29 Април, 2024
0.0586

Економијата е во позитива, ама на вештачко дишење!

Објавено во: Анализа 15 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Нешто повеќе од 2 милијарди евра изнесува Бруто Домашниот Производ во вториот економски квартал. Оптимистички резултати испорача економија – раст од 3,9 отсто на БДП. Најголем пораст е забележан во секторите градежништво од 33,2 отсто,  сообраќај, складирање и врски од 7,5 отсто. Намалување е забележано во секторот хотели и ресторани од 1,2 отсто. Колку е одржлив економскиот раст? Кој е локомотива, а кј вагон за економски раст? Генератор на економскиот раст во вториот квартал е градежништвото, секотор кој е мобилизиран генерално за реализација на проектот “Скопје 2014 та“.  Економистите се согласуваат дека овој бизнис ги амортизира последиците од кризата, но велат дека ефектите не се одржливи. „Градежништвото нема развоен елемент. Тоа дава импулс но еднократен, она што има мултипликационен ефект даваат другите дејности. Градежништвото може да ја стави економијата под вештачко дишење, но во отворени економии како македонската тоа не може да испорача долгорочни и одржливи ефекти“ – вели за „Фактор“ универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров и додава : „За разлика од нас на пример, во американската економија – овој сектор може да даде ефекти затоа што таму градежништвото повлекува и други дејности, односно индустрии. Производство на стакло, челик, керамиди, песок. Ние сето ова го увезуваме “, вели професорот. Kои сектори, каква стапка на економски раст испорачаа : Градежништво    33,2% Сообраќај, складирање и врски  7,5% Рударство и вадење на камен    4,1% Финансискко посредување   1,7% Во вториот економски кавртал, негативна стапка е измерена во секторот хотелиерство од -1,2%. Според бизнисмните, позитивата што ја испорача економијата два квартали по ред е сигнал кој навестува подобра економска година во однос на лани. Сепак дел од стопанствениците, особено од металската индустрија веќе алармираа дека цените на металите се во слободен пад и дека нарачките од странство се заменуваат со „кампањска“ работа. „Цените не се тргнати нагоре подолг период, тие веќе го достугнаа дното. Состојбата е тешка и во регионот. Во Грција се затвори челичара, исто и во Романија. Во челичарницата во соседна Бугарија работи само линијата за производство на бетон. Затоа, ние како бизнис-сектор до Владата доставивме пакет-предлог мерки. Планиравме да ги затвориме погоните во текот на август, но добивме нарачка од Шпанија и од Германија по што го отворивме погонот на Челичарница а сега ќе почне со работа и Валавница. Оваа нарачка е „кампањска“. Генерално, нарачките од странство се во количини што не обезбедуваат издржано производство во континуитет – изјави за “Фактор“ Митко Кочовски од Макстил. За годинава Владата проектираше стапка на економски раст од 2% а како генератор на растот очекува да бидат инвестициите, додека кај јавната потрошувачка предвидува пад. Темпото лазечко – ризиците присутни! Според сегашните параметри, македонскиот Бруто Домашен Производ изнесува само 35 отсто од европскиот просек. Највисока стапка на  раст од 6,1 отсто економијата испорача во 2007 та година. Експертската јавност оценува дека сегашното темпо на раст на БДП  нема да донесе позначајно подобрување на животниот стандард. „Во нормални  услови на стопанисување , значи во услови без криза, објективно можната и потребна стапка на економски растеж на македонската економија би требало да се движи околу 6%-7% годишно, што ќе има влијание врз намалување на заостанувањето на економијата на Македонија во однос на таа на Европската Унија, зголемување на капиталната и вкупната финансиска сила на компаниите и врз постепено подобрување на животниот стандард на населението“ – вели универзитетскиот професор Томе Неновски. Сличен став има и бизнисменот и аналитичар, Венко Глигорв кој неодамна за “Фактор“ изјави : “Секоја стапка над 6% е добра стапка на раст. Бидејќи Македонија има ниска развиеност, оваа стапка треба да биде и двоцифрена или од 10 отсто па нагоре за да се одрази врз вкупната економија. Секако, важно е зголемените стапки на раст да бидат во континуитет од најмалку три години за да има ефект.“ Споредбената анализа на стапките на економски раст укажува на тоа дека од 1993 та година до сега, највисоката стапка на БДП изнесува 6,1 отсто и таа е остварена во 2007 та година. Од аспект на одржливост на стапките на раст, сите овие години се забележуваат големи осцилации и неодржливост. Така на пример, во 1999 та година  е регистриран раст од 4,5 отсто а годината потоа пад на економијата од 4,5 проценти. Сличен тренд се случува во 2008 та година кога е остварен економски раст од 5 проценти за потоа во 2009 та година економијата да влезе во рецесија со – 0,9 % . Експертската јавност и стопанствениците со заедничка оценка дека три фактори го диктираат  курсот на економијата. Прво тоа е јавната потрошувачка, потоа приватните домашни и странски инвестиции и на крајот тука е и уделот на  владините капитални инвестиции. Слабите показатели за економски раст во изминатите години, Владата ги правдаше со економската и финасиската криза во светот и во Европа. Македонската економија, иако трговски зависна од водечките економии во Европа,  според Владата успеа да избегне посериозни последици, односно подлабоки минуси на Бруто Домашниот Произод, додека европските и дел од балкансите економии бележеа негатини стапки на економски раст. Споредбената анализа на стапките на економски раст укажува на тоа дека од 1993 та година до сега, највисоката стапка на БДП изнесува 6,1 отсто и таа е остварена во 2007 та година. Од аспект на одржливост на стапките на раст, сите овие години се забележуваа големи осцилации и неодржливост. Д.А.