Две фирми со 6 вработени од концерти вртат 2 милиони евра годишно!
Објавено во: Економија 13 Септември, 2019
Етаблираната домашна промоторска куќа „Авалон Продукција“ специјализирана за организација на концерти во земјава и регионов лани преку своите две фирми имала приходи од 2 милиони евра
Колку пари има во организацијата на концерти? Прашајте во „Авалон продукција“ долгогодишен етаблиран организатор на концерти во земјава и во регионов.
Официјалните податоци достапни во базата на Централниот регистар на Македонија (ЦРМ) покажуваат дека од оваа дејност може да се заработи простојно ако се знае како да се сработи работата.
Познатата продукција која организира концерти „Авалон“ всушност ја опслужуваат две фирми. Едната се вика „Самоорганизација Букинг“, а другата е „Самоорганизација“. Заедничко им е што и двете се ДООЕЛ – и се регистрирани во скопската општина Центар.
Двете компании заедно лани имале приход што надминува 2 милиони евра, а работеле подобро од 2017 година кога вкупниот приход бил 1,6 милиони евра. Лани „Самоорганизација Букинг“ завршила со добивка од 9.300 евра кои останале како заработка од приходите во износ од 1,8 милиони евра намалени за расходите кои изнесувале 1,79 милиони евра. Фирмата лани вработувала 5 лица.
За разлика од неа „Самоорганизација“ лани работела со загуба од 33.700 евра затоа што расходите биле поголеми од приходите. Тие изнесуваат 254.600 евра, а приходите биле 221.600 евра. Оваа фирма лани вработувала само едно лице.
Интересно е тоа што двете фирми лани си ги замениле улогите во споредба со 2017 година. Така што „Самоорганизација“ во 2017 година работела многу пообемно од „Самоорганизација Букинг“. Нејзините приходи биле 1,56 милиони евра, а расходите изнесувале 1,2 милиони евра. По удирање на цртата добивката била 309.400 евра. Таа година оваа фирма вработувала 6 лица. Во 2017 година „Самоорганизација Букинг“ има приходи од 62.000 евра, расходите биле 58.000 евра, а добивката изнесувала 3.700 евра.
„Авалон Продукција“ е промотерска куќа чии основни дејности се музичко издаваштво и организација на концерти, музички фестивали и други слични настани.Авалон Продукција својата работа ја започнува кога Бобан и Даниел Милошески го организираат првиот концерт на 28 август 1993 година со групата Електрични Оргазам, во Куршумли Ан во Скопје.
Во дваесет и пет години постоење, под логото на Авалон Продукција се издадени 35 музички изданија на регионални изведувачи но и странски лиценцирани изданија. Меѓу изведувачите кои своите албуми ги објавиле за Авалон, се „Леб и Сол“, Тоше Проески, Каролина Гочева, Влатко Стефановски, „Мизар“ и многу други. Сепак, доминантна дејност на Авалон од 2000 година до денес е организација на концерти и букинг на странски изведувачи за територијата на југоисточна Европа.