ЕК ќе излезе со извештаи за напредок - какви се очекувањата за Македонија?
Објавено во: Македонија 08 Ноември, 2016
Европската комисија утре ќе ги објави најновите прогрес-извештаи за напредокот на земјите-кандидати за членство во Европската унија, при што Република Македонија, како и седум пати претходно, ја очекува нова препорака за отворање на преговорите за членство во ЕУ.
Oсмата препорака на Еврокомисијата за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, овојпат, како и минатата година, ќе биде условена, со тоа што ќе биде потврдена доколку се спроведат фер и демократски предвремени парламентарни избори во земјата на 11 декември, што ќе бидат признаени како кредибилни од страна на меѓународната заедница, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Од Европската комисија одбиваат официјално да коментираат каква ќе биде содржината на предлог-извештајот за оваа година за Македонија, но и за сите останати земји од процесот на проширувањето.
За Македонија, се очекува да се поздрават големиот број на реформи што го приближуваат македонското до европското законодавство, но и да се забележи назадување во однос на владеењето на правото и медиумската состојба во земјата. Комисијата во овој извештај се очекува и официјално да побара продолжување на рокот за поднесување на обвиненија на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) и итно имлпементирање на препораките од бриселскиот експерт Рајнхард Прибе.