Досие „Космос“: Ќе се реализира ли сонот на Цаноски?
Објавено во: Македонија 06 Декември, 2012 08:00
Станови во комплексот имаат уплатено педесетина семејства, од кои некои беа обесштетени, а други трпеливо го чекаа стартот на изградбата. Сега се надеваат дека работата навистина тргнала.
Што тргна наопаку?
Реализацијата на овој, за македонски услови, мега-проект одеше според планираното се до моментот кога сватот на Цаноски, Велија Рамковски, не беше уапсен во декември 2010 година. Потоа, откако во јавноста се појавија шпекулации дека Цаноски финансиски ја помага А1 телевизија, почнаа проблемите за пратеникот и сопственик на универзитетот ФОН. Прво му беше одземена градежната дозвола, која потоа, како што самиот изјави, му била вратена по интервенција на премиерот Груевски. Но, добрите односи меѓу тогаш коалиционите партнери не траеја многу. Откако стана јасно дека ќе има предвремени избори, почнаа партиските прегрупирања, по кои Цаноски и Груевски се најдоа на различни страни. Токму преоѓањето во опозициската коалиција, Цаноски го смета за вистинска причина за уривањето на „Космос“, кое започна на 1 август 2011 година, само неколку недели по новата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Уривањето на деловно-станбениот објект Космос е пресметка на власта со политичките неистомисленици. Со ова власта сака да втера страв во коски на сите“, рече Цаноски во интервју за порталот „Скај Македонија“.
Но, она што тој никогаш го нема јавно загатнато се односите со ДУИ. Ако се има во предвид дека тој беше на само чекор до коалиција со Ахмети, која ја откажа во последен момент, лесно може да се претпостави дека и ДУИ „благонакло“ гледала на идејата за пресметка со него. Особено што Ахмети сметаше дека е „изигран“ со тоа што прифати промени на границите на изборните единици 5. и 6. наводно за Цаноски да има уште еден пратеник во „петката“.
Во дел од шпекулациите за уривањето на „Космос“ остана и можноста дека освен политичките причини, на кои посочија дури и меѓународните институции, стојат и бизнис интересите на конкуренцијата.
Инаку, формалното објаснување за рушењето на „Космос“ беше дека објектот бил за еден метар и 43 сантиметри повисок од предвиденото. Во моментот кога градбата беше сопрена, објектот имаше 6 ката од предвидени 17, што значи дека државата го сруши поради претпоставена штета, која ќе ја претрпеше дури откако ќе беше изграден и последниот кат. Цаноски бараше корекција на проектот, предвидена со законот додека трае градбата, но не му беше дозволена. Државата преку своите институции, а особено преку настапот во Собранието на инспекторката задолжена за уривањето, невешто ја бранеше одлуката за уривање, што остави горчлив впечаток во јавноста дека се делува грубо и селективно. Уште повеќе, „Космос“ беше срушен во моменти кога во полн ек беше акцијата за легализација на дивоградбите. Нејсе, целиот случај е на суд и правната држава ќе има доволно време одново да се изјасни за овој случај.
Кога ќе се изгради....
Доколку најавите за скоро реализирање на проектот се остварат, Скопје ќе го добие првиот модерен објект од другата страна на Вардар, во населбата Ќерамидница, која, иако е на само 3 километри од центарот на главниот град, се уште не е урбанизирана. Предвидена е новопроектирана улица од саем покрај Вардар до мостот „Близнаци“ кај ФОН, како и мост, кој ќе оди од свиокот кај салата „Јане Сандански“.
Самиот комплекс, според проектот, ќе ја има големата зграда-седумнаесеткатница, поделена на пет ламели, и помалата зграда, која ќе биде поставена полукружно. Двете згради заедно ќе имаат околу 560 стана. Поголемата зграда зафаќа бруто-површина од околу 80.000, а помалата околу 40.000 квадратни метри. Изградбата на комплексот ќе чини околу 30 милиони евра.
На долните катови од големата зграда предвидени се деловни простории и шопинг-центар, а на последниот кат беше предвиден луксузен ротирачки ресторан со површина од 1.500.до 2.000 квадратни метри од кој ќе може да се гледа целата панорама на Скопје. Во средишниот дел на овој последен кат ќе бидат сместени и фитнес-центар, базен и сауна за рекреација на станарите. Ќе има и детска градинка. Меѓу двете згради, кои ќе бидат оддалечени 120 метри, ќе има парк и шеталиште.
Паркирањето е решено со две подземни гаражи од по два ката под подрумите на зградите, а странично од комплексот е предвидена и гаража на два ката со околу 562 паркинг-места, така што ќе бидат задоволени потребите на станарите.
Редакција Фактор
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАКО ЌЕ КАЗНУВА ПОЛИЦИЈАТА СПОРЕД СЕЈФ СИТИ? Имате „шанса за помилување“ само ако се борите за живот
„ДО КАЈ СИ СО КИТЕЊЕТО?“Клучна реченица која го одразува владеењето на ВМРО ДПМНЕ, вели Фрчковски
„ЗАЕВ ЈА ФИНАНСИРА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА“: Груевски со шокантни обвинувања до екс премиерот на Македонија
(ВИДЕО) ЈОРДАНОВ СЕ ПОФАЛИ: Еве како новогодишно го украси Штип
УТРЕ ДА ГИ ВНЕСЕМЕ БУГАРИТЕ ВО УСТАВ, ПРАШАЊЕ Е ДАЛИ ЗА 3,6 ИЛИ 9 МЕСЕЦИ ЌЕ ИМАМЕ НОВ УСЛОВ: Мицкоски за уставните измени
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Одбраната на поранешните градоначалници Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за „Пулс“
CNN ЗА МАКЕДОНИЈА: Постои една прекрасна јужноевропска земја со вкусна храна и одлично вино
Телото на Миле Тодоров било пронајдено пред половина месец





