05 Мај, 2024
0.0230

ДОСИЕ ИНТЕРНЕТ: Какви опасности ги демнат најмладите на социјалните мрежи?

Објавено во: Анализа 30 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Расте интернет криминалот, и опасноста за најмладите корисници на современите технологии. Развојот на модерната технологија и трката по пари ја помести границата  на желбата за успех и семејната среќа. Цената е велат граѓаните прескапа, но се дознава многу доцна! Интернетот,  како една од алатките за полесна и побрза комуникација за децата е извор на забава и можност да се отиде во светот на непознатото, а пак за родителите, во недостиг на време,  да добијат неколку часа за се, освен за своите деца! Психолозите, наставниците,невладиниот сектор,  информатичарите, криминолозите - единствени во ставот –љубопитноста на децатa и “слободата” дадена од родителите може понекогаш скапо да чини. Злоупотребата на личните податоци на интернет е една од најчестите што Дирекцијата за заштита на личните податоци ги бележи во последниот период. Постапувањето по барања на граѓани за утврдување на повреда на правото на заштитата на личните податоци е една од основните надлежности на Дирекцијата. Секоја година, според надлежните се зголемува бројот на реакции и претставки од страна на граѓаните, што е доказ дека тие се повеќе стануваат свесни за своето право на приватност. “Во првите девет месеци, од јануари до септември годинава, регистрирани се 191 претставка.За бришење на лажни профили на facebook има 158, за бришење на twitter има 2 и уште толку за google+. Поради објавување на видеа и клипови на you tube без согласност,  до Дирекцијата има 11 претставки, за лажни профили на други социјални мрежи 16, а за злоупотреба на лозинки на yahoo и hotmail се работи на две претставки од граѓани, или вкупно 191случај на кршење на правата за заштита на личните податоци.  Дирекцијата, работи со административните тимови на социјалните мрежи, повикувајќи се на надлежноста согласно законот за заштита на личните податоци. Казните се движат од петстотини до четири илјади евра доколку се констатира дека има повреди на законот”-вели Димитар Георѓиевски-директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци. Интернетот е голема индустрија и средство со чија помош токму преку децата се заработуваат огромни пари. Еден од вознемирувачките феномени е детската порнографија, за што сведочат  растечкиот број на порнографски содржини на интернет-страниците. Без контрола, децата секојдневно се изложени на различни непријатни и опасни содржини. Од Министерството за внатрешни работи велат дека кога зборуваме за интернет криминалот во Република Македонија, може да се констатира дека самиот криминал не е во пораст, туку дека само се менува начинот на извршување на кривичните дела – modus operandi. Како на светско ниво така и во Р.Македонија постојано се појавуваат нови начини на извршување на кривични дела. “Ризиците поврзани со содржина на интернет се многубројни,  со online контакти, несоодветна содржина во однос на возраста, содржина со насилство, забранета содржина (детска порнографија, расизам,несоодветни огласи и маркетинг за деца, злоупотребата  на податоци како и  ризиците  поврзани со online контакти и кражба на идентитет, кражба на пари Fishing, Grooming, Bullyng” -велат од МВР: Според нив, во овие случаи треба да се пријави кога непознатите бараат лични податоци и слики, несоодветна содржина од луѓе кои се непознати, Web страни или URL кои водат до страни со несоодветна содржина а не до содржината која се бара, секој кој испраќа слики или видеа на деца под 18 години. Поседување, производсто и дистрибуција на детска порнографија е нелегално, и предвидено во Кривичниот Законик на Р.Македонија по чл.193-а, како и намамување на малолетник кој не наполнил 14 години преку компјутерско-комуникациски средства со закажување средба е казниво по чл.193-б од Кривичниот Законик на Р.Македонија. “Основи на заштита на децата на интернетот се да не се зборува со непознати на интернет, да не се дава целосното име, фотографии, адреса или број на непознати на интернет кој не го знаеш од претходно, да се користи интернетот во семејна средина. Од Август 2012 година формирана е работна група на ниво на Влада за заштита на децата на интернет. “Со овој проект се санкционираат прекршителите на законите, и се мобилизираат потенцијалите за правилно искористување на интернетот“- велат одговорните во секторот за интернет криминал при министерството за внатрешни работи. Да се подигне свеста за опасностите кои демнат на интернет! Реална потреба,  е велат од фондацијата Метаморфозис,  да се работи многу повеќе на подигање на свеста и на образовното ниво и кај децата и кај возрасните. Од новите технологии има многу придобивки, но и лоши работи,  како интернет педофилија или криминал за кој треба да се обрне посериозно внимание. “Ние направивме посебен веб сајт “безбедно на интернет” на кој може да се најдат корисни нешта за децата и тинејџерите, нивните родители и наставници. Пеку практични  совети и насоки може да се ужива во благодетите на интернетот, можностите што ги нуди,  но и да се научи за опасностите што истиот ги носи со себе и начините како да се заштитиме од нив. Содржините се прилагодени на корисниците од различни нивоа, од оние кои имаат минимално познавање од интернетот, до оние кои се негови редовни корисници. Тука  свој интерес може да пронајдат децата од основните училишта, но и тинејџерите и возрасните ”-вели Филип Стојановски - програмски координатор во фондацијата Метаморфозис. Во септември годинава група организации на граѓанското општество од различни држави, официјално ги претстави тринаесетте меѓународни принципи против неконтролираното следење и надзор на комуникациите, со кои на маргините на 24-тата седница на Советот за човекови права на ОН, за прв пат во историјата, се воспоставува рамка за оценување на практиките на следење и надзор, во контекст на меѓународните обврски на полето на човековите права. Заштитата на приватноста на интернет –комуникациите од неконтролиран надзор и следење се предмет на интерес на големата меѓународна коалиција која бара да се изврши проценка дали националното законодавство е во согласност со превземените обврски на полето на меѓународните човекови права. “Тринаесетте принципи претставени пред Советот за човекови права се: законитост на ограничувањата на приватноста; ограничувањата да имаат легитимна цел и да се нужни; следењето на комуникациите да биде соодветно и пропорционално на зацртаната цел; одлуката за следење да ја носи надлежно правосудно тело; да бидат почитувани правата на граѓаните и тие да бидат правовремено известени за следењето на нивните комуникации; користењето на следењето на комуникациите да биде транспарентно и подложно на јавен надзор; да се обезбеди интегритетот на комуникациите и системите; да се обезбедат заштитни средства во меѓународната соработка; како и да има заштита од незаконски пристап кон комуникациите”- потенцира Филип Стојановски од невладината Метаморфозис. Тој додава, дека според дел од заклучоците,  треба да се зајакне довербата на граѓаните во државните институции, а истовремено да се обезбеди нивно демократско функционирање. Во Македонија,  задолжително треба да се воспостават механизми за цивилна контрола и отчетност на државните служби што имаат овластување и поседуваат опрема за следење и надзор на комуникациите на интернет. Приватноста е основно човеково право загарантирано со Уставот на РМ и заштитата на личните податоци мора да се подигне на највисоко ниво од сите релевантни чинители во општеството: државниот, бизнис и невладиниот сектор. Психолозите велат -Родителите да поминуваат повеќе време со своите деца! Користењето на интернет-велат психолозите,  е со цел да се издигнат свеста и знаењето на младите,  за тоа на кој начин виртуелната реалност може да влијае на нив,  и до каде тие можат да се впуштаат во дигиталниот свет, а тоа да биде безбедно и без последици. “Скоро да нема дете кое нема пристап до интернет,  а знае да чита и да пишува. Еден од начините кој се препорачува да го  применат родителите,  е прво да имаат пасворд што овозможува да го користи детето но кога родителот знае за тоа, бидејќи во спротивно,  може и цел ден,  или времето кога родителите се на работа, детето  остане пред компјутер. Седењето пред компјутер со саати има и друг негативен аспект, ги ремети видот, концентрацијата, дефокусира, се деформира рбетниот столб особено ако се седи  со саати ноќе. Друг метод,  е да се разговара со детето,  што е добро да користи на интернет и  зошто не е добро да се вклучуваат  сомнителни сајтови,  да се  зборува со непознати луѓе.  На децата треба да им се објасни сето тоа. Љубопитството  е такво, што секогаш постои ризик да се впуштат во нешто што не е добро за нив”- вели психологот Лидија Зорба. Според неа, најдобро нешто што родителите можат да го направат  е да поминат што повеќе конструктивно слободно време со своите деца, да разговараат, да поминуваат време кое не  само  “ти треба”, “мора”  или “што ќе правиме”  да биде утре! Таа додава, дека и на компјутер пожелно е да бидат заеднички и децата и родителите, да создадат пријатен амбиент во домот. “Денес тоа е тешко бидејќи сите се во некоја трка,  меѓутоа ако детето се дефокусира на реални,  вистински настани во домот и училиштето,  ќе има помалку време да експериментира на интернет”-завршува Зорба. Децата не ги знаат потенцијалните опасности на интернет! И покрај тоа што интернетот денес претставува извор на голем број информации, брза и лесна комуникација, овозможува пристап до едукативни и забавни содржини за децата, младите и возрасните, сепак тој претставува потенцијална опасност и ризик за приватноста и безбедноста на неговите корисници, а особено за приватноста и безбедноста на децата и младите. Злоупотребата на децата на интернет е појава преку која се поголем број на деца се изложени на директен или индиректен ризик и опасност, пред се поради нивната детска отвореност, наивност, неискуство и често оставајќи ги своите лични податоци преку регистрирање на многу сајтови, не земајќи предвид што се може да се случи. Истовремено, користењето на интернет им овозможува на децата и младите допир со неадекватни содржини за нивната возраст, како порнографија, нацистички сајтови, можности за дистрибуирање на нелегален материјал, спроведување на нелегални активности. “На СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 при Првата детска амбасада во светот Меѓаши, досега имаме регистрирано дојави кои се однесуваат на злоупотреба на децата преку интернет. Се повеќе возрасни лица ни се обраќаат со цел да пријават несоодветни фотографии на facebook профилите од возрасни лица или пак со деца. Исто така имаме дојави за постирање на видео материјали со сексуални содржини од страна на малолетни лица, со цел да го нарушат угледот и достоинството на друго малолетно лице. Многу често децата и младите преку можностите за директна комуникација кои ги нуди интернетот, остваруваат разговори со непознати лица на кои целосно им се доверуваат и не ретко прифаќаат и директна средба со нив. Во новото време децата наместо на родителите, за  првите сексуални желби и искуства му се доверуваат на “другарот од интернет мрежата” -велат  од првата детска амбасада „Меѓаши“. Родителите се клучни во заштитата на децата на интернет. Тие,  велат добро упатените,  мора да бидат повеќе внимателни како нивните деца го користат интернетот и отворено да разговараат со нив во истакнување на позитивните страни на интернетот, но и во предупредување за потенцијалните ризици кои можат да произлезат од неговото неправилно користење. Поради сурфањето на интернет мрежата, денес се почесто, пишувањето домашна работа, домашните  активности,  играњето надвор  или поминувањето време со пријателите, останува  во втор план. “Изминатата година имавме  дојава дека лице кое претходно било обвинето за полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години, сеуште преку интернет порталот facebook, лажно се претставува и измамува и подведува малолетни деца. Првата детска амбсада во светот Меѓаши веднаш за овој случај го извести Министерството за внатрешни работи - Сектор за компјутерски криминал. Покрај родителите и  наставници треба да се грижат за безбедноста на децата и младите додека се на интернет. Повеќето училишта имаат безбедносни системи кои до некаде ги блокираат несоодветните и штетните содржини од интернет да не допрат до компјутерите во училиштето, но примарна грижа треба да биде надгледување на активностите на децата додека користат интернет во училиште и создавање позитивни навики за користење на интернетот. За таа цел, наставниците треба да бидат подготвени, пред сè, да им помогнат на децата во правилно градење на нивните навики и култура на интернет-корисници, на начин кој ќе им овозможи непречено користење на благодетите на овој медиум, без ризик! Исто така, наставникот треба секогаш да биде на располагање на ученикот кој искусил некаков проблем или непријатно доживување од неадекватната содржина или непријатниот контакт на интернет и да направи сé што е во негова моќ да го заштити и да му помогне”-велат од Меѓаши. Детето секогаш да е пред очите на родителите! Интернет и мобилната телефонија го одбележуваат развојот на глобалното општество. Но заеднички е ставот дека, интернетот, како глобална мрежа секојдневно прибира нови и нови корисници и е најлесен начин на комуникација и размена на податоци. Но она што може да го направи еден збор кажан во очи и една прегратка на вашето дете,  неможе да го замени најбрзиот и најинтелегентниот компјутер. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад