ЕК: Безвизниот режим за Турци и Косовари го зголемува ризикот од тероризам
Објавено во: Балкан 17 Мај, 2016
Воведувањето на безвизен режим за турските граѓани во Европската унија, како дел од договорот за пренос на мигранти од грчките острови во Турција, ќе ја зголеми опасноста од терористички напади во Европската унија.
„Може да се очекува веднаш штом турските граѓани добијат безвизен режим во ЕУ, странци да преземат обиди да добијат турски пасоши. Таквата можност може да привлече не само илегални мигранти, но и криминалци и терористи“.
Ова се вели во извештај на Европската комисија, извадоци од кој се објавени денеска во британскиот весник Daily Telegraph.
Покрај тоа, според комисијата, турската мафија, која се занимава со шверц на големи количества дрога, секс робинки, оружје и бегалци, може да го прошири своето влијание во Европа.
„Визната либерализација може исто така да има ефект врз незабележан влез на лица од Косово, кои се враќаат од конфликтните зони, каде што се бореа за терористички организации“, пишуваат авторите на извештајот.
Се проценува дека најмалку 300 џихадисти во Сирија и Ирак се Косовски граѓани.
Тоа е најголемиот број по глава на жител во Европа. Според експертите, властите не се во состојба да се справат со екстремистите на своја територија.