24 Април, 2024
0.0256

Дракче

Објавено во: Колумни 16 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Токму кога почувствував извесен замор од долгогодишното пишување текстови за Скопје и неговите жители од некои минати времиња, што скромно ги нарекувам колумни се појави,со посредство на Љупче Николоски, мој добар пријател и бизнисмен, барање и молба, се разбира, од неговиот кум Дракче да се сретнеме за да ја слушнам неговата приказна за младоста помината во Ново Маало и на сите знаменити места на заедничкиот роден град.

Се договоривме да се видиме во „Лап Лап“ прекрасен угостителски простор со впечатлива атмосфера и позитивна енергија. Мезиме и пивнуваме, во позадина ненаметливо се слуша италијанска канцона,а Дракче возбудено вели дека прочитал нешто од моите текстови што ги разбуричкало сеќавањата...

Во Ново Маало е роден и живее до 1965,но никогаш не ја пресекол папочната врска со познатото историско место. Со возбуденост до детали се сеќава на се-на секоја куќа, на секој жител, на секој сокак, на кафеаната „Румба“, на шнајдерот Миле (тој му е чичко со кројачки салон- сега тоа би било некаде на паркингот спроти „Гранд“), каде што катадневно се собирале со неговите пајташи-ликови на многумина познати и знајни и познати од 70-те години. Во секој случај доволна причина за уште една епизода....Мајстор Миле е познат шнајдер, тука доаѓале муштерии од градот но предност имале ликовите од пред дуќанот другари на неговиот внук.

Дракче со многу убави зборови говори за Лули Чаволи, познат и успешен ракометен голман и борач,храбро и јако момче,со истенчен осет за правда и заштита на послабите, неоптоварен од фактот дека по националност не е Македонец, постојано во секојдневното докажување кој е појак и кој кого го има победено во фер тепачка. Дракче за себе вели, во шега, се разбира, дека специјалност му се спортот, дискотеките и ноќниот живот на врсниците од тие времиња, но раскажува и за многу други спомени што му останале врежани во меморијата......трите дрвени мовчиња, корзото и Кенан, дрвената барака на Хотел Македонија, киното во Кисела Вода, рибарите на Вардар и долгите низи уловени риби на врбови гранки, плажите......

Во друштвото доаѓа и Димче Џич (Бузле)- јако дете, како што вели, со реноме и на тепач,но и на танчер и скопјанец што жари и пали и во Загреб.Еден период бил избркан од градот и заедно со дружината по загрепските улици им одзема шверцувани часовници на шверцерите (кои ако реагираат јадат и ќутек), а извесно време престојува и во Париз (на специјализација).....

Џвиња е лик од дискотеката во Работнички Дом-новомаалец со уставно име Јордан (под заштита на Ице Стиков-тогашен младински раководител, кој му нашол и трајна работа како портир и курир). Џвиња знаел да дига чалам во Белград скокајќи од конструкцијата над познатиот Савски мост-ласта,а потоа бришејќи ја крвта од градите на очиглед на посматрачите кои не го ни чуле ни знеле кој е овој херој....

Дракче има и историја на раководител по спорт на младинската работна бригада која учествувала на акција во Белград, а патем ми кажува дека е единствениот од дружината што завршил факултет,а учествувал и во акциите за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес. Нерадо се сеќава на епизодата со демолирањето на Хард Рок за што како иницијатор бил обвинет Лули, кој бил вмешан само како водач на обезбедувањето на предизборни митинзи и повикан да ги спречи младите насилници пред дискотеката (не успеал во тоа а одговарал за демолирањето поттикнато од политичка личност што своето учество во власта го условувала со овој чин......

Скоро да заборавивме на мастиката и жолтата,а дојде и чорба-јагнешка и шкембе, како кој милува, што со невиден шарм и леснотија ни ги нуди и не служи „шефицата“ Тања......Ќе се видиме пак, на приказните им нема крај, се дур има кој да ги кажува.....Дракче е неуморен,секогаш расположен за чепкање низ спомените за саканиот град!  

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок