Добивај вести на Viber
Основачот на Викиликс Џулијан Асанж најави дека наскоро ќе ја напушти Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што од 2012 година избегнува екстрадиција во Шведска.
„Можам да потврдам дека наскоро ќе ја напуштам Амбасадата“, рече Асанж на пресконференција заедно со министерот за надворешни работи на Еквадор.
Британските медиуми јавуваат дека причина за одлуката на Асанж да ја напушти „сигурната“ Амбасада е неговата влошена здравствена состојба. Оваа информација тој ниту ја потврдува ниту ја демантира.
На директно прашање за неговото здравје, тој вели дека на секого би влијаел двегодишен престој во затворен простор, без свеж воздух или директна сончева светлина. Според медиумите, пак, тој страда од срцеви проблеми.
Министерот Рикардо Патино, кој седеше до Асанж, повика на меѓународна кампања за ослободување на основачот на Викиликс. „Треба да заврши оваа ситуација. Две години, тоа е навистина предолго. Време е да се ослободи Џулијан Асанж. Ние продолжуваме да му даваме заштита... остануваме на располагање за да разговараме со британската и шведската влада, за да се пронајде решение за ова сериозно кршење на човековите права на Асанж“, рече шефот на еквадорската дипломатија.
Шведска бара од Велика Британија да го испорача 43-годишниот Асанж заради обвиненија за сексуални злоупотреби од две девојки, кои основачот на Викиликс ги негира и ги смета за монтирани случаи против него. Тој се плаши дека доколку и се предаде на шведската полиција за да ја докаже својата невиност, ќе им биде испорачан на САД каде што ќе одговара за објава на стотици илјади тајни владини и воени документи.
Асанж доби статус на глобална икона токму заради објавата на овие тајни документи на Викиликс.