Добивај вести на Viber
Според неофицијалните информации до кои дојде Фактор, новиот виртуелен мобилен оператор најверојетнно доминантно ќе нуди роаминг услуги, по принципот на работа на “Z Mobile“ од Косово. Иако името на операторот се чува во тајност, наверојатно се работи за Албафон Македонија.
Нов виртуелен мобилен оператор ќе почне со работа во Македонија, дознава Фактор. Најрано за еден месец операторот најверојатно ќе почне да ги нуди своите услуги на македонските корисници. За сега никој не открива под кој бренд ќе стартува со работа операторот кој на македонскиот пазар ќе ја користи инфраструктурата на Оне. Инволвирани во телекомуникацискиот бизнис во земјава информираат дека новиот виртуелен оператор најверојатно ќе се појави под името Албафон Македонија.
Според неофицијалните информации до кои дојде Фактор, новиот виртуелен мобилен оператор доминантно ќе нуди роаминг услуги, по принципот на работа на “Z Mobile“ од Косово. Кон средината на март Косовската агенција Карота објави и огласи за потребите на новиот виртуелен мобилен оператор за вработување за неколку позиции како маркетинг менаџер, менаџер за продажба, менаџер за call-центарот, менаџер за односи со јавност како и за низа други неопходни работни позиции.
Од Агенцијата за електронски комуникации за Фактор не откриваат кој повикувачки број ќе го има новиот виртуелен оператор, колку броеви ќе му бидат доделени за почеток и какво ќе биде портфолиото на услуги кои ќе им ги нудат на корисниците. Детаљите, како што ни рекоа ќе ги соопштат на официјална конференција за новинари.
Ова не е прв пат кога во јавноста се најавува влез на виртуелен мобилен оператор. Во 2010 година виртуелниот мобилен оператор со холандски капитал ВТИ (World Teleconnect International) на конференција за новинари најави влез на македонскиот телекомуникациски пазар. Тогаш од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) најавија дека ВТИ треба да почне да нуди услуги во мобилната телефонија од 1 јануари 2012 година, а за кратко потоа и во фиксната телефонија. Но, и покрај неколкуте најави за старт, ВТИ се уште не почна со комерцијална работат како што најавуваа. ВТИ Македонија требаше да понуди фиксна и мобилна телефонија и повици преку Интернет. На пазарот требаше да настапи под брендот “Ало“, за што од АЕК доби и 100.000 броеви за обезбедување телефонски услуги.
Што е виртуелен мобилен оператор?
Виртуелните мобилни оператори не градат сопствена инфраструктура, туку ја користат мрежата на другите оператори за да понудат разни услуги.
Виртуелниот оператор може да издава свои СИМ-картички, да поседува сопствен мобилен мрежен код, да склучува договори за користење интернационален роаминг за своите претплатници, да менаџира со доделени серија броеви, како и да обезбедува услуги кои ќе се продаваат под негов сопствен бренд. Наједноставниот начин на кој мобилните оператори можат да работат е да бидат еден вид препродавачи на мрежниот оператор, односно сите технички и административни функции да ги води мрежниот оператор. Другата можност која на виртуелниот оператор му стои на располагање е да ги користи само базните станици (антени) на постоечки оператор, а се останато да прават сами.
Воведувањето на виртуелни мобилни оператори отвора можност за драстично намалување на цената на импулсот, кој го препорачуваат телекомуникациските експерти.
Мобилни виртуелни мрежни оператори функционираат во повеќе земји меѓу кои и Германија, Холандија, Франција, Данска, Велика Британија, Финска, Белгија, Португалија, Австралија и САД.
К.П