24 Ноември, 2024
0.0308

Едиторијал

Објавено во: Колумни 03 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Обичај е појавата на нов медиум да се проследи со декларирање на намерата на иницијаторите да се впуштат со нов производ во веќе згуснатиот простор на медиуми во земјата. За наша „среќа“, медиумите кои сериозно ги третираат економските проблеми од аспект на пласирање на вести, анализи, коментари, како и пренесување на ставови и мислења на актерите инволвирани во домашните и светските  економски процеси во форма на колумни и интервјуа се исклучиелно ретки или ги нема. Тоа е едниот аспект од мотивот за нашето појавување . Вториот, не помалку битен е во потребата од покомплексно третирање на економските појави и случувања низ призмата на изнаоѓање на оптимален однос меѓу улогата на пазарот и државата во општествено-економскиот развој на земјата. Дведецениската практика покажува дека формално-правно се конституира пазарно стопанство, меѓутоа, се уште сме далеку од пазарно однесување на стопанските субјекти. Општ впечаток е дека во стопанскиот живот доминира државата и на неа се гледа како на најголем „бизнисмен“ во земјата. Очите на голем број менаџери се постојано свртени кон неа. Таа се јавува како главен партнер на бизнисмените во земјата, како да е семоќна. Изостанаа ефектите од очекуваниот развој на претприемништвото, својствено за пазарните стопанства. Претераното ангажирање на државата ги сопира нивните иницијативи. Последиците се познати: висок степен на невработеност и сиромаштија, ниски стапки на раст и тн. и покрај постојаното зголемување на надворешниот долг. Јасно е дека и покрај силната  и недвосмислена определба за развој на пазарно стопанство не се изгради модел според кој на соодветен начин ќе се дозира улогата на пазарот и улогата на државата во функција на остварување на стабилен и задоволителен одржлив развој на земјата. Тоа е задача која треба да се изврши, што побрзо тоа поарно. Со пропаста на државно-планските (антипазарни) системи се покажа неодржливоста на системите во кои државата доминира во стопанскиот живот, а последната финансиска и економска криза во развиените капиталистички земји, исто така, покажа дека не е доволно ниту потпирањето само врз пазарот. Искуствата на земјите со динамичен развој покажуваат дека тие имаат модели на развој во кои државите создаваат  и одржуваат реални и стабилни економски услови за да можат стопанските субјекти да го согледаат својот интерес пред  да се впуштат во покренување на определени стопански активности. Без соодветен модел на избалансиран однос меѓу улогата на пазарот и на државата, на низок степен на развиеност на каков се наоѓа Македонија, макроекономската политика лесно запаѓа, водена од дневно политичките интереси на владејачките партии, во популизам од најпримитивен вид. Додека во развиените земји популизмот се остварува со зафаќање на дел од профитите за да се задоволат потребите на одделни категории од населението, незагрозувајќи ги пазарните услови на стопанисување (противниците, на пример во САД, републиканците, само се жалат дека им се намалува профитот, а со тоа и можностите за развој), кај нас, нагласениот популизам оди дотаму што ги потиснува објективните пазарни законитости. Не се разговара за развојот, ниту за ефектите од него. Често и потребни мерки како на пример, стимулациите во земјоделството и на извозно ориентирано производство не се поврзуваат со развојот. Многу пати слушаме што се се изградило и се гради, но ретко се кажува колку се потрошило и колкава е економската оправданост. Во недостиг на информации слушаме обвинувања за крадење, перење на пари... Изненадувачки е кога ќе се прочита дека банките за првото полугодие од годинава заработиле 10 милиони евра, во контекст како да е тоа резултат на привилегирана ситуација, а притоа заборавивме да размислуваме за профитабилноста во работењето. Ако десетте милиони се половина од минатогодишната добивка, тогаш резултатот од работењето на банките е неповолен, бидејќи минатогодишната стапка на поврат на просечниот капитал во банките изнесуваше само 3,4%. Ако не се променат резултатите, стапката на поврат ќе биде помала. Во макроекономската политика како да се е подредено на обезбедувањето на поддршка (на наредните избори) на носителите на власта. Тоа е така зошто нема развојна статегија. Поточно, нема соодветна на нивото на развиеноста и на меѓународните услови на работење. Со нашата стратегија „ѕидаме“ долгови за задоволување на потрошувачката, а помалку за динамизирање на развојот. А, со неа само се  одржува статус кво на постојната стопанска структура. Крајно време е да се преиспита зошто не може да се динамизира развојот дури и кога долговите растат со побрзо темпо. Зошто, потпирањето врз таков развој е неодржливо. Време е да се разговара истовремено за профитабилноста и социјалата, со цел социјалата јасно да се вгради во економијата, но во обем да не го загрозува развојот. Да, има многу теми за кои вреди да се дебатира. Затоа, добрeдојдовте на Faktor.mk. Покрај интересот што очекуваме дека ќе го предизвикаме со оглед на начинот  и стилот на обработка и пласирањето на вестите, анализите, колумните очекуваме и ваши коментари за се она што ние ќе го објавиме. Впрочем, за документираните факти, коментарите секогаш се слободни.   д-р Крсте Шајноски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.