26 Април, 2024
0.0287

Дуковска: Сиромашните не се само статистика

Објавено во: Македонија, Интервјуа 17 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

На светскиот ден за искоренување на сиромаштијата ги анализираме новите социјални реформи како воведувањето на минималната гарантирана помош, новата политика за детски додаток и социјалните дијалог, односно колку државата напредува во извлекување на граѓаните од сиромаштијата. Во Македонија 22% од населението е сиромашно и се соочува со бројни финансиски и социјални предизвици. Билјана Дуковска од Македонска платформа против сиромаштија вели дека е потребно време за да се види ефектот од новите мерки.

Фактор: Денес се одбележува Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата. Што е направено во изминатиот период во поглед на социјалната реформа, за зголемување на социјалната помош, детскиот додаток, гарантирана минимална помош, енергетски додаток и други мерки за помош на социјално ранливи категории?

Дуковска: Оваа година беше многу интензивна од аспект на унапредување на системот за социјална заштита. Конечно заживува социјалната реформа за која се застапувавме повеќе години наназад. Тоа е една обемна акција која ќе бара реформа на сите нивоа на социјалната заштита, но и на доменот вработување, ама се уште е на почетокот за да констатираме дека нејзината функционалност е добра. Она што за Македонската платформа против сиромаштија е клучно е интегрирањето на финансиските помошти, социјалните услуги и активацијата во еден пакет, со што би требало директно и персонализирано да се извлекуваат лицата и семејствата од сиромаштија. Ако треба кратко да издвојам што се случуваше во овие неколку месеци откако се усвои пакетот закони за социјалната реформа, ги истакнувам промените кај гарантираната минимална помош која ја замени социјалната помош, но и внесе повеќе финансии кај најсиромашните семејства (сега основицата изнесува 4.000 денари месечно, а за секој следен полнолетен член на домаќинството основицата се зголемува согласно со пропишана еквивалентна скала); детскиот додаток е зголемен во обем на приматели, па така сега во таа категорија се наоѓаат домаќинствата на кои вкупните просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството не смеат да го надминат износот од 13.800 денари за четиричлено домаќинство и се приматели на гарантирана минимална помош; висината на енергетскиот додаток не е врзана со рефундирање на платени сметки и се исплаќа редовно и во тек се обуки за стручниот кадар кои ќе треба да го спроведе таканареченото управување со случај. Иако има позитивен исчекор, сепак сиромашните граѓани се уште се соочуваат со многу предизвици да си ги остварат правата – од комплетирање на потребната документација, преку исполнување на ригорозни критериуми за да се користи правото, неинформираност за процесите и постапките, блокирани сметки и наплати на извршители.

Фактор: Што очекувате од конференцијата "Сиромашните се луѓе, не статистика!“. Како ќе ги вклучите овие лица и како истите да бидат дел од процесот на носење на одлуки?

Дуковска: Конференцијата за сиромашни и социјално исклучени е традиционален настан со кој ја подигнуваме видливоста за сиромаштијата, по примерот на ваквите конференции организирани од Европската мрежа против сиромаштија и нејзините национални мрежи. Таа е единствена од ваков тип и нејзината порака е дека лицата со искуство во сиромаштија мора да бидат вклучени во процесите на креирање политики кои се однесуваат на нив и самите да кажуваат што им е потребно според експертизата по искуство која ја имаат. Дополнително преку ваквите настани ја проверуваме функционалноста на политиките и црпиме аргументите за застапување пред креаторите на политики. Конкретно, денеска оние кои ќе учествуваат во работата, низ работни групи ќе може да ги кажат своите видувања и да ги сумираат искуствата од почетокот на социјалната реформа, со давање препораки за тоа што да се има во предвид или да се промени или да се унапреди, во и по 2020 година. Како резултат од работата ќе биде подготвена нова Декларација на сиромашни и социјално исклучени лица, која ќе биде доставена до највисоките државни органи и заедно со останатите граѓански организации ќе притискаме истите да бидат преточени низ идните популациони политики. Ваквите настани се следење на работата на државата и проверка дали политиките кои се креираат се отпорни на сиромаштија.


Фактор: Со колкав степен на сиромаштија се соочува Македонија, кои се најголемите предизвици на сиромашните во земјата и во кој правец треба да се делува?

Дуковска: Ви благодарам за ова прашање, најчесто ме прашуваат за бројки и проценти, па некако се подразбира дека сиромаштијата е само една статистичка колона, а не е така. Затоа и оваа година го отвораме #ПовеќеОдБројка, кој треба да сугерира на хетерогеноста, обемност и сложеноста на групата сиромашни. Оттука и предизвиците на сиромашните се многу различни, од недостаток на квалитетна храна, до тешко снаоѓање низ образовниот процес заради нееднакви можности при најраното детство, или неможност за вработување и домување заради дискриминација. Не смее да се изостават проблемите поврзани со недостаток или не постоење на социјални и здравствени услуги кои им се најпотребни на лицата со попреченост, инвалидитет, ретки или хроничи болести. Од друга страна е предизвикот на трансгенерациското пренесување на сиромаштија и тешко напуштање на вкоренети стереотипи на однесување кои ја отежнуваат општествената активација и интеграција. Првиот чекор е да не им лепиме етикети на вина на сиромашните лица, туку да констатираме дека сиромаштијата е последица на лошите политики и недостаток на политичка воља да се најдат решенија. Второ, клучот за надминување на сите овие предизвици е во правилно идентификување на причините за проблемите, интегрираното делување на различни сектори, спроведување на координирани политики и активно вклучување на лицето во процесот.

Фактор: Како ќе го оцените социјалниот дијалог во Македонија, има ли учество на сите засегнати страни?

Дуковска: Вообичаено, трипартитниот социјален дијалог го исклучува граѓанскиот сектор и според мене тоа е голем проблем, особено во време кога довербата во синдикатите не е на високо ниво. За жал нема поврзаност меѓу синдикатите и граѓанските организации и надвор од овој дијалог, што би дало можност за некаква координација на нашите активности. Од друга страна пак среќни сме што во последно време гледаме зголемување на минималната плата што за нас индиректно значи можност за зголемување на висината на правата на парична помош во социјалната заштита. Би сакале наскоро да видиме формирање и вистинска работа на локалните социо економски совети каде што може да бидат вклучени и граѓански организции и секако тоа отвара можност за директно вклучување на сите засегнати страни.

Фактор: Кои се ваши препораки за поттикнување на општествено одговорни практики на приватниот сектор и унапредување на социјалното претприемништво со можност за отворање перспективи и за лица од социјален ризик?

Дуковска: Како што погоре велам, социјалната реформа треба да направи услови за активација на населението кое во изминатиот период било долгорочно невработено или целосно исклучено од пазарот на труд. Јас тука ја гледам улогата на приватниот сектор. Тој мора да покаже подготвеност, покрај со пари тоа да го направи и со услови, за да може да се зголеми опфатот на ранливи категории на граѓани. Па така, очекувам да се вклучат со програми за доквалификација и преквалификација, прилагодување на објектите и средината за лица со попреченост, зајакнување на своите сектори за човечки ресурси за работа со лица кои имаат потреба од психо-социјална порддршка за новото работно место и во нов тим, воведување на менторство за нововработените, итн. Секако, очекувам ова да биде во координација со оперативните планови за вработување и во соработка со Центрите за социјална работа и Центрите за вработување.

Социјалното претприемништво е одлично место за преодната фаза, од неактивно кон работно подготвено лице и тоа треба да биде поддржано да ја игра таа улога. Но не само тоа, социјалното претприемништво е економски модел кој дава придонес кон одржлив и квалитетен економски развој и дава можност за иновативни пристапи кон надминување на постоечките проблеми. Во случајов тоа може да вклучува лица во социјален ризик или да нуди услуги за лицата во социјален ризик, или двете истовремено. Социјалната економија ја гледам и како перспектива за младите и како модел за иднината на работата. 


Х.С.


Можеби ќе ве интересира

ЛЕВИЦА: Ќе изградиме споменик за бранителите од Вејце

ЛЕВИЦА: Ќе изградиме споменик за бранителите од Вејце

ДЕМИРИ: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурaна, менаџментот треба да преземе одговорност

ДЕМИРИ: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурaна, менаџментот треба да преземе одговорност

ВТОР КРУГ: Се спрема ли бојкот?

ВТОР КРУГ: Се спрема ли бојкот?

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

МАСКИРАН СО „ФАНТОМКА“ ВЛЕТАЛ ВО КАЗИНО СО АВТОМАТСКА ПУШКА - украл над 300 илјади денари, еве ги деталите

МАСКИРАН СО „ФАНТОМКА“ ВЛЕТАЛ ВО КАЗИНО СО АВТОМАТСКА ПУШКА - украл над 300 илјади денари, еве ги деталите