29 Септември, 2024
0.0242

Експанзија на „Жито Полог“: Приходите од продажба пораснале за 2,2 милиони евра за три месеци

Објавено во: Анализа 08 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

Компанијата од Тетово значително го зголемува своето пазарно учество, а истовремено со приходите пораснале и оперативните расходи „Жито Полог“ ги зголеми приходите од продажба за 137,2 милиони денари (2,22 милиони евра) или 53,5 отсто за периодот јули-септември во однос на првото полугодие годинава, покажуваат официјалните неревидирани податоци од билансот на успех што компанијата го објави на Македонската берза за хартии од вредност. Силниот раст на приходите од продажба на оваа голема компанија за производство на мелнички, пекарски производи и јајца, беше следен со поголем раст на оперативните расходи и тоа во износ од 142,4 милиони денари (2,31 милиони евра) односно 54,4 отсто во периодот од јули до септември во споредба со расходите од првото полугодие годинава. Заради високиот раст на трошоците за суровини и други материјали компанијата како најголема расходна ставка во третиот квартал годинава бележи загуба од 3,8 милиони денари и ниво на загуба за првите три квартали годинава на вкупен износ од 19,3 милиони денари. Трошоците за суровини и други материјали во периодот јули-септември изнесуваат 104,9 милиони денари што претставува 60,7 отсто од трошоците кои за оваа намена компанијата ги направила во двојно подолг период односно во првите шест месеци годинава. Вкупно, податоците за приходите од продажба и за расходите укажуваат на тоа дека во последниве три месеци оваа компанија значајно го зголемила обемот на работа и дека менаџментот со успех ја зголемува пазарната позиција на тетовската компанија. Доколку тоа била стратегијата тогаш е успешна заради тоа што резултатите се видливи. Сепак во истиот период додека расте продажбата со повисоко темпо растат и трошоците што ги прави компанијата и веројатно тоа треба да биде следниот предизвик на релативно новиот менаџмент на тетовската компанија. Исто така и споредбата на податоците за првите девет месеци годинава со ланските покажуваат зголемување на приходите од продажба, но и на расходите од оперативното работење. Така во првите девет месеци годинава приходите од продажба се 393,5 милиони денари и се за 12 отсто односно за 45 милиони денари повисоки од реализацијата за истиот период лани. На друга страна со поголемо темпо растеле и расходите на компанијата. Во периодот јануари –септември годинава тие изнесуваат 404,2 милиони денари и се за 21 отсто односно за 70 милиони денари повисоки од расходите во истиот период лани. Значи споредбата на растот на приходи од продажба со растот на расходи покажува дека расходите пораснале за 25 милиони денари повеќе од растот на приходите. Најголем раст има кај најголемата расходна ставка - трошокот за суровини и за други материјали. Од целиот раст на расходите од 70 милиони денари, на растот на трошокот за суровини и материјали отпаѓаат 57 милиони денари. Во делот на расходите треба да се спомене и растот на финансиските расходи на компанијата - ставка која е мала и незначителна, но сепак бележи голем процентуален раст. Лани на расходи за камати и заеми во првите девет месеци компанијата платила 0,8 милиони денари, а годинава тој расход изнесува 5,7 милиони денари и трошокот е поголем за 7 пати. Тој трошок бележи значаен раст и во периодот од јули до септември во споредба со првите шест месеци годинава во кои изнесувал 3,75 милиони денари и до крај на септември пораснал за дополнителни 2 милиони денари. „Жито Полог“ е компанија која во изминатите три години во континуитет го зголемува своето пазарно учество. Лани вкупниот приход достигнал 486,76 милиони денари, а годинава компанијата за три квартали има вкупен приход од 395,8 милиони денари. „Жито Полог“ е компанија со релативно окрупнета акционерска структура. Најголем акционер е ЗК „Пелагонија“ со посед на 37,5 отсто од акциите со право на глас пред компанијата О.Т.Е. Инвест ДООЕЛ со 15,4 отсто, велешката прехранбена индустрија „Благој Ѓорев“ има 8,9 отсто и поранешниот директор Драги Митевски има 6,6 отсто, а уште 148 домашни физички лица поседуваат над 29 отсто од акциите на фирмата. Р.Ф.