29 Септември, 2024
0.0244

Две години Владата од банките зајми повеќе пари од целиот приватен сектор заедно!

Објавено во: Анализа 27 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Долгот на Владата во периодот 2012 – 2014 година пораснал за 347,6 милиони евра, а сите фирми во земјава заедно од банките позајмиле 260,2 милиони евра, покажуваат податоците на Централната банка

Централната влада во период од две години (од 31 март 2012 до 31 март 2014 година) кај деловните банки се задолжила повеќе од целиот приватен сектор во земјава, покажуваат официјалните податоци на Народната банка на Република Македонија. Според нивната евиденција централната влада во овој период го зголемила својот долг кон банките за 347,6 милиони евра и тоа е зголемување од 120 отсто во однос на почетната позиција на 31 март 2012 година.

Наспроти централната влада целиот приватен сектор во земјава во овој период од две години се задолжил 260, 2 милиони евра. Во однос на почетната позиција нивниот долг се зголемил за скромни 7,5 отсто. Овој податок многу веројатно укажува на високиот степен на задолженост на македонскиот приватен сектор заради што и деловните банки ја преферираат централната власт за нивните кредитни пласмани. Приватните компании во период од две години (31 мар 2012 година до 31 март 2014 година) од деловните банки во земјава позајмиле 16 милијадри денари (260,2 милиони евра). Наспроти нив централната влада во истиот тој период кај банките се задолжила 21,41 милијарди денари (347,6 милиони евра).

Според достапните податоци централната влада на „останатите депозитни институции“ (н.з. банки и штедилници) им должи 42,47 милијарди денари (689,4 милиони евра) заклучно со 31 март годинава. Споредбата со почетниот период даден во табелата на НБРМ 31 март 2012 година покажува дека тогаш централата влада должела 17, 34 милијарди денари (281,5 милиони евра). Значи за период од две години централната влада го зголемила својот долг кон банките за 21,41 милијарди денари (347,6 милиони евра). Споредбата покажува дека за период од две години го зголемила својот долг кон банките за 123 отсто.

Статистиката на НБРМ покажува дека приватниот сектор должи значајно повеќе пари од централната влада. Можеби заради тоа што новото задолжување на владата во овие две години пораснало за 120 отсто, а на приватните фирми пораснало за само 7,5 отсто. Во бројки владата вкупно на банките им должи околу 690 милиони евра, а приватниот сектор должи 3,8 милијарди евра. Како и да е голем број економски експерти подолго време посочуваат дека владата се задолжува со висок интензитет на домашниот пазар на капитал што пак од друга страна е неповолно за домашните компании кои треба да бидат двигатели на економскиот развој и генератори на новите вработувања. Дури има и економски тези дека превисока е концентрацијата на владините задолжувања до таа мера што им ја нарушува конкурентноста на извозно ориенитираните македонски компании на странските пазари со што им го поскапува капиталот и им ја нарушува конкурентноста. Р.Ф.