значајни чекори во независноста на земјата. Докторирала со почести во 1993 година на Универзитетот во Љубљана. Основач е и на првиот Совет на европско движење во Македонија. Во периодот од 2012 до 2016 беше и член на Веницијанската комисија за малцински прашања. Денес е редовен професор на правниот факултет во Скопје, во Институтот за правни и политички науки. Автор е на над 200 научни трудови од областа на уставното право, како и член на бројни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации.

Еден од лидерите на професорскиот пленум

Професорката по уставно право во жестоката 2014 година која ја одбележаа протестите на студентите, беше еден од најистакнатите членови на професорскиот пленум во обид да ја одбрани автономијата на универзитетот кога се носеше спорниот Закон за високо образование. Таа беше дел и од протестот на професорите пред Собранието каде одржа одличен говор зошто предложеното законско решение е погрешно, ја критикуваше затвореноста на министерството за образование кое не ги консултираше експертите, а не се сложуваше ниту со недостигот на концепт како да се развива факултетското образование.

„Не верувам дека ќе треба овде да зборувам. Мислев дека ќе дојдат на факултетите, на универзитетите за таму низ дијалог да разговараме за реформата на високото образование… Не верував дека ќе треба овде да стојам зашто очекував да не поканат на Комисијата за образование, спорт и наука. Не не поканија. Не ми преостанува ништо друго освен овде да потсетам дека студентите ги учат дека политиката е дијалог. Дијалог не може да има ако ние сме овде, а тие се таму“ говореше Силјановска.

Мала криза пленумот доживеа кога поранешниот премиер Никола Груевски застана да разговара со професорите кои беа собрани за да одржат прес конференција. Постоеше мала конфузија и несмасна реакција бидејќи во тој момент јавноста, особено студентите очекуваа жестоко соочување на елоквентните професори против политичарот кој го сметаа за главен виновник за лошите реформи во образованието. Силјановска заедно со пленумот побара и од Иванов да стави вето доколку законот се изгласа во Собрание, но по големиот јавен притисок и издржливоста на пленумите кои прогласија автономна зона на факултетите, власта на ВМРО-ДПМНЕ го повлече законот на почетокот на 2015 година.

Жесток критичар на двојазичноста

Силјановска гостуваше во десетина емисиии во кои цврсто застана против новиот Закон за употреба на јазиците со кој де факто се воведува двојазичност во Македонија на повеќе нивоа вклучувајќи ги сите институции. Таа е еден од фронтмените заедно со професор Ванковска и академик Ќулафкова, за што добија и бројни етикети од медиумите, особено дека со нивните настапи ширеле „албанофобија“ и дека наводно биле блиски до политиките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Секако, Силјановска Давкова се противеше на ваквите инсинуации и во своите настапи користеше исклучително правни аргументи, особено за постапката во која беше донесен законот со европско знаменце.

„Ако моите родители биле тепани да пишуваат и зборуваат на српски јазик, ако баба ми и дедо ми исто така морале да зборуваат бугарски јазик едно време, таа асоцијација е лоша, а богами за владеење на Втората светска војна во западниот дел на Македонија и документите и актите биле на албански јазик. Значи заканите не можам да ги разберам бидејќи ние и од говорница чувме дека „Ако не сакате , ќе морате да го учите“, велеше Сиљановска Давкова.

Давкова не се согласуваше со подоцнежните драми Иванов да не го потпише законот, кој откако беше вратен со вето беше изгласан со апсолутно мнозинство, па така спикерот Џафери во невообичаена процедура која се уште се спори го парафираше и го испрати законот на објавување во Службен весник.

Борец против Преспанскиот договор

За неа Преспанскиот договор е неприфатлив и покажува дека Македонија е земја во распаѓање која се ставила во подредена улога на Грција со дозвола да и се мешаат дрско во внатрешните прашања и вели дека „покраината Македонија во Грција веќе го прогласи Солун како главен град на Македонија“ и тоа пред странски гости (на парадата во Солун на 28 октомври н.з.) и притоа истакна дека ние ќе го изгубиме најважното – придавката „македонски“. Таа во обемна правна анализа на договорот за решавање на спорот за името потенцира и дека уставните измени кои се преземаа се недозволиви, грбо кршење на сите принципи, а дека се навлегува целосно во промена на „историјата, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, културата и образованието, политичкиот и административниот систем, УСТАВОТ, слободите и правата на човекот и граѓанинот“.

Ќе води ли независна политика како претседател?

Професорката Силјановска во своите јавни настапи затворската казна за екс премиерот Груевски кој сега е во бегство ја оцени како очекувана со оглед на тежината на кривичното дело и сметаше дека тој треба да заврши во затвор по правосилната пресуда. Нејзините претходни критики на неговата власт и заложбите во пленумот треба да и дадат доволно кредибилитет како личност која би се спротиставила на погрешни политики. Значајно за десничарското гласачко тело во Македонија е што нејзините ставови против законот за двојазичност и Преспанскиот договор се многу популарни, па така гласачите кои сакаат политичар кој стои зад националните позиции на Македонците би и дале доверба. Донекаде и неутралните, како и тие кои се разочарани од сите компромиси кои Македонија мораше да ги преземе на свој товар за да го одблокира евроатлантскиот пат, а не се водат од партиски директиви би можеле да ја земат во предвид Силјановска како „разумно“ решение на десницата за највисоката позиција во извршната власт. Секако, СДСМ и нивната коалиција ќе се обиди да ја прикаже Силјановска како застапник на погрешни политики, на кочничар на евроатлантските интеграции, па дури и затскриен националист кој не е конструктивен во политичкиот дијалог и реал партиската политика. Друг аргумент е дека со изборот на Силјановска би се повторило сценариото со Иванов и дека не ни е потребно нов „волк во јагнешка кожа“.

Автор: Х.С.


Можеби ќе ве интересира

„ЏАРО ИМ ПЛАТИЛ НА ФУДБАЛЕРИ ДА ИГРААТ КАКО ШТО ТОЈ САКА, А ВО МАКЕДОНИЈА НАМЕСТИЛ НАТПРЕВАР ДА ЗАВРШИ 134 НАСПРЕМА НУЛА“: Српските медиуми за Џаровски

„ЏАРО ИМ ПЛАТИЛ НА ФУДБАЛЕРИ ДА ИГРААТ КАКО ШТО ТОЈ САКА, А ВО МАКЕДОНИЈА НАМЕСТИЛ НАТПРЕВАР ДА ЗАВРШИ 134 НАСПРЕМА НУЛА“: Српските медиуми за Џаровски

ЗА УБИСТВОТО НА ВАЊА: Таткото со нова жалба пред Врховен за притворот

ЗА УБИСТВОТО НА ВАЊА: Таткото со нова жалба пред Врховен за притворот

„СО ПУШКА ДОЈДОА НА ВЛАСТ, СО ПЕНКАЛО ДА ГИ ОТЕРАМЕ НА БУНИШТЕТО НА ИСТОРИЈАТА“ - Стојанче Ангелов бара општа мобилизација за „Твоја Македонија“

„СО ПУШКА ДОЈДОА НА ВЛАСТ, СО ПЕНКАЛО ДА ГИ ОТЕРАМЕ НА БУНИШТЕТО НА ИСТОРИЈАТА“ - Стојанче Ангелов бара општа мобилизација за „Твоја Македонија“

КИСЕЛА ВОДА НАЈМНОГУ ОД СИТЕ ЈА САКА ДАВКОВА, ЦЕНТАР, СЕПАК, СО НАЈМАЛА РАЗЛИКА - еве како гласаа скопските општини

КИСЕЛА ВОДА НАЈМНОГУ ОД СИТЕ ЈА САКА ДАВКОВА, ЦЕНТАР, СЕПАК, СО НАЈМАЛА РАЗЛИКА - еве како гласаа скопските општини

ЧЕТВОРИЦА ПОВРЕДЕНИ, МЕЃУ КОИ И ДВЕГОДИШНО ДЕТЕ: тешка сообраќајка на патот Велес - Градско

ЧЕТВОРИЦА ПОВРЕДЕНИ, МЕЃУ КОИ И ДВЕГОДИШНО ДЕТЕ: тешка сообраќајка на патот Велес - Градско

ДАЛИ ОПОЗИЦИЈАТА ОСТВАРИ НЕДОСТИЖНА ПРЕДНОСТ ПРЕД ВТОРИОТ КРУГ НА ГЛАСАЊЕ - BBC на српски со анализа за огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ

ДАЛИ ОПОЗИЦИЈАТА ОСТВАРИ НЕДОСТИЖНА ПРЕДНОСТ ПРЕД ВТОРИОТ КРУГ НА ГЛАСАЊЕ - BBC на српски со анализа за огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ

ЗАМИНА УШТЕ ЕДНА ЛЕГЕНДА - почина познатиот менаџер Велибор Џаровски - Џаро

ЗАМИНА УШТЕ ЕДНА ЛЕГЕНДА - почина познатиот менаџер Велибор Џаровски - Џаро

ГРАЃАНИТЕ ГО ОТПИШАА СДСМ, ДА ЗАПНЕМЕ СИТЕ ЗАЕДНО ДА ГИ ОТПИШЕМЕ И ДУИ: Ангелов вели сега или никогаш

ГРАЃАНИТЕ ГО ОТПИШАА СДСМ, ДА ЗАПНЕМЕ СИТЕ ЗАЕДНО ДА ГИ ОТПИШЕМЕ И ДУИ: Ангелов вели сега или никогаш

„Ако ЕУ барем малку нѐ почитува, ќе забрани азил на македонски функционери“: еве што вели доктор Беќаровски

„Ако ЕУ барем малку нѐ почитува, ќе забрани азил на македонски функционери“: еве што вели доктор Беќаровски