Две Македонии
Објавено во: Колумни 02 Април, 2021
Македонската фудбалска репрезентација го победи четирикратниот светски шампион. И тоа во гости! Честитки момци! Не само за резултатот, туку и за играта, борбеноста и пожртвуваноста која ја покажавте на терен. Секогаш кога ја следам македонската репрезентација, во било кој спорт, ми доаѓа мислата: „е ова е Македонија која ја сакам.“ Но Македонија која всушност и е. Тоа е Македонија, таква е Македонија.
Но, тоа е нашата Македонија. Има, две Македонии, драги мои. Едната е нашата, другата е нивната. Нашата е оваа, на репрезентацијата, шарена, разнолика, единствена, компетентна и посветена. Македонија на македонската нација. Македонија на Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби...Другата е онаа нивната, онаа на неспособните, некадарните, на оние кои ја користат Македонија, ја злоупотребуваат и измачуваат, еве веќе 30 години. Таа нивна Македонија е поделена на леви и десни, на партии, на етноси, на племиња, на Албанци и Македонци, на партии... Таа, нивната Македонија е онаа Македонија која нашата Македонија ја држи во заложништво 30 години. Таа, нивната Македонија е Македонија на поделби и раздор со кој нè владеат 30 години. Тоа е Македонија на криминал, корупција и длабока држава. Таа нивна Македонија им треба и на СДСМ и на ДПМНЕ и на ДУИ, затоа што без неа се никој и ништо! Нула! Неспособни криминалци и бедни луѓе! Таа Македонија е подземно дувло, трулеж! Од неа цицаат од нашата Македонија. Нè делат и раскаруваат, додека нè убедуваат дека тоа е за наше добро. Нема леви и десни драги мои, нема ДПМНЕ-СДС-ДУИ, се работи за една иста мафија, за една иста „длабока држава“, длабоко вплетена во криминал, корупција и непотизам. Тоа е нивната Македонија. Тоа е Македонија што ја мразам!
Да ви илустрирам со една метафора. Рековме, нашата е оваа Македонија на репрезентацијата, а нивната, нивната е онаа на ФФМ. Нашата способна, сплотена, единствена во различностите, под една химна и под едно знаме (за симболите, за химната и знамето во следната колумна). Нивната, онаа на ФФМ, со сплетки, интриги, со криминали и корупции, со луѓе кои со фудбалот имаат врска колку јас со нуклеарна физика. Со афери дојдени, со афери владеат. Единствено заинтересирани за тоа што можат да искористат од фудбалот, а не да му дадат. Заинтересирани за чекмеџето, а не са топката. На човекот од нашата Македонија, селекторот Игор Ангеловски, кој ја пласираше репрезентацијата на Европско, ја скокна на ранг листата на ФИФА за скоро 80 места...на тој човек му го продолжуваат договорот со репрезентацијата за само шест месеци! Во ек на квалификации, Пандев е принуден да спори со некој си Муамед Сејдини, претседател на ФФМ и да се наруши атмосферата во репрезентацијата!
Тоа се двете Македонии кои ги живееме триесет и кусур години, драги мои. Нема партиски, етнички, верски разлики: не, на едната страна се олигарсите, криминалците, некадарните, на другата народот. Оној обичниот, чесниот и честит македонски народ кој има талент и потенцијал. Затоа, до сите мои сограѓани, до моите пријатели македонски Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци... сите сме на иста страна – на заебаната! Баталете СДСМ, ВМРО, ДУИ...
После, можеби 20 и кусур години, пред пандемијата бев на конференција во Тетово и бев шокиран! Каков ужасен град, да ми простат Тетовчани! Сообраќаен, инфраструктурен, еколошки хаос. Мириса на чад, загаденост, колони автомобили, куќи, објекти, градби...буквално ви висат над глава...тотално безредие! И се прашувам, ги прашував тогаш и моите тамошни пријатели, македонските Албанци, која е ползата што гласате градоначалник од ДУИ и тоа што градоначалникот е македонски Алабанец, ако не ги решава проблемите за кои по ингеренции е таму да ги решава! Мене би ми било совршено сеедно дали се вика Теута, дали е од ДУИ или од СДСМ, ако мојот град е таква катастрофа. Па нека биде три пати Македонка градоначалничката, нека се вика не Теута, Македонка нека се вика, не да е Македонка, директен потомок на Олимпија, мајката на Александар нека е...ако не ми ги решава проблемите, кој ѓавол ми треба!? Во неколку наврати сум го кажал ова, овде ќе го повторам: ДУИ го имаат извршено најголемиот етноцит во современата историја. Да го држите „сопствениот“ етнос во сиромаштија, незнаење, неразвиеност, економска беда и заостанатост, да ги раселите по белиот свет, за само еден грст партиски членови да ги уживаат привилегиите... не е ништо друго освен етноцид. Најголем непријател на македонските Албанци во Македонија се ДУИ!
Затоа, просто ги молам сите мои сограѓани, да заборават на сите поделби со кои вештачки нè делат за полесно да нè владеат. Не постојат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци...постојат сиромашни и богати. Постојат длабоки центри во чиј скут седат сите досегашни партии и сите механизми на владеење се впрегнати во префрлање на капиталот од едно место на друго. Не прават ништо друго, освен што се пресметуваат меѓу себе.. за грст долари. Ја претворија мојата, нашата Македонија во Елдорадо! Не заборавајте, ве молам дека ние сме на оваа, другата страна. Ние сме фудбалската репрезентација! Тие се ФФМ! И борбата не смее да запре, мора да се избориме за нашата Македонија! Оти нив не им е грижа, дали нивната Македонија ќе ја има! Ние друга немаме!
Трајче Стојанов* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.