Две сестри од Скудриње се затруле од јаглероден моноксид, едната почина
Објавено во: Македонија 04 Ноември, 2016
Девојка на возраст од 21 година Е.М. починала, а нејзината постара сестра се лекува на скопските клиники откако се затруле со јаглероден моноксид во просторијата во која спиеле во селото Скудриње.
Настанот е пријавен вчера, по што екипа на крим полицијата излегла на терен и извршила увид. Двете сестри, спиеле во помошна просторија на семејната куќа, која се затоплувала со печка на дрва. На родителите им станало сомнително што девојките не се разбудени и влегле во просторијата, но тие биле во бесознание.
Нив им е пружена помош во здравствениот дом во Ростуше, а оттука беа препратени за Гостивар, но по патот помладата девојка починала. За животот на Р.М. лекарите успеале да се изборат.
Како дошло до труењето ќе се утврдува со истрага која ја води јавен обвинител од гостиварското обвинителство.