05 Мај, 2024
0.0236

Досие Машинопромет: Кој и како го крчмеше имотот на некогашниот трговски гигант?

Објавено во: Анализа 11 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

“Машинопромет” е компанија за трговија со делови и прибор за моторни возила. Формирана во времето на пораншена Југославија, работата на компанијата “Машинопромет” во изминатите 11 години, беше проследена со низа контроверзии. Тензиите почнаа во 2002 година, откако вработените во акционерското друштво го обвинија тогашниот директор на “Машинопромет” Павле Пајмаковски за криминално работење и перење на милиони евра на грбот на фирмата, што, според нив, го правел заедно со членови од неговото семејство. Според тогашните изјави на вработените и акционери во фирмата, директорот незаконски управувал со акционерското друштво и со измами и проневери направил милионски штети. Акционерите преку надзорниот одбор го разрешија Пајмаковски и почнаа  попис на документацијата за да се утврдат колкави се долговите на фирмата, што за една година успеало да ги направи семејството Пајмаковски, откако дошло на раководни функции во фирмата. Но веднаш потоа директорот со придружба од агенција за обезбедување насилно влезе во компанијата при што дојде и до тепачка меѓу вработените и обезбедувањето на Пајмаковски. Тогаш вработените насилно беа избркани за Пајмаковски да го превземе управувањето на фирмата. Вработените изјавуваа дека ќе истраат до крај. - Решени сме да истраеме до крај, и со документи да покажеме дека екс-претседателот на управниот одбор Павле Пајмаковски и неговата мајка Марија, како членови на Управниот одбор на "Машинопромет" и претседателот на Надзорниот одбор Горан Пајмаковски (брат на Павле) од 18 септември 2001 година само изнесувале од фирмата. Недостигаат петте службени возила, кои и пред тоа раководството ги користеше за лични потреби. Семејството на картици плаќало за лични потреби, а сега се покажува дека фактурите сме ги плаќале ние, беа дел од изјавите на вработените во 2002 година. Во перидот што следеше постојано се вадеа нови документи за тоа што се случувало во “Машинопромет”, а вработените ја повикуваа тогашната Влада на СДСМ да го расчисти случајот. - Семејството со префрлање пари од сметката на Машинопромет преку неколку банки и семејните фирми ПГ-Мак, Пагормат и Киртома, стекнало 29 проценти од акциите. Тоа е класично перење на пари. Во трансакцијата се вклучени и раководни лица од Агенцијата за приватизација. Директорот Пајмаковски земал пари за регрес, кој никогаш не бил исплатен. Продава објекти во Велес и во Охрид без согласност од две третини од акционерите, ние имаме доказен материјал, изјавуваа од синдикатот на  “Машинопромет”. Долг период случајот беше заглавен во судските лавиринти. Акционерите бараа поништување на продажбата на пакетот акции на фирмата, кој со дисконт од 70 проценти поминал преку берзата во 2000- та година. За овој пакет ДОО “ПГ Мак” во сопственост на Павле и Горан Пајмаковски платило 9,1 милион денари. Овие акции во 2003 година биле продадени на Марија Попова Пајмаковска, член на УО на “Машинопромет”. Против брачниот пар Пајмаковски се водеше судско вештачење за Охридска банка- Охрид, Машинопромет и Техноком – Скопје, поради основано сомневање за сторени повеќе кривични дела. Во текот на препукувањата, директорот Пајмаковски постојано тврдеше дека обвинувањата на вработените се невистинити, неосновани и дека работи законски. Но тука не застанаа тензиите и одлучноста на вработените да го докажат криминалнот во компанијата. Акционерите случајот го изнесоа и пред Судот за човекови права во Стразбур, од каде добија позитивен одговор. Во 2008 година по шест годишно макотрпно докажување, судот одлучи и на акционерите од Машинопромет им го врати имотот вреден 3 милиони евра. Фирмата пред стечај, но се тргуваше со акции Тргувањето со акциите на компанијата беше стопирано во 2005 година, но за кратко. Фирмата беше неколку пати во предстечајна постапка. Во меѓувреме во 2010 година Фондот за пензиско и инвалидско осигурување продаде 5,65 проценти од акциите во „Машинопромет“, со вкупна вредност од околу 10.000 евра. Акциите ги купи компанијата „Сиком“ во сопственост на Ненад Шиповиќ. Кон средината на јануари 2011 година беше закажано судско рочиште за да се разгледаат условите за отворање на стечајна постапка. Но неколку дека пред рочиштето на берзата беа истргувани 1, 2 отсто од акциите со право на глас во компанијата. Тогаш прометот на компанијата за која постоеше закана од стечај изнесуваше 1,14 милиони денари.  Според податоците од Комсијата за хартии од вредност компанијата во првите девет месеци од 2011 година остварила приходи од продажба на 8,55 милиони денари, и добивка од 1,25 милиони денари. Сопственикот на компанијата “Сиком” Ненад Шиповиќ е брат на актуелниот претседател на Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ кој бил претседател на УО на “Машинопромет”. За што се товари Шиповиќ? Сега и двајцата се осомничени во случајот “Претседавач”.  МВР за овој случај поднесе кривични пријави уште против 10-тмина членови на надзорен и управен одбор како и вработени во УЈП. Сите се товарат за злоупотреба на службена должност, непочитување на судските решенија и противзаконско отуѓување на имот и дека ја оштетиле фирмата „Машинопромет“ за 64 милиони денари, односно државниот буџет за 14 милиони денари. Од МВР посочија дека членовите на управниот одбор не го почитувале судското решение за забрана со располагање со имотот на фирмата поради отворената претстечајна постапка. Според обвинението криминалот во фирмата се случувал во периодот од 2008 до 2011 година.  Мирослав Шиповиќ кој во моментов не е во земјава, ги отфрли ваквите обвинувања. - Фирмата два пати беше во претстечајна постапка. Сиком ги откупи правата и секој месец и плаќаше на државата по 300.000 денари. УЈП изврши контроли и го одобри тоа. Од нив 200.000 денари се долговите на Пајмаковски. Сиком успеа да се договори за отплата, за да не отиде фирмата во стечај, а вработените да останат на работа, изјави Шиповиќ. Судот одреди мерка притвор од 30 дена за претседателот на управниот одбор на „Машинопромет“, Мирослав Шиповиќ и актуелен претседавач на советот на општина Центар и за уште седум други лица приведени во акцијата „Претседавач”. Дома  се пуштени четворица од приведените со тоа што им е одземен пасошот и треба да се јавуваат во суд секој месец. Станува збор за двајца членови на управниот одбор на „Машинопромет“, претставник на надзорниот одбор и вработена во УЈП. Акцијата повторно ги разгоре тензиите меѓу власта и опозицијата. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека ниту една партиска функција нема да го амнестира претседателот на Советот на Центар, Шиповиќ или било кој друг политичар од вина за учество во криминал.Од СДСМ пак велат дека зад акцијата стои страв,  дека целиот криминал поврзан со Скопје 2014 и со интересите на бизнис елитата на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат на виделина. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад